Цело е кога има се’. Ама, скроз. Со сите можни глупоштини, идиотштини, антимакедонштини и останати зезалици. Оти, тоа и така, само така и никако поинаку и и’ прилега на оваа блеферска владина констелација. Следствено на матрицата им востановена, за да останат на своето, ко „дечји или ипак, амди-кола додатак“, владината фејк НАТО еуфорија ја надополни и поремети едниот и единствен кандидат за прецедник Бајрам. И ги засени славениците на „Илинденска“ бр.2. Единствените кои вчера нешто и славеа. Искрено, па кој друг би бил подобар репрезент на северната лакрдија? Ви текнува на посоодветен, посовршен кандидат? Дефинитивно, ајде да не си правиме бајрам на мозокот, Бајрам е најсоодветен за прв прецедник на Северна. 102 насто. И така, се’ е УПМ, па ако биде бал, нека биде амди-бал, башка маскенбал…
По насушна навика нели, Амди им даде „гол со пета“ и на новите коалиционери. Скроз нефер, но целосно им го засени „славјето“ натовско, кое по „еуфоријата“ народна наликуваше на историските им НАТО-журки. Така, додека Зоки, Рада, Бујар и Димитров триумфалистички и во невиден занес паѓаа во транс од продажбата на се’ што е свето, само за да добиеме нешто што по сите правила требаше да го добиеме пред цели 11 години, Амди „ничим изазваним“ им се појави во етер и ги засени. Фер.
Да, признавам дека „на прва“ бевме во криво. Многу. Соочени со дејанијата во државава, прв човек кој ни се наметна за одличен прецеднички репрезент беше Боки 13. Фер, изгледаше толку подобен, така северно совршен, што едноставно и природно се наметна за прв пик на драфтот за кандидат комуњарски. Совршен североид, башка прецедник и прва дама во едно. Абе, полн погодок!
Арно ама, во меѓувреме заблесна нова ѕвезда на северномакедонското политичко небо. Што е право, тој си блеска нон-стоп со децении, но вака сјаен и толку неверојатно соодветен за таква позиција во ваква банана-држава не бил никогаш. Никој не бил, освен, можеби Зоки како премиер.
Така, силно поведен од сопствената непресушна амбиција, се појави старо-новата ѕвезда Амди и го засени и Бокија. Експресно. Оти, со него, не само во ЕУ и НАТО, гарант ќе влеземе и во Г-8 и во Советот за безбедност на ООН. Впрочем, исто толку реално колку што ќе влеземе во ЕУ, нели. Да не си правиме Бајрам на мозокот, оти со Амди, ќе не примат и во ОПЕК, макар што немаме нафта. Ќе си се откажеме од сето она малку што и ни остана, ако нешто, воопшто и остана, ќе дадеме се’ и ќе си влеземе секаде. Па кој е будала да не сака така „отворени“, шарени и податни за секаква идиотштина билмези? Што ќе ни кажат, ќе направиме, што ќе ни побараат ќе дадеме, абе уште пред да им текне – ние ќе исполниме и ќе ги предухитриме. Макар и не им ни требало, но што е сигурно, сигурно е.
Ништо ново, па и така, ова е основата на Заевата владина филозофија. Со Амдија, само ќе го зачиниме и подобриме перформансот на Зокиевата мантра, оти кандидатот кој е докажано 102 отсто ефикасен во својата шверцерско-политичка кариера, сам си кажа дека е ластик, па ќе шири, шири, прошири и без проблем ќе раздаде се’ што на некого некогаш однадвор ќе му затреба. Па и да не му треба, нели, ќе си дадеме, за секој случај. И не дај Боже, некој во соседството „пријателско“ да се налути. Скраја да е, Амди то за миг ќе среди.
Ако се сомневате во изборот, замислете ги само Зоки и Амди рамо до рамо?! Колку прекрасна и трогателна спрега и кохабитација ќе биде тоа. Фантастична североидна и трагикомична комбинација. Пародија во живо. Те Зоки ќе плесне бисер, те Амди ќе залепи некоја од неговите. Па смеа, урнебес северномакедонски, абе цепки до посерување. И тамам сте се присобрале од смеа, ете го Заев треска нова зелена, а Бајрам, пак, уште позелена. Ќе биде пародија, Монти Пајтон и Алан Форд вода да ни носат. Секако, да останеше некаков порив за смеа од идиотските им дејанија со кои не зацрнија за век и веков.
Нејсе, гарант, ќе дојдат и браќата Фарели да го снимат четвртото продолжение на „Глупавиот и поглупавиот“, со оригиналната постава на Џим Кери и Џеф Даниелс, се разбира. Зоки ќе биде Кери, офкорс, оти и си личат (прости Џим), а Џеф е мега-актер, тој само малку ќе се зафарба и гарант фантастично ќе го скине Амдија. Башка, сценариото не ни ќе мора да се пишува, само ќе ги спојат различните секвенци од сите зевзечки настапи на двајцата најталенти од државата која некогаш се викаше Македонија. И пред стартот на емитувањето на трагикомичното ремек-дело ќе стои: „Филмот се базира на целосно, ама скроз, најскроз вистинити настани!“
Замислете си само, каков светски хит ќе бидеме. Првиот продукт со „Made in North Macedonia.“ Сето тоа на силен ќеф и гордост (иако, такво нешто не постои кај нив) на владата ни така претприемчива и податна за исполнување на сите желби, освен на Македонците. Ете им и некаков проект, конечно! Амдиевото востоличување на прецедничката позиција ќе биде невиден спектакл, совршен крај на пародијата од држава која во моментот ја имаме. И одличен, ултра-старт за Северна…
А ова, од друга страна, ќе биде топ и за СДСС (Социјалдемократски Сојуз на Северна, Македонија и не мора оти и ич не им прилега). Па и онака, силна и крвава ровоовска битка се води на екс Бихаќка за кандидат за претседател. Сите со силен непрегор сакаат да станат шеф на државата, кулминација на нивната сурушка кариера. Арно ама, Рада не ја сакал никој, велат интерните им анкети, а Оли за да добие кандидатура треба да научи дали Свети Сава е машко или женско, што е тешко изводливо. Цаца, Денчо и Нано, пак, ги откачиле, оти сфатиле со кого си имаат работа. Стево си сакал пак, ама докажан ќорфишек да ти бил. Ех, таксират СДСС-овско кадровски.
Затоа, за да си ја намалат тензијата во партијата им северна, очебијно, им треба некој од страна, а најдобар и најсоодветен избор би им бил Амди. Башка од страна, башка отворен, башка ластик и подготвен за сите попусти и оком-скоком промени од “меџународна“ кои толку многу ги милуваат и одлично извршуваат. Така, Зоки само ќе му го даде пенкалото кое му го дрпна и баци на Столтенберг, а Амди ќе потпишуе ли потпишуе Укази! До утре сабајле, ако треба, ќефови комуњарски и странски ќе прави и збор нема да каже. Совршен избор.
Замислете го само репрезентативниот ни прецедник како седи на столчето во НАТО, па се мота по бриселските кулоари со Хан и Могерини, па оди во официјални посети на Вашингтон, Париз, Лондон и Берлин, па таму се гушка со Трамп, Макрон, Тереза и Меркел. Па тој тресе бисерче, а тие се кикотат до подмочување. Убавини, нели, затоа што освен ние за шеф и тие си го заслужуваат Амдија за колега прецедник. А знаете дека ако сакаат, ќе го устоличат и направат, ко и се’ досега. Нирвана шаренолика, каква држава, таков премиер и прецедник, топ, абе тенк…
Навистина, ај да не си правиме бајрам со мозокот, оти по толку многу правење бајрам со државата, токму Бајрам би бил совршен прв човек на Северната пародија на истата. Не ни мора да има избори, нека си го искористат толку крваво стекнатото двотретинско мнозинство во парламентот, пак нека им се заканат со затвори, а пребегушите нека си доизгласаат и нека сменат процедура, ништо ново. И–оп, Амди прецедник. Едноставно и безболно, нели?
И онака, по смена на името, Уставот, државата и историјата чие менување тек следува, Бајрам ќе им биде и најмал грев. И нека си се гордеат за навек со него како прв прецедник на Северна, одлично ќе им прилега, ќе и стои фантастично и на новата држава, а ние, и ние очебијно си го заслужуваме. Ама скроз…