Љупчо Цветановски

Тик-так, тик, так, тик-так… Познатата сентенца на црпнатиот „премиер“, со која ги најавуваше „бомбите“, сега силно одѕвонува во скутот на авторот и опортунистичката му дружина. А каде исчезнаа провладините анкети за изборите? Упс! Каде се странците – поддржувачи на Стево? Уште поупс! Јап, не е заебанција, оти сега било време на паника и силен страв во владеачката каста. А за да ја олабави атмосферата зовриена и да ги опушти фацичките им силно намуртени, вицкастиот „премиер“ почна да кажува финти и досетки. Оти таков си е тој, шегаџија, нели. Се пошегува со државата, името, Уставот, историјата, јазикот… Зошто не би и со своите сопартијци. Абе шоумен, или ќе да беше кловн во политичко руво, башка на власт. За жал на многумина…

Ја знаете онаа народната „ѓаволот да не ја однесе шегата“? Епа сега, ја донесе муртинецот. Пак тој. Оти има „фантастичен“ смисол за хумор, на кој не му се смеат ни по дома. Или мораат, па од мака глумат и му повладуваат, ко комуњарите му на Бихаќка. Ах, да и на Илинденска бр.2.

Така, во фаза на силен творечки немир, шегобиецот Зоки, на собир им порача на граѓаните: „И немојте да се зафркавате, сериозно да си земете колот и ортомата в раце…“ Многу промуќурно и прекрасно смислено и срочено од надобудниот  алитерат Зоки кој литературната наобразба по се’ изгледа ја завршил со „Зоки Поки“, нели. Сепак, ако размислите подобро, веројатно тој е оној кој треба да си го земе колот и ортомата в раце, башка опинците му железни од претходно. И да остави оделото. Ќе му прилегаат фантастично, ко „саливени.“ Ова премиерсково и онака не му стои, ама ич. Ако се сомневате, погледнете ја само фотката со Меркел и Макрон. Тие, онака државнички со суптилните, наместени насмевки, а тој озарен и насмеан со „заби“, ѓоамити црпнат. Абе, детска радост…

Да, Зоки, земи си ги колот, ортомата и опинците, може и ручекот на стап врзан во крпа. Топ слика. Е тоа е Зоки, ова другото е човек во многу броеви поголеми чевли. Да, ама потпишува ко навиен, велат странците, башка пенала бацува, па вратоврски така профи дарува. Кој не би го посакал, ама додека не завршите работа. Потоа, знаете добро што бидува со кондомите…

Освен со шега, следна финта со која го спласнува немирот комуњарски од првиот круг се бројките. Така, Стеки ќе ти тепал со 100.000 гласа, најави кој друг, ако не Зоки. Па ќе чистел во влада, ќе чистел во локална самоуправа, ќе чистел по партија, па дури и во опозиција?! Затоа што владеачите биле добри, ама не и глупави, рече прецедникот на владата? Ало, ај по дома, ама и кај „комшиите“ ли да рибате? Па нели доволно зачисти кај нив пред гласањето за уставните измени за милата им Северна? Нели собра се’ што можеше да се уцени, се’ што имаше криминално миље? Што повеќе Зоки ќе чисти во опозицијата, па еден обвинет за нешто не остана кај нив, сите се прибраа во јатото провладино?

Ама, добро, чистач си е чистач. Професионална деформација не е шега. Не заборавајте дека последна работа пред  да стане политичар му беше директор на струмички „Комуналец.“ Си знае човекот со метлата, башка и таа одлично му прилега. Но за хигиеничар во некоја установа. Им се извинувам на хигиеничарите за споредбата со Зокија, простете за компарацијата непримерна, луѓе прекрасни.

Што ти прават едни претседателски избори, а? Или ќе беше резултатот, нејсе што и натаму со бледи и изместени фацички тврдат дека „победиле.“ Метлаџијата, пак, сфати дека се зезна, па сега странци им прават стратегии „солени.“ Од каде пари? Има се, може се, нели… Ги воочија милијардата слабости, па сега со пи-ар финти се чистат од стореното. Мало сутра, велат северните ни соседи, ама северњациве наши не сфаќаат дека тоа не минува кај народот.

Едноставно и ко и секогаш, потценувајќи ја интелигенцијата на сопствениот народ, удрија на неколку полиња со кои, демек, се перат  за стореното. Лошо, ама пробуваат де.

Прво, со чистката најавена, колку и да е патетична, сакаат да се исчистат од гревовите на централната и локалната им власт. А таму, кој од кој понеработник и побезидеен. Ама ќе сменеле нешто „ради реда“, и – оп, чисти ко солза ќе продолжат да крадат и местат тендери, заради кои и име, устав и историја сменија. Па Зоки дал отказ во Советот за судски реформи?! Ало, економист, башка три пати аболиран, што воопшто и бараше таму? И пак, статива. Чеда лукративни, ќе се „исперете“  тогаш кога ќе го вратите името на државата, Уставот, ќе ја стопирате промената на историјата, ќе ја заборавите двојазичноста и кога ќе ги пуштите од затвор на правдина осудените од 27-ми април. Е, тоа би била вистинска комуњарска катарза. Тешко остварлива, нели…

Втората љага од која се чистат се непотизмот и наградените чеда со фондови за иновации и што ли не. Тука, небаре командант на администрацијата, врховниот им Зоки испорача: „Наредувам откази за сите лица вработени со непотизам!“ Ууууу, државата, нацијата и администрацијата се потресоа, а плејадата добитници на државна лотарија од фамилиите на легендарната Мира Дизел, Бектеши и стотици други л’цнаа од страхопочит. Велат, нововработените по овој „храбар“ потег на врховниот администрациски командант веќе ги пакувале куферите и се подготвувале за преселба. Од локална во централна. И обратно. Абе, ајде…

Третата љага им ја приреди самиот прецеднички кандидат, Стеки. Тој, по неколкуте безуспешни обиди да и парира на Гордана, сега бега од дуел со неа ко ѓавол од темјан. Оти, најверојатно, така кажале стратезите им „меџународни“, резултатите од дуелите да ти го дозакопувале кандидатскиот им повтарач. И така, дуел „ска.“ Ќе се охрабри ли Стево по вториот круг? Ко двократен лузер, тешко. Поверојатно, ќе оди за амбасадор, утешна награда за храброста и улогата на која никој не ни сакаше да се нафати…

Четвртата, главна фора што им ја смислија странците е „глас за Гога е враќање на режимот“?! Абе ајде, ама сте се намачиле. Многу инвентивно. Демек, сега го „плашат“ народот со враќање на режимот кој самите сценаристи го смислија и измислија пред години и кој постоеше и егзистира само и единствено во нивните шаренолики умови. Парадоксално, но хунта да ве плаши со режим? Замислете, оние кои сторија се’ без никакво одобрување на народот, оние чија цела фамилија влезе во сите марихуана и други матни бизниси и чии поддржувачи ги добија сите возможни и невозможни ЕЛЕМ, МЕПСО и какви ли не државни тендери, оние кои испозатворија еден куп „неподобен“ им народ, а пуштија „друг“ куп на слобода, сменија се што ви е мило ем драго и национално при срце,  оние чии судии, обвинители и извршители буквално хараат по државата, е сега, тие самобендисани хунтаџии го плашат истиот тој народ кој не го ни сметаа за жив при Референдумот со некаков „кам-бек“ на измислена категорија наречена „режим?“ Срцепарателно и „скроз“ утнато, Баба Рогата им е тапа. Или, сепак, си се плашат самите себеси и сопствените сопартијци и поддржувачи  кои не излегоа на гласање, со брза промена на власта, која подразбира дека нема да има нови вработувања за роднините им и која ќе значи чао за тендерите кои се’ уште не ги лапнале. Ако, воопшто, некој и останал негибнат… Се свестија ли дека ни дел од нивните симпатизери не пие нафта и не ги проголтаа актуелните политички повраќаници. Проблем ли им се луѓето кои џвакаат, а оние што голтаат без проблем, да ти ги немало доволно за да Стево го востоличат. Лоша математика…

Да, вистинскиот проблем е што никој веќе не им верува на ништо. Две години на власт и сите глупоштини што ги направија, во комбинација со она што требаше, а не го направија, придонесе за целосна демистификација на вљубениците во тронот владин. Дојде време никој веќе да не е ни изненаден од сегашните им дејанија. Ич. Оти, јасно и видливо од авион е дека владеењето и фотелјите ги гледаат ко бонбона бизнис, и ништо повеќе. Не мора ни да читате меѓу редови, оти Зоки и не знае така да пишува, да говори, уште помалку.

И тие самите, недоветни владејачи, сфатија дека работата е отидена по ѓаволите и морските вештерки. За појасна слика, им помогнаа и Макрон и Меркел. Џабе Зоки коленичел и молел да не објавуваат дека датумот за преговори е само пуста и неостварлива желба. Ги дотепа Хојт Ји, истиот оној кој имаше страшна улога во нивното носење на власт, откако не ни победија на избори. И најтврдокорните комуњарски генијалци, во меѓувреме, сфатија дека се’ било за името.  Сеете се само на анкетите во вториот круг. Не можете,з атоа што ги немаше. Зошто? Ви текнува. Сетете се и на поддршка од некој извикан европски или светски функционер за Стеки. Не можете, оти и неа ја немаше. Не се најде таква будала, очигледно. Да, нешто сериозно смрди во државата северотопијска.

Е сега, ако некој се’ уште се сомнева што е причината за стравот и очебијниот немир на владините фацички и што ќе се случи на 5-ти мај, само нека го загледа Зокија, и се’ ќе му биде јасно.  Нервозата на Стеки била нормална, таков си бил човекот, велат. Аха…

Треба само да сфатиме дека метлата на Дац не е кај Зокија самодемантирачот, туку во наши раце. Секогаш и била, а колку и како сме ја користеле, тоа е друго. И за едни и за други.

В недела, пак, онака волшебно, истата таа метла се трансформира во пенкало. Да, неделата 5-ти мај е прекрасен ден за вистинско, здраво пролетно чистење. Терминот за национална дезинфекција е од 07.00 до 19.00. Аирлија работа!