Мартина Антиќ

Ретко кој што го гледал синоќешното интервју на маестро Ордановски со лидерот на опозицијата Мицкоски може да остане рамнодушен од кафанското водење на разговорот од страна на домаќинот, кој во манир на полупијан гостин на слава му упаѓаше во секој збор оставајќи многу малку простор за аргументиран одговор. Маестрално успеа фокусот од гостувањето на Мицкоски да го префрли на себе, па така денеска сите да го коментираат неговиот настап во стилот да ти е срам од туѓиот срам.

Можеби раздразливоста се должеше на настинката којашто го навјасала па затнатиот нос му го попречуваше нормалниот мисловен процес, или пак возбудата дека има можност да го матира лидерот на опозицијата на свој терен му го замати здраворазумското расудување па не само што не успеа да го матира, туку и си даде автогол.

Интересно како во повеќе наврати го опомена Мицкоски за интензивност во изразувањето, нешто што прво нему лично не му е туѓо, второ што целата таа шарада наречена шарена револуција се базираше на интензивни слогани кои и тоа како се користеа во тој период – од лопови до убијци. Изгледа со паѓањето на „режимот“ толку многу му олесна на душата што ваквите термини сега му предизвикуваат душевен немир. Кој знае можеби и тогаш не се соглaсувал со таквиот вокабулар и го сметал за преинтензивен ама не можел да го каже тоа гласно за да не биде во аут уште на сам почеток, па токму затоа синоќа фројдовски му излета она „ќе го преживеам и Заев“.

За мене лично, а верувам и за другите е поразително кога некој што е перцепиран како новинарски бард ги помешува лончињата и интервјуто го заменува со дебата во која не остава простор за аргументирање, а притоа себеси се поставува во позиција на обвинител и судија и сето тоа зачинето со доза на навреди и попување. Поразително е што ваквите „бардови “ се всушност Мрѓа новинари – галама без суштина, трчајќи да се додворат на власта заборавија како суптилно да го „соголат“ соговорникот, повишениот тон и гестикулации имаат поголема тежина од тезите и контра тезите со кои ги пречекуваат соговорниците.

Она што вчера ми падна во очи е тоа што борбата за слобода на говор и мисла ја замени со уште поголема цензура, со тоа што не само што самиот себеси се цензурира во термините кои ги користи за власта туку се обидува да го укалапи и соговорникот во речник и однесување кој што е прифатлив за власта. Притоа интензивното изразување кон секој оној што не е дел од платежната екипа се подразбира.

Ете да не биде дека само критикувам за крај ќе се согласам со неговата констатација дека ќе го преживееме Заев и плус ќе додадам дека ќе го преживееме и Ордановски новинарството.