Јованка КЕПЕСКА

Прагматизмот и инструментализмот е современата одлика на општествената политика во Македонија. Тоа е приодот при кој секојдневието е оперативно претставено. Оправдувајќи дека реалното е ектуелно. Но несреќата е во тоа што со оперативниот приод кон денешницата се пројавува испразнетата присутност во денешното време.

На таков начин се развиваат односите и се вршат работите внатре во земјата но се одвиваат и релациите со соседите. Надворешната политика се сведува на потези необмислени и без почитување на сознанијата. Дури и не се поседуваат сознанија. Толку пати се покажа тоа. Се оправдуваат политичките дејствија како неопходни. А, всушност, се одвива активизам заради активизам. Во име на нашето пристапување за членка на ЕУ без оглед на последиците по македонскиот народ и Македонија од преземените обврски. А отсуствува претпазливост и оградување при преземањето на одговорностите.

Нема никакви, а камоли соодветни одговори, на политиката на Бугарија која, очигледно, има претензија да постигне постепено цели на повеќе нивоа. Познато е првото ниво на целите – со директен притисок, преку ветото за прием во ЕУ Македонија, нашата земја да се натера на невозможни отстапки какви што се откажување на идентитетот на македонскиот народ (кој „бил бугарски до 1944 год“) и со откажување на посебноста на македонскиот јазик (претставен како уставен).

Второто ниво на поставени цели од страна на Бугарија е Македонија да се услови да прифати конкретни отстапки какви што се внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија како конститутивен народ, заедничкото славење на денот на раѓањето на Гоце Делчев и други отстапки кои се бараат преку Комисијата за историја. А вистинската намера на Бугарија, или како трето ниво на цели, а фактички вистинската претензија, е да се инфилтрира бугарското чувство (бугарштината) во македонскиот народ, во еден продолжителен процес. И како долгорочна цел за идно дефинитивно решавање на судбината на Македонија и во политичка смисла.

И таквите барања иако целосно излегуваат од рамките на Договорот за добрососедство на Бугарија не ѝ сметаат. Напротив сите последни политички потези од бугарска страна со ништо не ги ограничува во ваквата намера во однос на македонството и Македонија. При што претензии можат да се јават и преку економската, инфраструктурната, културната соработка заради што и тие треба да се погледнат низ оваа призма на гледање и да се проследуваат ваквите настојувања како недозволени и агресивни.

А не за било какви отстапки за кои не може да стане збор во ниеден случај.

Оперативноста во политиката, во вакумот на вистинската општествената ориентација, се шири на ваков неприфатлив начин, во Македонија. Ако во комунистичкиот период беше нарушена релацијата свест – реална состојба на животот, внесувајќи во битието идеолошка свест, што го парализираше развитокот на општеството, ваквиот преод кон оперативност за Македонија е другата крајност, од струења однадвор, како лошо продолжение и лоша замена за постојната неделотворност. А сме во ерата на научно-технолошкиот развој при што се наметнуваат други многу значајни димензии во општественото живеење. Како што е дефиниран и поинаков однос при донесувањето и реализацијата на решенијата за општеството. Се користи стекнато општо знаење, еднакво како и сознанието од директната релација со стварноста и конкретниот момент или отвореност кон дадениот момент на ситуацијата.

Напротив нашата политиката произлегува од сфаќањето на поимот интелектуален како способност за оперативност, за создавање кое се изедначува со деловност, како произведување на предмети. При што интелектуалецот, како оперативен човек на денешницата, на минатото и на иднината гледа како на нешто неактуелно. Како што, истовремено, се појдува со пристапот дека на волјата на неговиот чин не може ништо да му се отргне што постои и дека сé мора да му служи.

Таквата суштина се пренесува на севкупната состојба на свеста во земјата. А логиката, естетиката и етиката од своја страна, и на свој начин, ја продлабочуваат поврзаноста на човекот за оперативната сегашност. Тие всушност се во служба на опертивноста. Логиката како модерна логистика е инструментална логика затоа што мислата претставува средство за етаблирање со сите средства. Естетиката го истражува уметничкото дело како средство на доживување и за соопштување на чувства. Етиката ја истражува вредноста на животот онаков каков што, и, според чинот, потребно е да опстои. Таа ги открива правилата што ја регулираат животната организација.

Сé на сé, една непродуктивна и штетна политика за Македонија поради необмисленоста за последиците од преземените обврски!