Д-р Кирил ЛАЗОВ

Во последните месеци нашите животи целосно се променија. Преживеавме долги денови во загриженост за своето здравје и здравјето на своите најблиски, а секој нареден ден е поголема агонија од претходниот. Денови исполнети со страв, со ризици, со предизвици, со неизвесности.

Колабиран здравствен систем и економија клекната на колена. Немоќта и неспособноста на власта и министерот за здравство се олицетворени во поразителните бројки кои ги полнат табелите на црната ковид статистика. Изгубени во времето и просторот. Заглавени во одлуките донесени во погрешно време.
Сега кога стивнаа аплаузите и заврши театарот за лична промоција, движењето на завесата го открива вистинското лице. Танатос на сцена! Нашиот Танатос!

Пред некој ден, премиерот Заев се сликаше на социјалните медиуми со амбулантно возило – донација од него и фамилијата Заеви, а со тоа само потврди во каква очајна состојба е нашиот здравствен систем. Зарем набавката на амбулантни возила не требаше да се случи преку Министерството за здравство? Има ли слух министерот Филипче за очајниот беспомошен крик на менаџерите на здравствените установи и на целиот медицински персонал?

Непобитен факт е дека оваа власт е неспосна во справувањето со кризата предизвикана од КОВИД 19. Лошата стратегија за менаџирање на кризата и непознавањето на состојбите, како и несоодветните анализи на епидемиолошките аспекти, од самиот почеток не доведоа таму каде што сме сега и не направија лидери по најголем број смртни случаи на милион жители и земја со најголема стапка на смртност.

А имаа доволно време! Доволно долго се соочуваме со пандемијата за да се формираат стручни тела во кои ќе бидат вклучени еминентни стручни кадри кои ќе го стават на располагање својот стручен капацитет. Во недостиг на стратегија, требаше да изготват точно определени планови и протоколи кои ќе функционираат и ќе се спроведуваат. И требаше само да бидат самокритични наместо самобендисани и да побараат помош од оние кои успешно се справуваат со кризата, од оние кои знаат и умеат. Требаше да имаат доблест да ги вклучат сите стручни лица без разлика на партискиот дрес, оти во овој натпревар сите играме за нашето здравје и повеќе од било кога е потребно единство и сплотеност, а не разединување и препукување за ситни политички поени, како што впрочем го прават. И што направија?

Што навистина направија? Од март тапкаат во место, се вртат во круг. Завладеа Танатос! Неадаптирани болници, неопремени пунктови и лаборатории, недоволно тестови, (во првите 20 денови од март вкупно беа направени помалку од 300 тестови) застој во тестирањето (а Словачка за два викенда го тестираше севкупното население од 5,5 милиони жители), немање апаратура и достоинствени услови за лекување (директорката на Болницата во Охрид која беше сменета јавно напиша дека немаат опрема за да примат Ковид пациенти), немање јасно дефинирани протоколи (матичните лекари и ден-денес се жалат дека лечат без протокол, а јавна тајна е дека голем дел од нив со пациентите комуницираат телефонски, така што имаме нова гранка во медицината – телефонска медицина без да го видиш пациентот) и повеќе и повеќе смртни слуачаи, пациенти чии блиски јавно тврдат дека ја изгубиле битката поради ненавремено вклучување на кислородна поддршка, затоа што нашите болници немаат доволно кислородни боци и довод за кислород (што властите од правниот дел на државата немо и мирно го гледаат). Секој изговор од март до денес е нож во грбот на секое семејство на секој починат.

И наместо конкретни мерки и изнаоѓање решение за намалување на последиците и ризиците врз здравјето и животот на граѓаните дел од политичката елита на владејачката гарнитура изигруваат епидемиолози и делат епидемиолошки совети, затоа што Комисијата за заразни болести секако одамна е само пасивен набљудувач. Вицепремерот Битиќи во улога на епидемиолог кажува дека не било време за полициски час, а градоначалникот на Скопје, Шилегов, се надоврзува со своите епидемиолошки констатации дека пензионерите со носењето маски, збиени во автобусите не можат да се заразат, наместо да воведе нови линии за растеретување на постоечките.

Велат не било време за полициски час! Со речиси 40 отсто заразени од вкупниот број тестирани секојдневно и со најголема стапка на смртност во регионот по глава на жител, не било време за полициски час. Повеќе од потребни се поригорозни мерки за заштита на населението, а со ваква тенденција на ширење кога вирулентноста не опаѓа и со растечки тренд на новозаразени, полицискиот час е најдобро решение за сите нас.
За здравјето се работи!