Преживуваме уште една, „стварно“ набиена недела, уште една во низа де. Чак го спаси Зоки, ден претходно буквално влеговме во ЕУ, Шики се изнаигра во игротеката „Собрание“, а Јани, конечно, се отспа во истата. Истовремено со Чак-Зоки, Кензо Танге го „спаси“ Богдановиќ од 60-катната брука, Нино и Митко се опуштија во Сириус, а главниот им релаксатор си плесна уште еден „заевизам…“ Уф, силно темпо набија, камо да останевме на тоа. Еве што се’ претрпевме…
-Виктор Орбан го возеше Чак Норис по Будимпешта. И, неочекувано, предизвика бура од воодушевување кај Заевата Влада. Да, Чак им дојде како кец на десетка. Па, драги мои, ете каде лежел зајакот. „А сада – спектакл!“ и ете, Чак Норис го киднапирал Груевски и го однел во Унгарија. А со човекот кој го знае незнајниот јунак, кој знае да приготви посно прасе, кој ја прележал смртта и кој има цело јаболко на својот Ајфон, нема играчка. Ете, конечно, одговор и на дилемата зошто Заев праша за киднапирањето на Груевски, оставајќи ја нацијата во прашалници.
Еурека! Викнаа на екс Бихаќка Роко & компани и и најдоа изговор. Па сега дефинитивно не мора да сносат никаква одговорност што Никола, буквално им се прошета. Не Спасовски, не Заев, Рената, Катица или Кацарска – да, Чак Норис е виновен за се’, а со него, нема играчка. Оти, никој не може, ниту на крај на умот, пак, смее да му се налути на Чак. Фер…
-Паралелно со Чак, неделата ни започна бомбастично со влез на Македонија во ЕУ. 105 гранични маркери, буквално исчезнаа од границата кон Грција. Дел од нив и повисоки од еден метар. Не, Грците не му градат пирамида на Заев, туку Македонија, и пред да стане Северна, си влезе во ЕУ преку истата таа „пријателска“ Грција. Некој кај јужниот ни сосед, буквалистички го сфати поимот отворени граници. А македонската ни Влада, воопшто не се загрижи, кај смеат нешто на Грција да и преречат – земете историја, земете име, Устав, АСНОМ, земете се – не е проблем, нели, за 105 камења ли сега да се расправаме? Сепак, најлут беше Хан, го направија лажго. Па нели, пустиот тој најави дека ќе не примат во ЕУ за „само“ 25 до 30 години. Статива…
-Додека „влегувавме“ во ЕУ, еден гејмер кој повеќе љуби да игра со флаши, си играше игрички на мобиљка, друг си дремеше, трет не сакал да се занимава со граѓаните… Сведочевме на силен проблесок на актуелното трио-фантастико – Шилегов, Макрадули и Дураку. Тројката, најбитни играчи во битката со катастрофалното загадување на државата, јавно и ачик покажа колку власта се грижи за труењето на народот. Оти, овие срцки толку се загрижени и потресени од истото, па за да не мислат на маката граѓанска, мораат да играат, да спијат, да не се занимаваат со трагедијата токсична. Се само да не мислат на грдотијата трујачка.
Па и онака, постојано ја трујат рајата со политички, ридски глупоштини и специјалитети, па жив и здрав е. Чуму тогаш, да му биде нешто и од најзагадениот воздух во Европа, на народ отрпнат на се’ и од се’? Затоа, драги властодршци, продолжете уште повеќе да си играте со здравјето и нервите на граѓаните, одморете од тешката работа и немојте, ни на крај памет, да се занимавате со нив…
-И додека Македонија се труе, велат дека ни на Ципрас не му било лесно. Нејсе, што ќе загуби на следните избори и е на трња дома во Грција, не поарно му беше и во Германија. Водителот на шегобијното „Слапстик шоу“ убаво си праша: „Дали сте денеска овде кај германските социјалдемократи, за да видите нешто што е позаебано и од вашата земја?“
Квалитетно, германски срочено, но проблемот е што Ципрас, за да види и вкуси нешто позаебано од неговата земја, не мора да се м’кне до Германија. За тоа, доволно му е да скокне кај истата партија при северниот му сосед… Многу, многу километри помалку, а доживувањето така северно и прекрасно…
-Додека Германците го реметеа Ципрас, еден од малкуте преостанати невладини македонски медиуми ги откри и поткажа, па Зоки фатен во тесно си призна за галовната средба во Сириус. По ова откровение и Митко не можеше да одрече. И така, си кажа дека со Нино му ветиле помош за уставните измени на Заев. Уште еден доказ дека чудесната трансформација на македонските политичари продолжува со несмалено темпо. Знаете, она, кога ќе те направат Доктор Смрт, ќе пукаат во тебе поради тоа, а ти наеднаш одработуваш за истите. Машала. И „еден“ Доктор Џекил и Мистер Хајд да ти подзавиди…
-А ликот кој е сеприсутен и кој работи толку многу, премногу за добробитта на државата, и покрај сета му заангажираност, повторно успеа да најде време и да смисли неологизми, новосрочени кованици со кои постојано ги воодушевува лингвистите, на страна граѓаните. Да, Заев изјави дека Уставот треба да се „АМАНДМАНИРА“?!
Нов „заевизам“, новопечен збор во правничката терминологија, кој произлезе од три пати аболиран економист кој ги води судските реформи во државата. Да, некој дефинитивно, треба да се амандманира…
-И додека тој амандманираше, а граѓаните сонуваа за нов Клинички и автопати, најнова 60-катница надвисна на Скопје. Ќе го дозагуши центарот, МПЦ ќе ќари станови, арно ама, исто како и Скопскиот саем, нема јунак да го гушне и сака паркингот пред истиот тој ГТЦ, кој толку многу го изгушкаа и изгњавија. Сега се’ било законски, пренесоа Сугарески и Богдановиќ. И да, Кензо Танге да ти бил виновен за ова?! Тој да ти ја замислил. Ќути, да не им текне што замисли Силвио Пиколомини… Факт, да беше друга влада, десет патетични кампа ќе никнеа пред Илинденска број 2. Вака, сирот паркинг, уште посирот Саем. Вистинскиот таксират е што веќе нема НВО, бидејќи сега сите се трансформираа во ВО, владини организациии, кои тогаш ги поведоа напатените негушкани душички кои сакаа и мораа да бидат ИН, најубави, најумни. Гушкачка авангарда бре. А сега, кијамет саемо-паркиншки. Невладините, заминаа во Влада или одработуваат за истата. Оти во Македонија, каде се парите таму е револтот, макар бил и нарачан…
-Нарачаните обвиненија, пак, родија терористи или уставобранители? Нема дилема, бидејќи и година дена потоа, исто како и пред една година, знаеме дека терористи, дефинитивно не се, не биле, ниту ќе бидат. Сепак, за жал, повеќе од еден месец, од 19-ти октомври, истите не се ни уставобранители. Поимот, за жал на мнозинството вистински патриоти и уставобранители од „крвавиот“ четврток, го зезнаа тројца, пратенички неуставобранители, кои на црниот петок гласаа за промена на Уставот…
– А неуставно, преурането и ко на ат-пазар, стартуваше и лицитицијата за претседател на државата. Нејсе што актуелниот го прислушкуваат, бојкотираат и не го признаваат, сега е битен новиот. Али си посака консензуален, Денко не одби, „али“ за тоа требало да се согласат сите партии. Аман, не мачете не’, додека го имате ова со крв, судови и затвори стекнато двотретинско мнозинство, средете го и тоа. Оти времето си врви, со тоа и мандатот, а за следен, се прашува народот.
Да, ако во меѓувреме, не го го „препишете“ со пописот, отруете или не се иссели од државата…