Кој од меч живее, од меч и умира… Вака барем вели старата поговорка, а старите, тие да не ти биле будали. Иако, некои билмези сесрдно сакаат да не убедат дека биле, а не биле ни Македонци и не живееле во Македонија.

А што бива со оние кои направија кариери со „бомби“ и други, слични глупоштини? Велат, сега истите многу „шупотеле“ дека тоа не било на арно. Е па, драги мои, ако одиме по вековното искуство на старите, редно е со исти такви квази-експлозивни направии и да ги снема од политичката ни сцена. Би било добро, за добробитта на државата и нацијата, но и за нивно, да не се срамат повеќе со своите евтини идиотштини. Е сега, прашањето е дали „чадорот“ кој толку великодушно ги обезбеди првите, ќе се потруди и да ги снема овие вторите? Во ова време на интернет, тешко. И некој во Зимбабве да ги објави, пораката ќе стигне. Не дека нема да се обидат де…

Мане Јаковлески, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, ни најави дека наскоро ќе бидеме сведоци на нова бомбашка серија. Овој пат, за жал на чедата кои ги исползуваа првите за да дојдат до толку посакуваната им власт (иако, реално не ни дојдоа и победија на избори, туку ги наместија) бомбите од пријателска, соседна земја, ќе биле против нив и, за промена, конечно ќе треба го слушнеме милозвучниот глас на Заев . Она кога зборуваше со ќерка му и со новинарката, некако, не ми делуваше убедливо. Преседанот и онака го создадоа самите, така што, би било фер да го кркаат по истиот, проверен рецепт.

Уште посаглам, сега, барем според најавата, наскоро ќе слушаме како најизвиканото социјалдемократско чедо опортунистички се пазари за исполнување на зададената му мисија. Нема тенкови, топлици, тендери, талири, Титаници и други глупоштини на „Т“. Само чисто, јасно и едноставно продавање на државата. Да, случајов ќе биде на „М“ – Македонија. Оти, за неа и се работи, нејсе што ниетот на непрокопсаниците е да биде на „С“.

И во момент кога Македонецот со нетрпение чека да го чуе пазарот на ЗЗ и за која сума се договорил да не продаде, комплексите на побратимите му по северотопија излегоа на виделина. Така, еден лик, кој по потреба на џебот е де вмровец, де комуњар, смисли фантастична прикаска зошто не сме можеле да го прифатиме урнисувањето на државата, историјата и македонштината. Зајакот лежел во фактот што сме биле искомлексирани ко нација?! Ту, ту, ту, се изнамачил во составувањето на оваа „тешка“ и толку „промислена“ мисла. Замеша ли Фројд прсти во неговото казание? Излезе ли на виделина неговиот личен комплекс на „нижа“ вредност, поради која од извикан вмровец со Хашка пресуда стана комуњар и потписник на Преспанската капитулација? И би дел од самозамислената „повисока“, комуњарска каста… Во едно е во право, северните петтоколонаши во државата се искомплексирани, до балчак. Како поинаку, кога би биле нормални и без психолошки проблеми, би прифатиле вакво обезличување и уништување на сопствената нација и држава?

И додека искомплексираните владеат, нивните вечни луцидни протежеа и јуришници ни ја докројуваат и докрајчуваат судбината. Така, Фрле пак го ставија да ни го „среди“ Уставот.  Пустиот тој, напатен идеолог, со само еден неразјаснет атентат на претседател на министерската му совест (по се’ повеќе сведоштва на истовременици  и инволвиран во него) потоа награден со нова министерска функција, сега запна да го дофилува веќе урнисаниот ни Устав. Така, сега сме мирни, оти Фрле не брани од Охридскиот договор и од консензуалниот претседател. Аман Фрле, не не’ брани…

А додека не ораат на национално ниво, нивите ни останаа неизорани.  Ете, поскапе и лебот, немало доволно пченица. Беше логично, по нивната извитоперена логика се разбира, по горивата, паркинзите и неуспешниот обидот за водата, да поскапе и лебот. Воздухот, и онака ни е прескап. Оти го нема, ни за лек…

Да, не грижете се, не сме први, по загадување сме дури четврти во светот. На страна што сме први во Европа, но дури четврти во светот де. Ете, добар изговор за власта Заева и натаму да не се потресува и да не прави ништо околу труењето на граѓаните. И не грижете се, за само една година од сега, од следната есен кога срцките ќе дадат ваучери за плински уреди, за верувале или не – цели 1.200 возила на републичко ниво (нејсе што тоа е едно-две маала во Скопје), се’ ќе се промени. Издржете до септември, што не сте, па ова ли? И онака, анкетите велат дека 70 отсто од младите сакаат да си одат од државата, па што ќе ни и воздух, без иднина…

Удри и нов гром, од најведро небо, поведро здравје. „Веровали или не“, но истиот (не дај Боже да го сменат, нели) директор кој лани делеше пари, и годинава ќе дели 12,5 милиони евра од Фондот за иновации! Алелуја, рекоа запоставените шаренолики суруши, па цела година без пари издржавме и само советнички и координаторски солени плати земавме. Навистина, време беше за нова серија награди на напатените душички. Треба само да смислат некоја идиотштина. Ќе откријат нешто многу инвентивно како топла вода, парна локомотива, печка на дрва, ајвар или нешто помодерно – печатница! Пред Влада, во позиција на низок старт, се ределе десетици идни среќни добитници на народни пари. Велат, пиштолот за старт бил кај Зоки, списокот на среќлиите кај Рада, неподобните ги знаел Оли. Ја знаете прикаската за шарениот кој играл БИНГО, а добил ЛОТО, нели…

Во меѓувреме, власта ќе ве занимава со Нинџи и изветвени собраниски минџи, дејанија  стари само две години, секој ден по некој громогласно ќе пропејува, па ќе им текнува што навистина било, па кој вмровец бил нарачател, кој кому се јавил, а вие, вие уживајте во колосеумските итроштини на Роко & компани. Сегашноста и надвиснатиот државен и национален дебакл, за кој ќе не пцујат идните генерации не  се важни, оти тие нема да бидат тука, во државата. Битно е кој кого шлапнал во Собрание, што и каде ручал Груевски и кој кому на 27 април му опцул мајка и шајка…

Тоа што ни еб… „мајката“, тоа баталете, исклучете ја интелигенцијата, мозокот на стенд-бај, стиснете плеј и уживајте во медиумскиот циркус и понудената крв, макар лажна и бихаќко-боливудско-ридски замешана.

И  немојте, ни на крај ум, случајно да ви текне да правите ќеф на ВМРО и да одите на антивладин протест, туку фаќајте сеир и приклучете се на комуњарските бладања и потсмев дека оние  измрзнатите, на кои им пукнал филмот и се појавиле  – биле помалку од фацките на славата на Трпе и сунетот на Амбди.

Многу промуќурно, башка потопло…