Љупчо Цветановски
Нема, нема, па – оп, притвори, затвори, местенки, судења. На секое паѓање на рејтингот на СДССМ, се активира механизмот наречен Оли, Вилма & Добрила компани. Тоа ви е ко она на „Милионер“, т.н. „повикај пријател.“ Искрено, овие и не се баш пријателски настроени, ни по лик ни по дело, ама одработуваат и помагаат, брате. Се’ што треба, башка и што не треба. Па нели бре Бејли заминува? Јок, за жал, тука е. Прашајте ги Трајко, Миле и Спиро. А Зоки, тој си се прави на Заев, ко и секогаш…
Колку и да е парадоксално, но знаете ли кој е виновен за апсењата на поранешниот собраниски спикер и екс министрите? Е па, драги мои, Гордана Силјановска–Давкова е виновникот за новите ујдурми на СДСС *(социјалдемократски сојуз на северна), на кои Македонија едноставно не им прилага. Да, исто ко што истата ќе биде виновна и за војната во Босна, Косово и во Виетнам во новата промуќурна и како секогаш ридски ориентирана и склепана претседателска кампања на „ЗА“-евци.
Оти, ај да не се лажеме, комуњарите наши многу добро знаат дека Гордана ги гази на терен, а тие пустите рововска војна за кандидат водат. Војна, но меѓу себе, комуњаро-брато-сестринска самоубиствена војна на еден куп самобендисани ега во партијата, срцки недоквакани кои сметаат дека заслужиле да шефуваат со државата им северна. На страна, капачето е Ахмети, кој сега стана главниот одлучувачки фактор, па како лубеници на пазар си избира кој ќе биде „консензуалниот“ им кандидат. Искрено, да не им даваме идеи, но цело Тетово било подготвено да гласа за Теута, само и само за да повеќе не им биде градоначалник. Разберете, не им е лесно на луѓето, а тоа од старт се сигурни 80 илјади гласови, јако.
И така, во спрегата на амбиција, неработливост, преголема желба во комбинација со пуста неинвентивност и траорот наметнат од угодувањето кон ДУИ, башка со минус 18 денови во однос на натпартискиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, СДСС се решија на „консензуален“ чекор кој најдобро го знаат. Ама на памет.
Оној атавизам, грда навика останата од дедовците им удбашки. Едноставен и толку лесен – активираш полиција (тогаш милиција), обвинители, судови и медиуми (тогаш малку-помалку од сега, 1000:1), јавно го расчеречуваш политичкиот противник и го праќаш да чмае во затвор (тогаш на Голи Оток, сега во Шутка или Идризово).
Комуњарска класика, проверен, традиционален ознашки рецепт со кој обезбедуваш гладијаторски, сеирџиски глупоштини за народот и покажуваш мускули, правејќи од незаконски и без реални аргументи затворениот – тогаш наводен предавник и љубител на Западот (САД), а сега наводен криминалец и миленик на Истокот (Русија). Мала пермутација, замена на улогите и страните на светот и оп, учинокот ист! Епа, генетика не е заебанција, нели.
Башка шириш страв, башка дигаш рејтинг, правејќи ги противниците криминалци, а за криминалци, не се гласа нели. Макар, немале ни „К“ од криминалци и макар сите криминалци сте им ги собрале и прибрале токму вие за некаква двотретинска потреба, или голема нужда беше?
Па соочени со анкетите кои ги кријат, но изразот на фацките им кажува што содржат, и фактот дека Силјановска ги гази на терен, СДСС го прават она што единствено го знаат и умеат. А срцките шарени, за нивна жал, не знаат многу.
Тоа, едноставно, е нивниот Павлов рефлекс. А загусти, веднаш затвораат, судат и клеветат. Колку и тоа да не е основано, колку и обвиненијата да се тешки глупоштини, колку и да е тоа дежа ви, колку и граѓаните веќе да отрпнале на овие идиотштини, не е важно, јок. Важно е само да ги оцрнат политичките противници. Проверена формула, практикувана со децении во екс СФРЈ, а која на своја кожа ја почувствуваа и сегашните им албански коалиционери во 90-те. Ама сега нешто не им текнува на тие времиња.
Сега, пак, 28 години по независноста на државата која успеаја и да ја прекрстат, само и само за да останат на власт (а за која не ни мораа, а не ни можеа да победат во 2016-та), главен проблем во државата е ВМРО-ДПМНЕ и општо, македонската опозиција. А чедата североидни, осилени од „проѓата“ на теророт и промената на името ни, изгубија мерка и секаков допир со реалноста . Единствена допирна точка со таа реалност е само стравот, кој во нивниот случај – не куќа, туку фотелја на Илинденска бр.2 чува.
Самозамислените неприкосновени владетели од екс Бихаќка, многу добро знаат што за нив ќе значи пораз на претседателските избори. Макар бил и само во првиот круг, и тоа за нив значи дебакл. А во вториот, крај на прикаската, катастрофа, ама „скроз.“ Да, најболен момент во прикаската е губењето на власта. Е тоа, повлекува и други дејанија и симболизира не само губење на фотелјите, туку и губење на многу, многу други работи.
Тогаш, драги мои, мозочно „немиени“ чеда, комуњарите нема да можат да ја злоупотребуваат полицијата, Вилма и Добрила пак ќе исчезнат во очекување на враќање на своите пулени, исто како и обвинителите, кои или ќе одговараат или ќе се иселат. Но нема да се срамат, оти не знаат за такво чувство. Да, ќе си замине и Бејли, а сурушите ќе речат –упс! Ама, овојпат, „стварно“ да замине, нели. Ајде да не се лажеме (можеби и тешиме), но Галовеј не е иста со Гарет, ниту Габерих е Алтхаузер, нели. Пуста надеж…
Како и да е, поразот ќе значи дека времето на одговорност за сторените идиотштини доаѓа, време кога некој ќе мора да одговара за се’.
И бадијала, Зоки се прави на Заев. Да, никој за никого во државата која некогаш се викаше Македонија веќе не вели „се прави на Тошо.“ Најновата фраза, потекната и поттикната од докажаниот полиглот и лингвист ЗЗ е „се прави на Заев.“ Фраза која се користи за опис на однесување на личност која се прави е недоветна и дека не знае што прави, што се случува и на кого се однесува кажаното или стореното недело. Иако, примерот од кој потекнува фразата и не е личност, туку лик…
„Тик-так, тик-так, тик-так!“ Ви текнува на зборовите со кои „бомбашот“ Заев ги плашеше своите политички противници кога насмејан „од уво до уво“ ги лиферуваше незаконски снимените разговори? Сега, со своите камења по глава, што вели народот ни македонски.
Епа, Зоки, ај не се прави на Заев. Овој пат, „тик-так, тик-так, тик-так“ не се однесува на ВМРО-ДПМНЕ, иако, откако им ја собраа криминогената петтина пратеници за двотретинската им потреба, тоа „тик-такува“ и во таа, квази-вмровска насока.
Дајте луѓе, макар биле северољупци или среброљупци, престанете со тие притвори, судења и слични идиотштини. Да, можеби и минува кај вашите мозочно миени пуленчиња, роднини, баџанаци и пријатели кои едвај чекаат да ги вработите во некоја државна институција, но немојте до толку да ја навредувате и потценувате интелигенцијата на народот. Башка, толку работни места за да се исперете, немате.
И не се правете недоветни и дека не знаете што се случува. Аман, ај не се правете на Заев!