Алдо КЛИМАН

Мил мој народе, еднаш се живеЕ. Зошто да не бидеме среќни во овој единствен наш живот? Зошто да бидеме несреќни во својата сопствена Татковина? Зошто да не бидеме среќни и слободни во својата слободна и среќна татковина Македонија?!

Ајде да си ја вратиме Македонија дома! Онаа Македонија на нормални, чесни луѓе, каква што си ја имавме, Македонија на непоткуплива и достоинствена правда, Македонија на целосна смисла и разумен поредок на нештата, онаа Македонија обединета во човечноста и во радоста на хармоничната коегзистенција на различности. Македонија на вистинските хуманистички вредности. Македонија која беше нашата најголема Љубов, наша Гордост и наша Убавина.

Ја имавме таа преубава, таа топла земја, таа наша прекрасна родокрајна Мајка. Но дозволивме безочно да ја силуваат никаквеци и да нѐ уверуваат дека така требало да биде, и оти тоа го прават во име на некој неизмерно голем цивилизациски идеал, во име на некоја имагинарна, виртуелна иднина-недојдина, заради која таа треба да се фрли под нозе, да се изгази, и засекогаш да се избришат и нејзиното и нашето минато и нејзината сегашност.

Не, мили мои, не постои на светов таква иднина поради која би смееле и да помислиме да се откажеме од својата света мајчичка Македонија, од нашата вековна родилка и хранителка, и бедно да ѝ го свртиме грбот. Нашата жална Македонија, еве, денес, стои на последниот судбоносен историски крстопат, вчудовидена нашата маченица, што нејзините родени чеда што ги однишала во својата мајчинска прегратка, ги кренала на нозе подарувајќи им го своето големо, своето свето македонско име, дозволуваат толку немилосрдно да ја гнетат, да ја газат, пред нивни очи да ја силуваат, да ја понижуваат, да ја убавиваат најобични мафијаши и грабежливи туѓински силуватели и бедни домашни изроди, кои, со сета своја внатрешна празнина и безначајност, живеат само од своето бедно денес до своето уште победно утре.

Ајде да си ја вратиме Македонија дома! Таа му припаѓа на нејзиниот чист, невин народ, на кој навистина веќе му е доста од сите овие неподносливи омрази и сурови бесмислени поделби, што како најсмртен отров меѓу нас подмолно ги расфрла сал една ракатка ужасно опасни гангстери и подеднакво опасни и безмилосни, неморални политички шпекуланти и продадени души, кои покажаа дека се апсолутно во состојба, без да им трепне окото, за своите најегоистични мизерни интереси веднаш, на најгруб начин, да го поништат секое цивилизациско добро и секоја благородна, хуманистичка и историска вредност за чие создавање биле потребни векови и векови духовни и интелектуални напори, и неизмерен, тежок човечки труд и саможртва на генерации и генерации луѓе.

Ајде да си ја вратиме Македонија дома! Сега и веднаш! И нека во тоа не ни понедостига најголема доблест и најголема човечка храброст тоа бескомпромисно да го избориме до крај, зашто ѕвериштата, овие сурови туѓински и домашни ѕверишта што ни ја грабнаа и што пред наши очи ја растргнуваат, нема со лесно да ни ја вратат во нашата синовска и ќеркинска прегратка. Нашата единствена мајчичка Македонија тоа го заслужува со трепетот на секој свој дамар, и таа тоа го очекува од нас. Ајде сите заедно цврсто да си ја гушнеме и да ја тргнеме од овој страшен злосторнички крстопат, од ова страшно, немилосрдно невреме и распаќе, на кое туѓинците, скородојденците, квислинзите и криминалците насекаде наоколу разместија толку шарени патокази што водат кон Никаде, и да си ја однесеме дома, нашето македонско дома, во татковинската сигурност и во реалноста на Љубовта што таа од нас бескрајно ја заслужува.