Нашиот есап, и дома и на пазар, излегува дека денес се повеќе се делиме, а се помалку се множиме.
Не само кога е во прашање наталитетот и кога зборуваме за абортусот, туку поделени сме и кога зборуваме и за животот и за смртта. А поделени ни се мислењата и кога станува збор за историјата и за сегашноста.
Според таа поделеност, генерално, животот ни го креираат десни или леви, па зависи од убедувањата, за едни тие го разубавуваат, на други им го загорчуваат денот. Едни ги доживуваме како пријатели, други како душмани. А кога станува збор за пријателите, позната е мудроста во која се вели „Господ да те чува од пријателот, а од непријателот можеш и сам“.
Поради заслепеноста од таа глобална поделба на (не)пријателите, на десни кои ни продаваат традиција, односно леви кои ни пакуваат иднина, не се гледа една голема структура кои не се ни леви ни десни, односно се и едното и другото, а всушност „идеолошки“ се лицемери. Тие, по потреба, продаваат и минато, и традиција, и сегашност и иднина, односно празни пакувања од тоа што се бара во моментот.
Ако се прифати генералната лево-десна поделба, лицемерите ги има и лево и десно, и во центарот и на периферијата. Секој што ќе проба да наброи неколку лицемери со кои е опружен, доволно ќе биде да сфати дека ги има доволно.
Дефиниција за лицемерот е чевел кој не е ни лев ни десен, а во секое време е натокмен да биде обуен и на лева и на десна нога. Па, во таков случај, може да се замисли колку им е (не)пријатно не само за нозете, туку и на главата. А многу глави денес имаат секојдневни главоболка поради лицемерите. Оти тие се добри прагматичари и секогаш настојуваат нивната глава да биде мирна, а на другите нека им пука, гајле им е.
Најтешко е кога главоболка ти создава опинок кој си вообразил дека е салонски чевел. Ништо полесно не е ни кога си вообразува дека е салонска штикла. А токму тоа е една од особините на лицемерите.
Како ќе ги препознаете? Многу лесно! Лицемерот умее да глуми подобро и од оскаровец. Тој умее да одглуми најголем пријател, приврзаник, верен соборец итн. Лицемерот знае најгласно да се смее на вицот дури и тогаш кога штосот е глупав. Особено знае гласно да се смее кога вицот го раскажува некој повисоко рангиран од него, дури и кога не ја сфатил поентата.
Лицемерот може да не поседува други способности, но совршено е способен, кога треба да се смешка, кога да биде љубезен, учтив… А во себе истовремено може да го пцуе тој на кого љубезно му се смешка. Врв на лицемерие е кога лицемерот не сочекува ни да се оддалечи тој на кого му се додворува со насмевка на усните, туку истовремено за него има пцовка во мислите, поради тоа што му ја троши насмевката.
А кога ќе се оддалечи на безбедно растојание, лицемерот умее до совршенство да го озборува тој на кого троши големи насмевки на неговите и потпросечни штосови. Манифестација на лицемер е и кога тој дуфка или со внимателни движења на прстите чисти непостоечки прашинки од облеката на тој на кого му глуми приврзност, блискост или пријателство, а кога би можело би му истурил и кофа со вар на истото место на кое го „чисти“.
Каде се сретнува лицемерот? Насекаде! Направете еден швенк со поглед околу себе и погледнете подобро. Него го има насекаде. Тој е прилагодлив на секоја почва. Го има во работните простории, на улица, в кафеана, вирее во партиите, во разни органи и организации. Од лицемерот нема куртул ни на терените кои се за слободни активности, сеедно дали асфалтни или пак во природа.
Па, така поделени на леви или десни, (не)пријателот го гледаме само во своите односно во противничките редови. Не обрнуваме внимание на тоа дека во креирањето на судбините честопати поголема улога и од десните и од левите имаат лицемерите и лицемерието. Таа делба прагматичните лицемери ја користат и се множат. Пропорционално со тоа се множат и главоболките од лицемерието. А тој, лицемерот, независно дали во моментот е свртен на лево или на десно, во главата држи само еден правец: да има капа на неговата, за да го штити од сонцето или од студот, а за останатите ич глава не го боли. Нека пијат аналгетици.
На крај уште еднаш народната мудрост: Господ нека не чува од пријателите, од непријателите сами ќе се чуваме. А од лицемерите – нема спас!
Димитар Грумар