Ете го дочекавме денот кога Македонија односно Северна стана членка на НАТО и кога Владата театрално го отпочна тргањето на железната ограда, сакајќи, претпоставувам, симболично да покаже дека веќе не сме изолирана земја.

Не смееме да го занемариме фактот дека заедно со бројчаникот на Порта Македонија и укинувањето на радиодифузната такса, тргањето на оградата е можеби еден од најважните проекти на оваа Влада реализиран во нејзиниот две и пол годишен мандат, а најавуван во првата недела од формирањето на Владата. Фала му на Господ, успешно реализираа едно ветување дадено кон нивните шарени револуционери, за да не бидат сосем разочарани од начинот на кој си играат држава владините функционери. Можеби никој нема да си лежи, ама па оградата ја тргнаа, малку ли е?!

Е сега, сосема дискутабилно е што со тргнатата ограда?! Односно за што ќе се искористи железото, дали ќе се стопи па ќе се исковаат по чифт железни опинци за министрите и премиерот да може да тргнат по инвестиции кои ќе ни ја зајакнат економијата или пак ќе се продаде за старо железо колку да се слее некој денар назад во буџетот откако веќе ја  плативме 700.000 евра. Или пак можеби на секој граѓанин ќе дадат по делче од оградата како симболична компензација за потрошените пари и реализација на проектот „ги враќаме парите на граѓаните“, а и како сувенир од едно време кога оградата била поставена во Република Македонија, а тргната во Република Северна Македонија (да не заборавиме дека сè изградено во бившата држава сега има историска вредност).

Веројатно ова последното би било најсоодветно. Без оглед на тоа колку Владата се труди да ја претстави како победничка симболика, тргнатата ограда не може да биде ништо друго освен симбол за обезличување. Обезличување по секој основ, обезличување на Македонија каква што сме ја наследиле. Има ли поголем доказ за тоа што изгубивме од тоа што Протоколот за НАТО го потпишавме како безимена земја претставена со знаменце?! Во тоа што во честитката од нашиот премиер не се спомнува Република Македонија, туку само граѓаните на една земја која е поедноставно да ја објасниш со знаменце отколку да ѝ го кажеш или напишеш името?!

Е, токму таа пирова победа извојувана вчера, за која, сите сме свесни, денеска се покрива со рушењето на оградата. Така, сега повеќе да се занимаваме со прашањето дали требаше или не требаше да се руши, отколку да празнуваме историски чин кој бил наша стратешка определба уште од нашето осамостојување.

Да резимирам, ја срушија државата, а не оградата.