Очигледно е, случајот со снимените телефонски разговори во Основното јавно обвинителство е остаток од минатото и минатите владејачки недемократски структури предводени од ВМРО-ДПМНЕ, се вели во денешното соопштение на владејачкиот СДСМ, како реакција објавувањето на Јавниот обвинител Љубомир Јовевски дека телефонските броеви на обвинителите до денес биле прислушувани.

– Антинaродното ВМРО-ДПМНЕ е симбол за системско погазување на човековите права и слободи. Граѓаните, целата домашна и меѓународна јавност многу добро знае кој со години нелегално прислушуваше десетици илјади граѓани: режимот на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, обвинува СДСМ за прислушувањето што се уште се врши во институции кои се под нивна целосна власт.

Нелегалното прислушување, се додава во соопштението, и системското прекршување на правата и слободите на граѓаните беше нивна одлика.

– Од таквите криминални и антинародни политики, Христијан Мицкоски никогаш ниту се огради, ниту се извини, ниту пак некогаш ги осуди. Напротив, тој прави се за да го одбрани Никола Груевски и неговиот криминал. СДСМ очекува од сите надлежни институции до крај да го расчистат овој случај. Убедени сме, виновниците за нелегалното прислушување ќе бидат пронајдени и соодветно санкционирани, се вели во соопштението од СДСМ.