Првпат наместо авионско запрашување се врши авионско заплашување на комарците. Тие сега не цицаат крв, цицаат весла. И се плашат од еден прелет на авионот од Петре оти мислат дека е полн со отров што останал од Коце
Тоа и најлутите лавици ќе го признаат. Некои гласно, други потивко, третите премолчено. Но сите лавици, макар и само интимно во себе, ќе признаат дека нашите тигрици беа посебен вид во македонското политичко царство.
Гласни со свирчињата и вувузелите на протести, силни со статусите на Твитер, а уште посилни на Фејсбук. Тие беа поексплозивни и од Бошко Буха, кога мафтаа со бомби „заевки“. И постојано беа гладни за правда, жедни за мир и со нападно дречливи шарено – револуционерни бои.
Некои слабечки, други елегантно пополнети со соросовски шушки. Многу од нив со одличен успех и примерно поведение на обуките на Канвас. Трети, пак, интелектуалки по сопствено убедување, четврти разжалостени за сиромашни работници поради нивните ниски плати. Дури и за оние работници кои беа и останаа крваво да работат за крвав минималец во фабрики и конфекции, во кои газдуваа(т) нивни мажи, но и други нивни крвни или некрвни роднини.
Тоа беа нашите тигрици. Не! Не е грешка. Во минато време. Беа. Не се веќе. Некогаш агресивните и бунтовни шарени тигрици сега револуираа во тивки шарени мачиња. Предат и молчат.
И да не настане забуна. Се што е кажано за силните тигрици важи и за тигрите. Тие станаа бетер од мачиња. Молчат стутулени на некое функциивче, се сликаат во некое канцеларивче со државното апаратче, кое во шареното револуцииште беше државно апаратиште. Други чепкаат по некое тендерче или грантче… Или едноставно сркаат чорбиче за пеевче, а потоа продолжуваат да предат на некое државно столче обложено, едвај, со вештачка кожа. Како што баш доликува на галени режимски мачиња.
Но, не сите тигрици и тигри добија шанса да предат качени на некое фотелјиче или да грицкаат државно денарче. Многу е голем бројот на тие што од шарената револуција добија само топки… Да фрлаат по режимот. Тие тоа и го правеа. Тие, сега веќе екстигрици и екстигри, се уште почудни мачиња. Молчат, глас не им се слуша. Иако се подоста нервозни. Оти другите јадат чорбиче и „живи луѓе“, а тие прстот в уста и си ги гризат сопствените усни.
А само за потсетување на старо време. Кога тие беа тигрици. Добро де, и тигри, без опомени за ширење говор на омраза врз сексуална определба. Сетете се на тие стари револуционерни режимско – пленумски времиња:
Пленум на факултетски тигрици, пленум на студентски тигри, средношколски пленум… Тоа беше време на пленум до пленум. Имавме повеќе пленуми и од господинот Тито, заклучно со оној негов на „цека“ во Блед. Или на Бриони.
Нескршливи во тие тигресто-револуционерни дни останаа само децата од градинките. Нив, децата, не успеаја да ги пленумизираат. И не направија ниту еден јаслен пленум.
Но, затоа Македонија имаше повеќе невладини организации отколку жители на последниот попис. Ѓомити невладини и непартиски. Ама политички распеани по слободни плоштади, улични соросовски хорови и оркестри, професионални граѓански дебатери со меѓународен сертификат дека прв револуционерен говор одржале веднаш по излегување од мајчината утроба…
Македонија и Скопје ечеа: За секоја пресечена гранка од режимските секири, против режимските комарци на Коце кои напаѓаа и цицаа крв на невини граѓани само затоа што беа против режимот. А да не се заборави колку некрофилски солзи беа излеани за бебиња, за несреќната Тамара, за трагедијата на Мартин Нешковски… Колку конверзии направија во комбиња за брза помош и колку Тамари излекуваа од продажбата на она на „м“. Истото во кое сега се возат.
Треба да се напише џунгла од текст за да се опфати за што се гневно гризеа некогашните тигрици. Истите кои денес се молчеливи мачиња кога умираат и родилки, а не само бебиња. Глас не им се слушна. А убија уште еден Мартин. И уште еден Саздо. Убијците не се дофатени. За многу мали Тамари се уште се собираат пари за лек, а она на „м“ не го продаваат оти било изгребано од мачки. Докупија и нови, цела ергела. И не баш евтини, иако не се на „м“. Ги купи штедливата демократска власт што ја предводи партијата на „с“.
Ама сега антирежимскава власт веќе не сечи гранки. Туку со булдожери од корен ги турка дрвјата на Водно. Но, барем за комарците дојде живот. За првпат во Скопје наместо авионско запрашување се врши авионско заплашување на комарците. Оти тие сега не цицаат крв, цицаат весла. И се плашат од само еден прелет на авионот на Петре оти мислат дека е полн со отров што останал од Коце…
Ако почнеме дебата, пак, што се дојде во судовите и кој се излезе од затворите, ептен ќе им се расипе раатот на мачињата што предат. Оти ни живот дојде, ниту пак правда за сите. Мир само за мачињата што некогаш беа тигри и тигрици и што беа спремни со демократски заби да го изедат режимот, ако сметаат дека сомнително продал и половно „тамче“ од Комуналец. Сега предат и кога се продава државата сосе историска покуќнина.
Но, сега нема веќе режим. Затоа за се е крив Дарвин. Оти одвај успеал да открие дека еволуцијата од мајмун направила човек, а не открил на време дека тигрите и тигриците во шарена револуција ќе револуираат во кадифени мачиња.
Димитар Грумар