Дарко ЈАНЕВСКИ

Бујар Османи се надмина себеси со таблата и кредата. Но, еве да прифатиме дека тоа што тој нам, учениците, ни го црташе, е така и дека Бугарија нема да може да не блокира за историските прашања. Иако ние, недоветни како што не дал Господ, а со право оценил Османи па видел дека има потреба да ни црта, тешко учиме и уште потешко сфаќаме.

Но, еве, нека му биде на Османи – Бугарија нема да не блокира за историските прашања. Во тој случај, проблемот е со едноставно решение: повлечете ги македонските членови од Комисијата за историски прашања на чело со Драги Ѓоргиев! Ако е така како Османи ни црташе, тогаш од преговори за историјата едноставно нема потреба. Значи, повлечете ги Ѓоргиев и неговите пајташи да не ни трошат пари за џабе и јавноста ќе се смири. Толку е едноставно.

Да не остане покусо, и Ковачевски вели дека немало да има други услови од Бугарија. Само старите, оние што се во преговарачката рамка. А таму е Договорот, а во Договорот е заедничката историја. Што значи дека Таче не прави ништо друго освен што спинува и се обидува да не направи глупави.

Е, сега, ако гледате од нивна страна, ако Османи и Таче се во право, ќе испадне бадијала што Пендаровски го прогласи Гоце Делчев за Бугарин (тие историчари што му го рекле тоа нека повелат да ни се претстават), бадијала беше трчањето по внукот на Гоце, Христо, кој исто не убедуваше дека пра-чичко му бил Бугарин, бадијала е всушност и делот од самиот Договор меѓу Заев и Борисов во кој се зборува за заедничка историја, бадијала е и писмото што МПЦ по налог на Црпе од муртинската нива го прати до Бугарската црква молејќи ја да и биде мајка… Се се сведува само на едно – тогаш нема потреба од преговори за историјата бидејќи Османи тврди дека не можат да не блокираат за историски прашања, па нема менување на учебниците според бугарска желба и со тоа нема проблем. Зар не, Ковачевски?

Во меѓувреме, читам дека Фидел Кастро и Че Гевара, откако успешно ја завршија Шарената револуција по кубански рецепт, заминале на одмор во Хургада. Што е во ред. Ама не во ред што некој го спомнал тоа. Па се побунија неговите соборци-револуционери зошто некој воопшто се дрзнал да се занимава со Кастро и Че Гевера. Зашто редно е лидерите на една, па друга, па трета… револуција да се одморат малку. Од револуцијата. Зашто знаете дека таа ако не е одморна, ги јаде своите деца. Е, па откако лидерите ќе се одморат, на есен, добро одморени, ќе ни кренат нова револуција. Оти по жешката зима, жешката пролет и жешкото лето, добро ќе ни дојде и жешка есен.

Проблем е само што, ако за ова дознае, може да се налути Енвер Хоџа. Кој на времето исто одеше во Египет на одмор. Заедно со работничката класа на Албанија. Но, зошто, побогу другар Кастро во Хургада, кога може во Саранда? Или во Валона. Па сите заедно да ја договорат новата револуционерна стратегија. За Македонија, но и за Албанија. Оти и во Албанија две третини од луѓето не можеле да отидат на одмор, иако за разлика од нас, тие имаат „наше море“. Ама, какви две третини, тоа е лага, три четвртии од Албанците да ти биле!

Но, тие за премиер имаат уметник кој не е револуционер и не разбира дека и сиромашните политичари плус обичната раја, треба да одат на море. Нашиов Таче не е уметник и не ги гледа работите од таа перспектива, па затоа кај нас сиромаштијата, која за добро на народот сиромаштува занимавајќи се со политика, оди на одмор, а кај нив не. Но, бидејќи сме браќа, и бидејќи секоја револуција има потреба да се шири, не е фер ние нашата да ја кренеме само на македонска територија. Треба да ја извеземе и во Албанија. Што ќе го смири Енвер Хоџа.

Не знам кај ќе одат на одмор другите револуционери-политичари од Северна. Оние што ќе не внесуваат во Европа, значи оние што ЕУ ја имаат истетовирано така како што Тамара ги истетовира Гоце и Јане откако „случајно“ ја утна химната, веројатно на „Черно Море“, како уште еден доказ за нашето пријателство со Бугарија која немало да не блокира заради историјата, според бајките на Бујар и Таче. Оние другите – комитите, навистина немам поим. Веројатно на планина. Ама, пак, зошто и тие да не отидат до Хургада? Оти еве цела тајфа од Македонија, која наликува на тајфата што му аплаудираше на Филипче и дежураше на ФБ да не некој напише нешто против него, се пушти во убедување дека тоа и не е толку скапо и дека луѓето, по се што сторија за Македонија, заслужуваат да отидат на одмор подалеку од Дојран. Каде што би требало да им се дозволи, на сите заедно, единствено да стојат кај трските, да плескаат по вода со рацете и да пазат да не излезе некоја водна змија и да ги уплаши децата.

Е, сега, ова последново го велат злобници кои мислат дека не е пристојно кога државата е во ваква ситуација, тие што се на државна цицка (како оние од факултетите што сe отворени во време на омразените Грујо и Џоле Иванов чија канцелaрија ја палеа), да одат било каде, ама знаете како е – злобници секогаш имало и ќе има. Тоа се неисполнети луѓе за разлика од оваа интелектуално-политичка елита која е некаде на десетилјадно место во светов и која заслужува, за разлика од нашиве европскиве политичари како Таче, да оди на Црвено, а не на „Черно“ Море.

Тоа што оние две третини немаат ни за до Дојран, а Охрид за нив одамна е Дубровник, тоа си е нивна вина. Никој не им е крив што не ги бива и затоа најдобро е да се иселат. Како на пример, во Германија, каде бараат такви што не ги бива. Да кажеме од лекарската фела, медицински сестри и сите други од таа област кои преку „Мој термин“ си закажаа можен протест за платите во септември. Што е секако подобро од термин кој еден наш сограѓанин во јули го добил за интервенција за крајот на октомври.

Така што не им обрнувајте внимание на злобниците. Тие секогаш ќе бидат такви: му завидуваа на Заев, му завидуваат на Ковачевски, му завидуваат на Ахмети, им завидуваа на комитите кои станаа милионери додека рајата дишеше на шкрги, сега им завидуваат на Кастро и Че Гевера…

Инаку, додека ова се случува, пензионери кои не го чуле Таче дека куповната моќ им ја зголемил за 30 отсто, а пензиите за 46 отсто (мајтапјчија овој „кумановац“ кој ни е премиер) во Прилеп протестираат на протест кој никого не го интересира, зашто добија процентуално покачување на пензиите од 6 отсто, па некои ќе добијат 500 денари плус, други 4-5000 денари. Протестираат барајќи линеарно зголемување на пензиите, со што сите ќе добијат еднакво. Па, да можат и тие да отидат на одмор. Во базен, ама каде ќе можат само да се сончаат, а капење идната година кога ќе им пуштат вода.

Патем, не знам дали знаете ама во Македонија има барем 100 000 пензионери чија пензија е околу 13 000 денари. Ама за нив ќе се бориме друг пат. Во некое друго жешко лето. Зашто ова лето се зафатени со трошењето на оние 46 отсто поголема пензија и 30 отсто поголема куповната моќ со кои денеска се пофалија Таче и СДСМ.