Страшо АНГЕЛОВСКИ
Многу често, во последно време, од новинари, политичари, аналитичари и којгоде “повикани“ да зборуваат и пишуваат за глобалните случувања во светот, слушаме и читаме како Европската Унија е во криза, како се распаѓа нејзината економија, како ќе биде најголемата жртва од војната во Украина, како…
Притоа, за жал, малкумина прават разлика меѓу Европската Унија, како наддржава, како чисто политичка структура надредена на суверените европски држави кои ја сочинуваат, од една страна и, европските држави со сопствена политичка, економска, стопанска и секаква структура, што би требало да го претставува нивниот суверенитет, од друга страна.
И, станува повеќе од јасно дека токму Европската Унија не само што не слабее и не се распаѓа, туку, како чисто политичка структура потребна на либералниот глобализам за да владее со европскиот континент, се дува како шарен балон и, станува се’ помоќна и поактивна. Политичка структура составена од инсталирани политичари присобрани преку разни американски тинк – тенкови и “школи“ за млади лидери, каде празните лејки им ги полнат со фрази, кои овие, потоа, до смрт ги повторуваат.
Наспроти се’ поголемата моќ на европската наддржава, која полека но сигурно, токму заради инсталираните кореврократи (корумпирани европски бирократи), станува педесет и првата ѕвезда на знамето на САД, европските држави со кои таа владее, а кои се раководени од истите тинк-тенковски кадри, стануваат се’ понемоќни, се’ послаби, со се’ послаба економија, со стопанство кое се распаѓа… па, токму тие, европските држави ќе бидат најголемата жртва на војната во Украина. Се разбира, доколку продолжат да бидат раководени од празните “лејки“, наполнети со фрази во некоја “школа“ за млади лидери. А потоа, по нивниот распад, Европската Унија ќе ги преземе сите ингеренции на националните држави и, од еден центар, од Брисел, ќе се раководи со европскиот континент.
Затоа, грешка е кога ќе ви речат дека САД сакаат слаба или распадната ЕУ и затоа ја финансираат и завлекуваат војната во Украина. Напротив, САД, како најистурен играч на либералниот (западнокомунистички) глобализам, односно, современ колонијализам, веќе со децении работат на ослабување и распаѓање на европските држави и нивно сместување во една наддржава – ЕУ, раководена од центарот на глобализацијата и современиот колонијализам.
Можеби сега станува јасно зошто Велика Британија, која со САД функционира како две души во едно тело, со итање го напушти заедничкиот дом, ЕУ, а патем, на сите, вклучително и нам, ни соли памет за потребата од влез во таа иста ЕУ. Станува јасно дека излезе за да ја избегне судбината на губење на сопствениот суверенитет и постоење.
ОД ЈАНУКОВИЧ, ПРЕКУ ГРУЕВСКИ И ЕРДОГАН, ДО ТРАМП И ДОДИК
За да биде остварена целта за уништување на европските држави и нивно претопување во наддржавата ЕУ, современите колонијалисти започнаа со ликвидација на сите државни раководства кои барем мирисаа на патриотизам и суверенизам.
Па тие, кои се денес загрижени за судбината на легално избраниот претседател на Нигер, кој е насилно симнат од власта, забораваат како Викторија Нуланд им делеше крофни на плоштадот Мајдан во Киев, токму на оние кои насилно го уриваа легално избраниот претседател на Украина Виктор Јанукович, во 2014-та. Забораваат како со нивна помош се уриваше владата на легално избраниот Груевски и се палеше канцеларијата на легално избраниот Иванов, заради насилна промена на власта. Забораваат на обидот за државен удар и физичка ликвидација на легално избраниот претседател на Турција, Ердоган.
Денес, пак, со променета тактика ја играат истата игра, продолжувајќи го “демократскиот лов на вештерки“, покренуваат судски процеси против оние кои им пречат во намерата да загосподарат со светот. Го влечкаат по судовите поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како најголема закана за преземање на власта на изборите што треба да се одржат догодина и, почнуваат судски процеси против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, како последна пречка во нивниот обид да го поништат Дејтонскиот договор и да го загреат “босанскиот лонец“.
НАЦИЗАМ И НАЦИОНАЛИЗАМ ЗА НИВНИ ПОТРЕБИ
За жал, онаму каде што е потребно, современите колонизатори не само што не го “убиваат“ патриотизмот и суверенизмот, туку одат во другата крајност – го поттикнуваат нацизмот и национализмот. Па така, во Украина, инсталирајќи го Зеленски, го повампирија нацизмот до невидени размери во обидот да ја поразат Русија, а на Косово, инсталирајќи го директно од улица во владините простории Албин Курти, го разгоруваат албанскиот национализам заради немири на таканаречениот Западен Балкан.
Провокациите кои веќе подолго време ги спроведува во односот кон Република Србија сакајќи да испровоцира воен судир, сега ги поместува и во Македонија. Владата на Република Србија, заради политичка мудрост и трпение, успешно се справува, барем засега, со национализмот на Курти и неговите се’ позачестени провокации.
За жал, бидејќи Република Македонија има Влада чиј опстој зависи единствено од добрата волја на политичките партии на Албанците кои партиципираат во неа, Македонија е мекиот стомак на Балканот каде што Курти може да прави што сака.
И, бидејќи станува се’ поочигледно дека оваа и ваква Влада не само што нема капацитет да ја води државата, туку се повеќе станува активен играч во албанските големодржавни игри, час поскоро мора да си поднесе оставка, да се оди на предвремени избори и да се состави Влада која ќе ги штити националните и државните интереси.
Зашто, со секој изгубен час, паѓа по едно камче од мозаикот наречен Македонија.
(авторот е претседател на МААК)