„Подобро да испаднеш будала отколку да испаднеш од воз!“

Дали ова е максимата на Алан Форд која е ѕвезда водилка на Заевата влада?

Соочени со се поизвесниот дебакл во потрагата по двотретинско мнозинство во парламентот, сдсмовска мака која се повеќе ја оддалечува актуелната владеачка структура од милуваното им исполнување на Преспанскиот договор (кој власт значи), дали северњачката Влада бара нови решенија за излез од пат-позицијата која им ја наметнаа опозицијата и народот? Демагозите и спинерите пробаа и со нудење амнестија, иако никој реално и не ја ни побара. И таму – оп, статива!

Затоа, во кулоарите на екс Бихаќка наголемо се „шупоти“ за најпосакуваното сценарио од кујната на Заев  – итни, предвремени  избори, но без исполнување на пржинските услови за ВМРО-ДПМНЕ. Вкусот на овој Заев специјалитет, зачинет со антимакедонштина, многу ги бендисувал.

Во превод, Заев ни на крај памет нема да поднесе оставка, а опозицијата ќе остане без Пржинска Влада и Обвинителство по урнекот на СЈО кое ќе ги истражува криминалите на Заевата гарнитура и нерегуларностите пред, на и по Референдумот.

Целта на ваквиот ала „комуњара“ чин, кој, се разбира, билмески ќе се правда со итноста на потребата од исполнувањето на стратешките цели за влез во ЕУ и НАТО (како и сите останати глупоштини во минатиот период), всушност, ќе биде смешна провокација – ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира предвремените избори, акт кој потоа ќе резултира со неминовно и толку посакувано добивање двотретинско мнозинство за усвојување на насушните им уставни измени.

Колку се инвентивни и иновативни покажаа преку Фондот со иновации, така што ова ретро и испробано сценарио, едноставно, се подразбира.

Оваа грда и анахрона реприза на парламентарните избори од 1994-та, кога по бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија, СДСМ оствари апсолутно мнозинство, би била најпосакуваната шема за власта, „кец на десетка.“ Ако не можете да претпоставите што следува, само сетете се на периодот од 1994-та до1998-та година и на кијаметот кој следуваше, најцрниот дел од историјата на Македонија од независноста до сега, случаен пандан на актуелните црнила и дејанија од истата партија на власт. Иле во градацијата на црнилата му прави само наметнатиот Конфликт од 2001-та.

Времето по кое социјалдемократите со право тагуваат, си плачат и шмрчкаат е апсолутната власт во 1994-та, време кога поради безобразните нерегуларности во првиот круг на изборите (кои беа по мнозински модел) тогашната опозиција го бојкотираше вториот круг. Следуваа дузина преседани кои останаа неизбришливи, црни петна во македонската понова историја. СДСМ, тогаш како и сега, бескруполозно си се отвори четири прстиња, ама на сите полиња.

Врвеше и катастрофалната транзиција, чии последици на економски план се чувствуваат до ден-денес, грд сдсмовски изум чиј продукт се нивните нафатирани и неписмени тајкуни, затворени па, оп –  од истите директори купени фабрики, илјадници работници кои останаа без работа и исто толку семејства на работ на егзистенцијата.

Во дотичниот период, тогашната гарнитура во ’96-та изврши и целосна партизација на судството, избирајќи 600 судии во еден единствен ден. Случајно, дел од нив се вклучени во актуелните судски процеси против минатата власт и правниот циркуз со „терористите“ од 27.април. Долговите кога-тогаш, се враќаат, нели.

На крај (кој делото го краси, а во Македонија, за жал, најчесто го гнаси), меѓу другите кијамети во 1995-та година, веднаш по Пировата победа во ’94-та, Владата на Црвенковски следната година ја прифати и „Времената спогодба“, со која дотогашната Република Македонија прифати во меѓународните организации да си стане Поранешна Југословенска Република Македонија.

Е сега, дојде време „привременото“ име за надворешна употреба, издејствувано и орно прифатено од тогашната влада на СДСМ и претставено како единствена солуција (ви „текнува“ на некаква си паралела со актуелната ситуација?), а кое трае цели 23 години, сегашната гарнитура од истата партија сака да го смени со Северна Македонија, за нив, вековито име за севкупна и трајна употреба, единствено решение оти друго не постоело, нели. Пак…

Дали проверениот рецепт од минатото, бојкот на опозицијата – СДСМ сега ќе се обиде да го наметне на сила (оти поинаку и не знаат) за да добие можност повторно да владее без отпор и да го смени, овој пат и за секогаш, името на државата?

Не се сомневајте, ваков чин, едноставно и онака северно, им прилега.

Башка, и така се премногу неинвентивни и дејствуваат по принципот на Павлов рефлекс. Знаете, кога кутрињата лачат плунка кога ќе ги видат белите мантили на лицата кои ги хранат, без да ја видат, ни помирисаат истата. А нашите миленичиња на „меѓународната“, тие, пак, така реагираат и си се лигават од среќа кога само и ќе чујат дека некој странец доаѓа за да ги погали…

Да, се’ е исто, само БЦ го нема. Водел Фондација. Ко што Заев води држава…

Ќе завршиме ко што почнавме, со Алан Форд и една негова „реална“ изрека, која оние што влегуваат во македонската политика, очебијно, ја забораваат.

„Влезот е бесплатен, излезот се наплаќа!“

Скапо!