Дарко ЈАНЕВСКИ

Не ја разбирам сосема еуфоријата околу назначувањето на Шеќеринска за заменик на Руте. Па броење на тоа кој и честитал, а кој не, па со кои зборови и честитал… фали уште иницијатива за споменик да и се изгради во рамки на Скопје 2014 и тоа на место на Александар Македонски. Овој да се тргне, а на негово место да се постави Шеќеринска. На бел коњ, со седло кое е копија на седлото кое Бугарите го спремале во 1912 година за Фердинанд со него, на коњ да влезе во Истанбул.

А, во суштина, изборот на Шеќеринска на неа ќе и донесе многу, но на Македонија нема да и донесе апсолутно ништо. Еве запрашајте се самите: што добивате со тоа што Шеќеринска е избрана за тоа за што е избрана? Ништо. Апсолутно ништо. Голема нула. Оттука, зошто таа еуфорија која нема никаква цел?

Но, изборот на Шеќеринска е битен од друг аспект. Тој дава слика за самата Алијанса. Ако кадар како неа успева да се добере до функцијата заменик генерален секретар, тогаш таму работите не се баш чисти. НАТО со Шеќеринска се претставува како декадентна бирократска структура која веќе се изгубила во времето. Да, тоа е структура која има енормна воена моќ, но белким не мисли некој дека Шеќеринска ќе има допир со таа моќ. Таа ќе биде обичен штраф во големиот воен систем, поставен таму да статира и да си гради кариера. Ништо повеќе.

Од домашното Си-Ви на Шеќеринска, да не заборавиме, издвојуваме: тоа е жената која до овој последен пораз на СДСМ на 8 мај, го држеше рекордот по катастрофи што му се случиле на Социјалдемократскиот сојуз, со поразот во 2008 година од Груевски. Тоа е жената која славно ни порача дека американските авиони го имаат насликано на себе знамето на Македонија, иако тоа беше знамето на Аризона. Мерете и го умот. Да не ја споменуваме веќе баналната епизода со варењето компири без вода. Тоа е жената која цел живот го помина во македонската политика, а со ништо не остави позитивен белег. Се сеќавате и на нејзиниот „бомбона бизнис“ со ЕВН на кој деновиве не потсетуваат многумина граѓани на социјалните мрежи. Патем, еве еден предизвик – нека каже некој што добро Шеќеринска, освен за себе, сторила за Македонија? Кој е нејзиниот интелектуален профил? Која е нејзината идеологија? Што е тоа посебно и повеќе од другите за што таа се залагала и остварила преку политиката, гледано од аспект на подобрување на вашиот живот? Со други зборови, колку подобро живеете во овие 30 години благодарение на политичкиот ангажман на Шеќеринска?

Среќа што Руте и Шеќеринска само формално се на чело на НАТО, а со Алијансата раководат Американците. Овие двајцата се кукли на надувување, инаку, во спротивна ситуација, можете да замислите какво одушевување би било во Москва. Така што Трамп со право е бесен во поглед на функционирањето на НАТО – сите работи мораат да ги вршат Американците, а другите дури и не плаќаат доволно за тоа.

Како и да е, со Шеќеринска во НАТО, Господ нека ни е помош. И нам и на Алијансата. Ах, да, да не го заборавиме и човекот кој одлежа 4 години затоа што и ја истегна косата. Да истегнеше било чија друга коса, ќе завршеше со нарушување на јавен ред и мир и најмногу 30-тина дена затвор. Но, косата на Шеќеринска е посебна. А и таа самата. Таква посебност навистина е уникатна. Да не заборавиме и дека таа во политиката влезе со некоја „шкода“ и дупка на местото на четворката од забите, фотографија овековечена од тогашен Фокус, а денес е меѓу побогатите Македонки. Да не заборавиме дека таа е учесник и во пучот од 27 април 2017 година, кога со странска интервенција и со помош од домашните предавници, беше инсталиран Зоран Заев со цел промена на името на државата, наспроти спротивната волја на граѓаните. Шеќеринска беше дел од таа Влада, нејзин шеф беше „интелектуалецот“ од Горњи Милановац и токму таа интелектуална величина подоцна ја отстрани и од Владата и од политичкиот живот во Македонија. Не дека со тоа Македонија претрпе загуба, напротив, но да изгубиш битка со Заев кому претходно си му служела, доволно говори за твојот капацитет.

Како и да е, Шеќеринска е слика и прилика за мноштвото политичари во Македонија во овие 30 години. Некако, кога станува збор за неа и нејзината улога во НАТО, на памет ми доаѓа „Сомнително лице“ на Нушиќ и неговиот Јеротие Пантиќ, кого во Македонија мастрално ни го долови големиот Петре Прличко, кој слуша како Виќа (или беше Жика?) го чита сомнителното писмо со два пара гаќи, неколку пара чорапи… и се обидува да ја долови опасната за државата шифра која стои зад тие зборови. Шеќеринска е всушност слика и прилика за оние политичари-бирократи и чиновници, на кои, додека ним им станува се подобро, државата пропаѓа на секое поле. Затоа денес Македонија е држава која и натаму има половина милион луѓе со 150 денари на ден и ВМРО-ДПМНЕ има задача тоа го исправи, а Шеќеринска е дел од структурата која што не доведе до таа положба. Денес Македонија е држава во која третата власт, судската, има доверба од 2 отсто, држава за која има одлуки на странски суд (Шведска) дека има политички затвореници, а Шеќеринска беше дел од тој процес, држава во која е забрането пристојно да се грееш, а во текот на зимата и да дишеш без опасност дека ќе заболиш од ХОББ.

Се разбира, НАТО не го интересира тоа, но нас би требало да не интересира. Шеќеринска е дел од кастата политичари која ја доведе Македонија во оваа положба и во која илјадници живи им завидуваат на мртвите, така што олабавете малку со еуфоријата за нејзиното назначување од страна на Руте, иако Владата едноставно мораше да ја поддржи, како што би ја поддржала кандидатурата и на секој друг од Македонија. Но, тоа не го менува фактот дека назначувањето е голем чекор за неа, но никаков чекор за нас и Македонија. Со неа во НАТО или без неа во НАТО, за нас се’ останува исто. Сиромаштијата, бедата, неразрешената корупција на власта чиј дел беше таа од изминатите седум години, ТВ дуелите на Александар Николоски со Шеќеринска преку кои можевме непосредно да се увериме во нејзините капацитети… – и вака можеме да редиме до утре – се е исто, па сега новата власт не знае каде и е главата, а каде другиот дел, само на неа и е подобро.

Впрочем, за нас, обичните смртници исто ќе беше и доколку беше избран било кој друг, а не Шеќеринска, на тоа место. Голем чекор за избраниот, никаков чекор за нас. Но, како што реков, изборот на капацитет како Шеќеринска е слика за задната страна на паричката за тоа што во овој момент е НАТО. Можеше НАТО да биде барем повнимателен со луѓе кои дома кај голем дел од јавноста служат за подбишега. И тука завршува приказната.