Страшо АНГЕЛОВСКИ

Декларацијата за независност на САД е државотворен документ на Соединетите Држави усвоен од Континенталниот конгрес на 4 јули 1776 година, со која се прогласило дека тринаесетте американски колонии кои во тоа време биле во војна со Велика Британија, повеќе не се дел од Британската Империја.

Декларацијата за независност, Американците ја сметаат за светилник на вредностите кон кои американската нација треба да тежнее, а, еден дел од текстот на Декларацијата заслужува да биде цитиран:

“…сите луѓе се создадени еднакви, обдарени од Создателот со одредени неотуѓиви права, меѓу кои, правото на живот, слобода и потрага по среќа.“

Ваквата Декларација, еве, веќе речиси 250 години, е идеалот кон кој тежнеат не само американските граѓани, туку и целото човештво, а денот на нејзиното донесување, ден за паметење. И, од тогаш до пред некој ден, веќе се’ е дел од американската и светската историја, полна со проблесоци и затемнувања.

Деновиве, САД испишаа уште еден историски ден, ден кој никогаш нема да се заборави, за жал, овојпат, ден, можеби најцрн во нивната историја, ден во кој за прв пат плукнаа врз текстот на сопствената Декларација и го уапсија, го одведоа во затвор и го фотографираа со затворскиот број Р01135809 својот поранешен претседател Доналд Трамп.

Го уапсија и затворија со образложение дека “сакал да влијае на изборните резултати на изборите во 2020 година“, што ќе рече, го уапсија бидејќи сакал, замислете, да ги победи нив – подземните господари на САД и на светот. А тоа нешто, гледаме и од искуството во други држави, вклучително и нашата, тие не можат да го прифатат, ниту да го простат.

Од тој ден, САД, заради комунистичката подземна власт, тоталитарна и диктаторска, престанува да бидат идеал на слободољубивите и правдољубивите ширум светот.

“БУЛДОЖЕРОТ“ СО РАСИПАН МОТОР

Истиот ден, какво совпаѓање, Република Македонија ја посети Габриел Ескобар, заменик-помошник на помошникот-заменик во администрацијата на државниот секретар на САД. Човек најавен како дипломат “булдожер“, кој, ќе им ги виткал рацете на оние кои немало да ги прифатат уставните измени. Инаку, човек кој по својот ранг се наоѓа длабоко долу на хиерархиската скала во администрацијата на државниот секретар, па со самото тоа, кога оди на своето работно место мора долго да чека покрај лифтот додека не се качи и последниот кој во таа хиерархија се наоѓа некаде над него. Тоа, најверојатно, кај него создава фрустрација и гнев, па, едвај чека, еве вака, како некаков специјален претставник, да посети некоја државичка за да, исфрлајќи го гневот и фрустрацијата, покаже некаква “дипломатска моќ“.

Човекот, како што е редот, беше дочекан од една група сервилни и, со свиткани кичми пред кој и да е “авторитет“, човечиња, меѓу кои Димитар Ковачевски, вд извршител на “како и до сега“ функцијата во Владата на Артан Груби; Бојан Маричиќ, човекот на третман со зајакната исхрана во истата Влада и, Бујар Османи, човекот на фризерско-стилистички третман во Владата на Груби, кои, нормално, гледајќи го понизно, се согласија со сите “мудри“ мисли на “високиот“ гостин.

И овој, специјалниов, од таму преку океаните, подобро од 80 проценти од македонскиот народ знае што е најдобро за нас, па, не’ “посоветува“ да ги прифатиме уставните измени и брзо, брзо да се втурнеме во ЕУ. И, за да докаже дека “не витка раце“, туку дека САД и Македонија се рамноправни партнери, најмногу се задржа токму на темата на која двете држави и навистина функционираат како партнери – корупцијата. Тука, веќе, нормално, му се придружи и госпожа Агилер, амбасадорка на нивната земја во Македонија, која, со шал со апликации од мртовечки глави (за да се истакне пред своите господари од “мочуриштето“), исто така пелтечеше нешто за корупцијата. Но, “заборави“ да го спомене “Дојче Телеком“, “Бехтел и Енка“ и редица други коруптивни скандали на партнерска основа.

Бидејќи, за жал, Македонија и САД се можеби и најзагадените простори со корупција, која стасува до самите врвови на власта, овде до премиерот, таму до претседателот на државата. Корумпираниот, преку неговиот син Хантер, Џо Бајден, да не заборавиме, денес е претседател на САД и го гони затвореникот број Р01135809, затоа што, борејќи се против изборната кражба во 2020-та, не сакаше да дозволи корупцијата да владее со САД.

А, да не зборуваме за огромниот дел од американските конгресмени и сенатори, корумпирани од воено-индустрискиот комплекс, за да носат одлуки во негова корист. Последната изјава на републиканскиот сенатор Мит Ромни, во која вели “со само 5 проценти од воениот буџет на САД, ние, преку Украина и украинските деца, се бориме против Русија. Само 5 проценти од буџетот без да ги жртвуваме нашите деца“, е доволно индикативна во оваа насока.

КЕЛНЕРИТЕ ОД БЛЕД И ЕУ ИНТЕГРАЦИИТЕ

Верувам дека и оние кои до сега не беа убедени во потребата од уставни измени, после “драматичното“ обраќање на “како и до сега“ премиерот, по враќањето од Самитот на Блед, сега веќе со две раце ќе гласаат за истите. Зашто, според Ковачевски, тројцата келнери, кои ги сретнал, а кои работеле таму во државата членка на ЕУ, веднаш ќе се врателе во Македонија штом ќе влезе во Унијата.

А, пак, според човекот на третман со зајакната исхрана во Владата, Бојан Маричиќ, тоа ќе се случело многу скоро. Барем според она што тој го чул од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој уште недоречен, а веќе беше демантиран.

И, во сето ова, можеби е најважна поддршката за нашите евроинтеграции, што Ковачевски ја добил од британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон. Посебно откако Британија газ преку глава ја напушти Европската Унија. Ќе беше смешно, да не беше, како и се’ во режија на Владата на Груби, трагично.

На крајот, колку за пример. Република Бугарија веќе започна големи градежни активности за проширување на граничниот премин Делчево – Благоевград. Запрашајте се, би вложувала ли Бугарија големи средства во нешто, што веднаш после “скориот“ влез на Македонија во ЕУ ќе биде непотребно? Токму обратното – бидејќи знае дека овој граничен премин уште долго, долго ќе се користи, денес го осовременува.

За жал, тоа е реалноста, а не приказните за розевата иднина.

(авторот е претседател на МААК)