Една стара шега вели. „Знаеш ли како се држи билмез во неизвесност?“

–„Не, кажи.“

-„Епааа, ќе ти кажам утре, хахаха!“

Дали на овој евтин кооперациски виц се базира и Заевата политика и „стратегија“ во однос на наводниот оптимизам за сигурно двотретинско мнозинство во парламентот?

Како и да е, една работа е повеќе од сигурна, иако владата си лаже многу, не лаже само за една работа. Факт е дека се многу транспарентни, тоа е дефинитивно. Секој ден го потенцираат ова, на секоја од стоте прес-конференции на нивните министри и портпароли. Вистина е, транспарентни се во буквална смисла на значењето на транспарентноста.

Да, провидни се, ама „скроз.“ Секој потег во минатата година им е толку проѕирен и патетичен што се гледа и од авион. Се повеќе наликуваат на турска или индиска серија. Воопшто не ни морате да го гледате крајот на епизодата, доволен ви е само почетниот дијалог, за да знаете што ќе се случи на крајот. Можеби ридот и ја крстил „Малечкиот премиер“?!

Честопати, пак, кај „ЗА“-евци оваа транспарентност е подрастична, знаете што ќе кажат уште пред да отворат уста. А, а отворат уста, знаете и дека ќе излажат, изманипулираат, извртат и нема да кажат ама баш ништо од прашаното. Класика. Не бадијала, на социјалните мрежи се шегуваат: „Како знаеш кога Заев и министрите лажат?“ –„Лесно. Отвораат уста…“

Е сега, најново, откако сфатија дека не им „упали“ финтата и „јачањето“ со понудени избори за да покажат дека не се во тешка депресија по референдумскиот дебакл, „За“-евци заиграа на друга карта. Сега, така наеднаш, откако анкетите и ридот им кажаа дека изборите ќе бидат уште поголем дебакл, удрија на фејк-весеље и оптимизам дека имале обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието. Ама, не можете да не им верувате на Заев и компанија, нели?  Па тоа се истите оние луѓе кои секојдневно убедуваат дека гинат за добробитта на македонскиот народ и неговата светла иднина. Ко и целата самариќанска социјалдемократска каста, која дава се за идентитетот и за благосостојбата на нашите деца?! Не им верувате? Не. Оти сте немиени. Мозочно немиени, најголемиот социјалдемократски таксират…

И така, насила и по директива – „За“-евци „изгужваните“ постреферендумски фаци ги испеглаа со лажен собраниски оптимизам. Целта е  едноставна и јасна како и нивните „добри“ намери за Македонија. Сакаат да внесат немир и неспокој кај опозиционерите кои сега ќе се прашуваат дали „Меѓу нама неко није наш?“, ќе се гледаат под око и ќе се мислат кој е предавникот. Па ќе се изјаснуваат јавно, ќе се колнат, докажуваат, прекажуваат и мразат меѓусебно, а „комуњарите“ секојдневно ќе им пуштаат нови бубачки и трзалици по порталите и преку нивните вазелин- стратези.

Истите оние кои ја убија предиграта во државата, во која „форплеј“ веќе не постои поради енормните количини владини лубриканти купени со народни пари, сега ќе сеат раздор во редовите на неистомислениците, оти поинаку и не знаат, а лажните вести ќе ги пуштаат главните фејкери во врвот на власта.

Хилари Клинтон, демек, се бореше со велешките „fake news” промотори. И загуби…

Македонците, пак, се борат со цела владина Фабрика за лажни вести, поддржана од истите, „скроз“ идентични медиумски фацички кои беа фатени со рацете во медот во 2005-та година. А следната 2006-та СДСМ претрпе силен пораз? Упс…

Дванаесет години потоа, и покрај се’, владината Фабрика „појачана“ со странски државници и сиајсет закани, катастрофално го загуби првото полувреме. Официјалниот резултат беше  2:1 или 1.200.000 наспрема 600.000. Неофицијално, пак, беше повеќе од 3:1 или 1.400.000 VS  400.000, од кои околу 200.000 одат на сметка на Флеш, Супермен и Автомен кои дадоа силен придонес со полнењето во Центар Жупа, Арачиново, Сарај, Липково итн. итн. итн… На 30-ти септември, Заев не не’ внесе во ЕУ и НАТО, туку во Гинисовата книга на рекорди. 5,4 секунди за гласање, блазе си ни, станавме светски рекордери.

Е, сега е време за второто полувреме, каде народот дресот им го предава на  пратениците од опозицијата, а заменетиот играч будно го следи секој потег на народните избраници.

Заев, според кој најверојатно по денот утрото се познава,  вчера плесна и дека очекувал раст на економијата во третото полугодие од годината?!

Лапсус лингва или, сепак, олицетворение  на Фројдовиот комплекс кај муртинскиот Барон Спинхаузен? Оти,  и во одличното „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, каде бугарските фашисти (упс, ќе ме осудат) и ја одземаа победата на ФК „Македонија“, сега 70 години по натпреварот истиот  тој Заев е во ист таков обид да му ја украде и одземе јасната референдумска победа на народот.

Верувам и дека „ЗА“-евци веќе се крстат во третото полувреме. Откако Македонецот им го помати сценариото, сега по поразот на референдумот и следниот во Собрание,  желбата им е избори без ВМРО-ДПМНЕ, реприза на среќна нова 1994-та. Ќе уценуваат, ќе ораат со СЈО и Кацарски, нема да даваат Пржинска влада – се’ за да ги кандисаат опозиционерите за бојкот.

Арно ама, бојкотот победи еднаш. Фала му. Сега е време за соочување и сериозна битка…