Страшо АНГЕЛОВСКИ

Бидејќи веќе стана практика секој што ќе се објави за опозиција во државите кои не се дел од западното “демократско“ друштво да биде прикажан како маченик и херој, воопшто и не зачудува номинацијата на белоруската “опозиционерка“ Светлана Тихановска и рускиот “опозиционер“ Алексеј Навални за Нобеловата награда за мир. За разлика од нивните инсталации на Балканот, Заев и Ципрас, со кои светот се посмеа заради “сериозноста“ на нивниот придонес за светскиот мир, овие двајца, инсталирани во Русија и Белорусија, Тихановска и Навални, заради моќта на “режимите“ против кои се борат, “заслужено“ се најдоа меѓу кандидатите.

За нивна жал, нивен сериозен противник за годинешнава награда, ќе бидат “миротворците“ и “хуманитарните“ работници од НАТО. И, бидејќи, според Нобеловиот тестамент, наградата за мир се доделува од 1901 година, на оној кој “ЌЕ ИМА НАПРАВЕНО НАЈМНОГУ ЗА ЗАЕДНИШТВО ПОМЕЃУ НАЦИИТЕ, ЗА УКИНУВАЊЕ ИЛИ НАМАЛУВАЊЕ НА ВЕЌЕ ПОСТОЈНИТЕ ВООРУЖЕНИ СИЛИ И ЗА ЗАЛАГАЊЕ И ПРОПАГИРАЊЕ НА МИРОВНИТЕ КОНГРЕСИ“, не треба да не чуди што на “демократските“ предлагачи токму НАТО им се гледа како најсоодветен лауреат на награда за мир.

Во меѓувреме, шпанскиот дневен весник Ел Паис го објави одговорот на четири странички што НАТО и го испрати на Русија во врска со кризата околу Украина, во кој се вели дека “НАТО не сака конфронтација, но не можеме и не сакаме да остваруваме компромиси кога станува збор за принципите врз кои се темели нашата Алијанса и безбедноста во Европа и северна Америка“ и дека останува политиката на “отворена врата“ на Алијансата.

Тоа ќе рече дека НАТО не отстапува од својата намера за натамошно проширување се’ до границите на Русија и можен прием на Украина во Алијансата врз основа на Повелбата за европска безбедност потпишана на самитот на ОБСЕ во Истанбул во 1999 година. Во Повелбата се формулирани основните права и обврски на земјите – учеснички во поглед на неделивост на безбедноста. Нагласено е правото на секоја држава – членка на слободен избор или менување на начинот на осигурување на својата безбедност, вклучувајќи и сојузнички договори во склад со нивниот развој, како и правото на неутралност. Меѓутоа, во истиот параграф на Повелбата, тоа е директно условено со обврската на секоја држава да не ја јакне својата безбедност на сметка на безбедноста на други. Таму уште стои дека ниту една држава, група на држави или организација не може да има примарна одговорност за одржување на мирот и стабилноста во регионот на ОБСЕ, нити кој било негов дел да го смета за своја сфера на влијание. На самитот на ОБСЕ во Астана, во 2010 година донесена е Декларација со која е потврден таквиот вкупен пакет на “меѓусебно поврзани обврски“.

БРИТАНИЈА – ДЕЖУРЕН “ПРОИЗВЕДУВАЧ“ НА КОНФЛИКТИ

Со напуштањето на ЕУ, Обединетото Кралство тргна по патот на враќање на старите геополитички позиции на своето некогашно глобално царство во кое “сонцето никогаш не заоѓа“. Па така, Лондон низ стратегијата за “Глобална Велика Британија“ се обидува да изгради свое влијание и присуство на сите простори на кои некогаш се протегало царството, потпирајќи се на Комонвелт – от или таканаречената Англосфера, на блиското сојузништво со САД и на голем број формални воени сојузи ширум светот, меѓу кои, секако, најновиот АУКУС. Со тоа, “Глобална Велика Британија“ се враќа на позициите што ги напушти во седумдесеттите години од минатиот век, односно “источно од Суец“. Враќањето на старите империјални рути, истовремено претставува враќање на Обединетото Кралство на светските мориња.

Но, се’ поочигледна станува желбата на Британија за воспоставување свое влијание и во континенталниот дел од светот, или таканаречениот Хартленд, “светската оска“ околу која се движат нештата. Хартленд, на чија западна периферија се наоѓаат Белорусија и Украина.

Па, токму Британија е далеку најгласна во речиси хистеричното тврдење дека Русија подготвува воена инвазија врз Украина, токму нејзините “служби“ се тие кои имаат докази за тоа и, токму Британија е таа која инсистира на натамошно вооружување на Украина. И не само што инсистира, туку и перманентно испорачува оружје во Украина, но и во Полска.

Токму затоа мораме да се потсетиме на 2003 – та и на агресијата на “сојузничките сили“ врз Ирак. Агресија без Резолуција на Обединетите Нации, а изведена единствено врз “доказите“ на британските “служби“ и изјавата на тогашниот британски премиер Тони Блер дека “режимот“ на Садам поседува хемиско, биолошко, атомско и не знам какво оружје. Хистерично обвинувајќи го Ирак, Тони Блер и неговите “служби“ беа директен повод за агресијата и смртта на речиси половина милион жртви. После неколку години се докажаа ваквите лаги поради што и повеќе од половина милион жители на Британија, минатата година, за само еден ден потпишаа петиција да му се одземе титулата Сер, што Тони Блер ја доби од кралицата Елизабета.

Затоа и пишувам дека Британија е дежурниот “произведувач“ на конфликти, САД е главниот промотор, а “миротворците“ од НАТО “изведувачи“ на работите. Оние, номинираните за Нобелова награда за мир. Не случајно, Британија, на крајот на својата ера на светски полицаец, позната како Пакс Британика, повлекувајќи се, секаде оставаше зад себе поделеност и замрзнати конфликти. Такви се примерите на Индија и Пакистан, поделениот Ерусалим, поделениот Кипар…

Денес, заради своите интереси, упорно и хистерично тврдејќи дека Русија подготвува воена агресија врз Украина, со што создава воена психоза кај своите партнери, во игра го става најголемиот влог – светскиот мир. Да се надеваме дека на крајот, наспроти извештаите на британските “служби“, ќе победи вистината и ќе се сочува мирот. Само, се плашам дека после заминувањето на Британија од земјата што ја вооружува, Украина ќе остане поделена. Украинците тоа не го заслужуваат, бидејќи огромниот дел од нив се противи на можната војна што треба да ја водат заради туѓи интереси.

И, иако ситуацијата околу Украина е повеќе од сериозна, да се надеваме дека Нобеловиот комитет нема да ја доделува Нобеловата награда за мир во источна Украина, за да НАТО мора да маршира до таму за да си ја подигне.