Љупчо Цветановски

Ако, воопшто, и имавте некакви си дилеми околу инвентивноста на СДСС (Социјалдемократски сојуз на Северна, оти Македонија, ама ич, не им прилега) верувам дека Стево целосно ги разјасни. А како поинаку, освен како тотална неинвентивност и мрза, да ја толкувате повторната кандидатура за „прецедник“ на проверениот ќор-фишек Пендаровски, далеку познатиот „сточар“ и докажан „прецеднички“ лузер?! И пак ќе ве убедуваат дека бил непартиски кандидат?! Аман, бе дечки, сменете лента и престанете да ја навредувате интелигенцијата на народот, макар, за стока го сметале. Оти кај мозочно немиените, Стево не проаѓа…

 

И додека државата без никаква емоција, рамнодушно и апатично очекуваше кој ќе биде изборот на дилот Заев – Ахмети, резултат на пазарот меѓу партиските главешини, одговорни за разурнувањето на Македонија каква што е знаеме, сепак, ги изненади и замисли граѓаните.

Што е право, никој не очекуваше СДСС да се бламира со докажан губитник, кој цел живот фолира дека не е комуњар, а притоа на неистомислениците на истата му омилена партија им лепи идиотски етикети, и од време навреме си тресе од ракав дека се стока. Оној, непартискиот екс кандидат за прецедник Стево, кој им истера цела кампања, беше носител на пратеничка листа и засведочен шарен „револуционер“, ама до коске?!

Ама ете, по некоја  чудна логика на врхушката од екс Бихаќка, токму тој да ти бил најподобен за прв прецедник  на Северна. Всушност, не барајте некоја посебна логика. Тие и сега, играат „на сигурно“, со „проверен“ кандидат кој загуби со „само“ 140.000 гласови?! Ало?!

Мазохисти, би рекол некој од страна, но повеќе им стои епитетот самобендисани и мрзеливи, „скроз.“ Оти кој нормален би играл на фацка која се докажа толку неуспешна, башка што тоа беше пред само 5 години, башка што е опериран од  харизма, башка што нема шанси да биде претседател на сите. Да, „стоката“ која живее во трла и ја развезуваат ко овци, наспроти „луѓето“ кои одеа на шареноликите ди-џеј забави и слични глупоштини чиј „резидент“ беше токму Стево, никогаш нема да го прифати како прв човек на државата. Од друга страна, па им мина со муртинецот црпнат од нива за да смени име на државата, па чуму да не им мине и со Стево. Пак таа чудна, неразбирлива и непоимлива комуњарска антилогика.

Вака, пак, без мака и работа, само ќе ја преработат неуспешната кампања за неуспешниот кандидат од минатите избори во 2014-та и ќе се крстат во гласовите на Албанците, макар во вториот круг, затоа што во првиот имаат проблем што се вика Блерим. Иако, во меѓувреме, ќе сторат се за да истиот не собере гласови за кандидатура.

Стево, всушност, им е избор по стекната навика – без труд, работа и мака, да си добијат се’. Па нели тоа е и мантрата и доживотната, вечна стратегија на СДСС, со која, за наша жал, егзистираат скоро три децении на политичката сцена? Па ако можеа без да победат на избори да сменат име, устав и историја само за да останат на власт, чуму да не можат со иста утната кампања и докажано промашен кандидат да добијат и прецедник? Макар и изгубиле, ќе наштелуваат ли пак мајсторите, само кој знае што ќе дадат овојпат?

Да, сега, сдссссссссовците, оксиморонски ќе се крстат (иако се атеисти, нели) и во „меџународна“ и во Албанците. Во Македонците, што е право, никогаш и не се „крстеле“, ниту пак нешто им значат, освен декларативно, кога им требаат како гласови на избори. Па така, уште сега трлаат раце од цифрата што ќе им ја донесат двете „страни“, башка типувајќи на новостекнатите 28.000 вработувања во администрацијата, кои Зоки толку  упорно не ги признава, ко кандидатот му партиската припадност.

На страна, Стево е наместен уште од поодамна. Ако се вратиме малку наназад, во условите на СДСС за кандидат за претседател, онака случајно ко секогаш, во последната точка се бараше дотичниот им избраник да има голем личен придонес во НАТО и ЕУ интеграцијата. Уште малку поназад и оп, Стево од пратеник стана координатор за НАТО?! Пазете, се откажа од пратенички мандат и имунитет, за да координира со НАТО. Случајно, пак…

А такви со „силни“ придобивки беа саде Стево, Рада и Нино од Димитрови. Втората, според интерните анкети, не ја сакал никој ни во сопствената партија, а третиот имал слики со „гушки“ со Јохан Тарчуловски и сериозен вмровски стаж (кој Нино го негира ко Зоки вработувањата и Стево партиската припадност кон СДСС), толку неподобен и за ДУИ и за комуњарите тврдокорни. И така, како соломонско или, сепак,  ализоранско решение, би Стево.

Пустиот тој, пак, има толкава желба да биде прецедник, невидена. Дека не смислил ништо ново, си кажа и на конгресот на СДСС, кога им се обрати на сопартијците кои не ги признава за свои. Празно, веќе видено, стерилно, абе тапа. Ко говорот да му го пишувал и наштанцал иститот центар кој го јача и храни Зокија со говоранции и обраќања. Добро, основната разлика е што наспрема вториот, првиот не тресе толку зелени кога не чита од пусулчето му дадено.

На страна, што истиот лик е веќе докажан ДИК – верификатор на катастрофални избори, кога „државникот“ Бранко Црвенковски си стана прецедник, а потоа сосема случајно, ко и се во дејанијата на СДСС, Стево стана советник за надворешна политика во кабинетот на БЦ?! И си работеше таму 4 години, за цркавица, оти во имотен лист сиромашкиот има само „Југо“ на свое име. Абе греота, жал да ти падне.

А за непартиската му, толку потенцирана определба, доволно говори фактот што на изборите во 2016-та, Стево беше носител на листа на СДСС во првата изборна единица. „Мислим да је доста“, велат северните ни соседи.

Да, стравот куќа чува, а кај СДСС стравот ја чува фотелјата и тендерите, неспорно и докажано. Затоа прифаќаат се’ и сешто само за  да останат на власт. Народот вели,  дека и мајка си би си ја продале за да останат на„Илинденска“ бр.2. А газот, тој им е одамна продаден, прашајте ги од „меџународна“, новите горди сопственици на еден куп комуњарски задници. Истите ликови кои маката и болката од недостиг на органот за седење кај своите северни миленичиња, ја намалуваат со катадневни пофалби за прекрасноста на преспанската им глупоштина.

Е, истиот тој страв, сега од кандидатот на опозицијата, ги натера „ЗА“-евци на најнови, жустри преговори со ДУИ. Како така наеднаш се предомислија интегративците, кои најпрво самобендисано најавија дека ќе одат со сопствен кандидат, па така брзо и наеднаш се сепнаа и дадоа поддршка за истиот тој кандидат кој не го поддржаа пред само 5 години?

Замислете само, што СДСС и Зоки овој пат му дале и наддале на Алија за да ја добијат толку им насушно потребната поддршка за Стево, оти сами, дефинитивно ќе изгореа и ќе го „јадеа“ во првиот круг. Што ли Зоки му понудил на Али за да го намали срамот кој ги очекуваше на 21.април, лето Господово 2019-то?

Тек ќе дознаеме, драги мои, тек ќе дознаеме…