Од почетокот на владеењето на Бил Клинтон,продолжувајќи со најнеспособниот американски претседател, Барак Обама,во САД и во целиот свет започна инсталирањето на неолибералните алатки за глобално владеење со светот. И,колку и да изгледа парадоксално,токму основачите на најкрупните, мултинационални компании и сопствениците на најмоќните компании од военоиндустрискиот комплекс, кои, според старите стандарди на идеолошките поделби би требало да бидат најтврдата десна политичка опција, која, на пример, во триесеттите години од минатиот век, го финансираше десниот фашизам, беа тие кои, свесни дека постоењето на националните држави и националните економии се последните пречки во нивната нескротлива желба за целосно, глобално финансиско владеење со планетата земја, ги инсталираа овие неолиберални алатки,како алатки на денешниот лев фашизам.

Значи,се започна со инсталирањето на досега најантицивилизациската администрација во историјата на САД, онаа на Бил Клинтон, за да продолжи со инсталирање на корумпирано-неолиберални влади во државите од “старата“ Европска Унија,со инсталирање на Горбачов и Елцин во Советскиот Сојуз и Руската Федерација, па се до марионетските влади во земјите од источна Европа, кои наскоро, според планот, станаа новите земји членки на ЕУ и НАТО. Притоа, се форсираа левите политички партии, оние од европското социјалистичко семејство и контролираната десница на партиите членки на Европската народна партија. Така, САД и Европската Унија, со Брисел, како корумпирано бирократски неолиберално отуѓен центар на моќ, беа окупирани од вешто исплетената мрежа од леви и контролирани, граѓанско десни партии управувани од еден ист центар, од измислени, исфорсирани и штедро финансирани невладини организации насочени против традиционалните вредности и од неолибералните медиуми,кои како средновековна инквизиција го држат светското јавно мислење во медиумски мрак,ширејќи конструирана, лажна вистина, со која се сатанизира се што не оди во прилог на монструозниот план за зомбирање на човештвото заради управување со светот од еден центар – оној на најкрупниот капитал.

За таа цел, најпрво мораше да се уништи се што пројавуваше макар и малку моќ за да се спротивстави на овој монструозен план. Најпрво се растури Варшавскиот пакт, па Советскиот Сојуз, па во Руската Федерација се инсталираше Борис Елцин, човек  чиј, на пример, изборен штаб го водеа американски “експерти“ за пропаганда. Истото,како обид за растурање,се случи и во Кина, но таму, растурањето на државата беше спречено со испровоцираните немири на Тиен Ан Мен. Потоа, домино ефектот на растурање ги зафати сите европски држави кои беа таргетирани за влез, пред се во НАТО, а потоа и во ЕУ. Некои, како дотогашната СФРЈ, беа растурени низ крвави војни, некои со свилени, меки револуции, се додека во нив не се инсталираа влади слепо послушни на центарот на неолиберална моќ. Влади, кои своите држави ги направија нефункционални и зависни од надворешните влијанија. Последни во оваа низа се Украина и Македонија.

Низ годините што следеа, мнозинството од нив, со политички одлуки, а некаде и со страотни притисоци (пример Црна Гора),беа втурнувани во членство во НАТО,во ЕУ, или во обата сојузи. Со тоа, на сите нив им беше одземен суверенитетот до степен на обезличување, што не им пречеше на инсталираните квислинзи бидејќи беа богато наградувани, а, што, преку инквизициските медиуми беше претставувано како врвно достигнување. Па така, жителите на овие држави, како впрочем и на Македонија, почнаа да веруваат во папагалски повторуваните тези дека ЕУ и НАТО се единствената алтернатива и дека, дури, замислете, тоа е, всушност, нивен вековен стремеж. Сите тие веќе станаа постојани членки, а некои, како нас, “стратегиски“ партнери на НАТО, што би било повеќе од смешно кога не би било и тажно и карикатурално, во исто време. Имено, држава во која министерката за одбрана со воени почести дочекува еден шлепер со гуми за воените возила,се претставува како еден од најважните стратегиски партнери на најмоќната военоагресорска организација во светот.

Меѓутоа, вистинскиот напредок во својот антицивилизациски поход, центарот за неолиберална глобализација го доживува дури откако во речиси сите европски држави успеа да воспостави контролирани граѓанско десни партии и лидери, од кои, најважна беше госпоѓата Ангела Меркел. Преку неа и влијателната ЦДУ се контролираше Европската народна партија, а од таму се контролираа и им се даваа насоки за дејствување на сите “сестрински“ партии. Истовремено, сите пројави на суверенистички политики за зачувување на националните држави и економии, за зачувување на традиционалните вредности, како бракот единствено меѓу маж и жена, како битката против хомосексуалноста и дрогата, како заштита на државата од нелегални мигранти, беа сатанизирани како нешто екстремно, радикално и спротивно на “европските демократски“ вредности. Па,ќе се сетите, години наназад, за левите партии, за контролираната граѓанска десница, за измислените и штедро финансирани невладини организации и за неолибералните медиуми, најголема закана станаа токму идеолозите на суверенизмот, од Путин,преку Јерг Хајдер кого и физички го ликвидираа, преку Ердоган, Орбан, Ле Пен, Салвини,Трамп…

Тие,неолибералните злосторници, свесни дека пролетта 2019 доаѓаат изборите за Европскиот парламент на кои треба да биде урната нивната злосторничка конструкција, направија се, преку неприродна коалиција со левите партии, да ја одржат на власт во Германија Ангела Меркел, како симбол и предводник за изборите на контролираната граѓанска десница на Европската народна партија. Истовремено, со помош на контролираната француска десница, сторија се да ја спречат победата на суверенистот Марин Ле Пен на претседателските избори во Франција и да го инсталираат Емануел Макрон, како симбол и предводник за изборите на европските социјалисти.

За нивна несреќа, а за среќа на целото нормално човештво, револуцијата на суверенистите беше веќе започната со победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. И, иако сторија се што можат, од лажни конструкции за руските врски на Трамп, до п одметнување сведоци за негова сексуална злоупотреба, преку шарена револуција против него низ целиот свет, па се до нечовечко одвлекување на илјадници емигранти на јужната граница на САД, Трамп ја започна демонтажата на “длабоката држава“. Истовремено, неолибералниот Франкенштајн, почна да трпи удари и на тлото на Европа – од британскиот Брегзит, преку неприфаќањето на квоти за мигранти од Вишеградската четворка, од полското и унгарското противење, италијанското противење на централизираните одлуки, до почетокот на суверенистичката револуција во Париз.

Револуцијата на суверенистите си доби име – “револуција на жолтите елеци“. И не случајно прв на удар е токму Емануел Макрон, симболот на неолибералното зло, чиј пад е неминовен, но пад кој ќе биде заеднички со втората страна на истата паричка, падот на Ангела Меркел, која веќе и не е лидер на сопствената партија. Револуцијата која веќе се шири низ Европа, која веќе ги зафати и Белгија и Холандија, која ќе се прошири низ цела Европа, својата победа ќе ја има кога “жолтите елеци“ ќе ја преплават Германија, што ќе се случи многу скоро заради заштита на државата од мигрантското уништување.

Ние,Македонците, денес добиваме историска шанса да се придружиме на светската револуција на “жолтите елеци“, на идеологијата на суверенизмот, токму во одбрана на најсветото доведено во прашање – суверенитетот на државата и постоењето на народот. Да се придружиме на суверенистичката револуција во уривање на лажните вредности и лажните корумпирани неолиберални, евробирократски “големини“. На оние безначајни запчаничиња во монструозната неолиберална машинерија од типот на Могерини, Хан, Јункер, Туск, Дол, Пак… без разлика на нивната лева или десна одглумена провиниенција, бидејќи не е далеку денот кога новата десница, суверенистичката десница ќе владее со светот.

Е, тогаш, конечно мора да ни стане јасно дека нашето место е во Европа, Европа прочистена од лажните неолиберални вредности насочени кон уништување на младината, на семејството, на државите. Европа како сојуз на суверени држави со една заедничка цел – мир и благосостојба на сите рамноправни европски народи.

Ова е време на револуции. Ова е наше време, време на сите кои сакаат мир, еднаквост, рамноправност, на сите кои ја сакаат Македонија како суверена, самостојна и независна држава во семејството на суверени европски држави. А времето е како вода и истекува неповратно низ прсти. Да го фатиме мигот, да го фатиме времето, да не му дадеме да протече покрај нас. Да го искористиме ова време на револуции.

Страшо Ангеловски, авторот е претседател на МААК