Дарко ЈАНЕВСКИ

И така, Хан и Рикер дојдоа да ни кажат дека од новиот закон за ЈО зависело членството на Македонија во ЕУ, ни дадоа наредба што треба да направиме и си заминаа. Ако и двајцата имаат воопшто поим што содржи сегашниот Закон за ЈО, а што Предлог-законот, би рекол дека ќе си ја пресечам шијата. И, ако и двајцата знаат да објаснат каква врска има некој си закон за обвинителство со приемот во ЕУ, што би рекле старите „еве на…“

Патем „дис бјутифул кантри“ веќе има Закон за јавно обвинителство. Донесен е во 2007 година. Па менуван. Претходниот е донесен во 2004 година, а тој пред него во 1992 година. Последните два, настрана хонарарите за овдешните тезгаџии, донесени се со сите консултации со, од чувар па до не знам кој во бирократска и исто така тезгаџиска Европа, во консултации со сите вакви или онакви тамошни совети и комисии. Така што на сегашниот Закон не му фали апсолутно ништо. Исто како што не слушнавме досега, која е потребата да се донесе новиот закон, ако сегашниот е во ред.

„Вашата земја“ исто така има и еден монструм од Закон за специјално обвинителство, текст кој е толку аматерски реѕардиран, што од него веројатно би се срамел секој професор по кривично од овде до Филипини, Хаваи, преку САД и Европа, и пак назад на Балканот, чија намена беше во одреден рок да ги санкционира делата на криминал и корупција кои произлегуваа од нелегалните снимки. Тој Закон имаше одреден рок на траење зашто е исклучок. Преседан кој не смее да стане правило, бидејќи е неуставен, бидејќи уставните судии беа замолкнувани како последни крпи во ова општество со политички притисок, бидејќи тоа го знаеја сите тогашни Хановци и Рикеровци, бидејќи тој Закон го поддржаа шарлатани професори и адвокати, демек да ја поткрепат со својата „експертиза“ неговата „стручност“ меѓу неуката јавност и бидејќи беше јасно дека тој Закон ја урива Македонија како правна држава, а не ја решава корупцијата. Конечно и дефинитивно, но со рок на траење. Ќе имате урната Македонија за да ви го смениме името, потоа вратете си ја назад.

Впрочем, за тоа каков е Законот за СЈО, не треба да ви давам правни образложенија и саботно да ве гњавам со правни одредби. Сме пишувале за тоа доволно многу. Затоа, доволно е да се потсетиме дека тогаш овдешен мешетар беше и бриселскиот мачкар Ван Хојте, другарче на сите овдешни лејки, и да се потсетите на неговата интелигенција и навреди кон македонскиот народ, па да ви биде јасно кое е нивото на тој Закон. Како што доволно е да знаете и дека сегашнот рекет кој беше откриен е само врв од сантата мраз која го потона Титаник, исполнета со најдовратни уцени, пазарења и што ли уште не, е последица и на таквиот Закон кој не случајно беше така напишан. Всушност, тоа беше и е дно на општествениот живот, во кое мафијата дефинитивно завладеа со Македонија, иако богами, е во мртва трка со Бранковите приватизациски години од 1994-1998.

Жртва на тој Закон, по втор пат, станаа и децата и рибарот, убиени кај Смиљковско Езеро (нешто за што треба да бидат гонети не само убијците, туку и сите кои учествуваа во таа перверзна и гадна правна манипулација која доведе до ослободување на убијците) и тука нема што повеќе да се каже.

Впрочем, злосторството направено со СЈО дипломатски го признава и францускиот амбасадор Тимоние, велејќи за Ал сат: „Јас веќе истакнав дека самото СЈО во себе содржи степен на опасност“. Сега уште недостига да кажам: „А кога ви велевме…“ (исто како што еден ден, пак ќе кажам, а во врска со новиот закон: „А кога ви велев…“)

И сега во таа ситуација ги имаме Хан и Рикер кои, нели како пријатели кои вени сечат за Македонија, наместо да ја вратат во државата ни во нормалниот колосек кога веќе дошле да даваат наредби, одново ја уценуваат Македонија: или ќе сме донеле нов монструм од закон во кој ќе било вклопено и СЈО или немало да добиеме датум за преговори со ЕУ. А, за тоа каков е новиот предлог закон, доволно е да го повторам тоа што го напишав пред некој ден: со него се влошува позицијата на веќе обвинетите и осомничените, а тоа е недозволиво и според ЗКП и според КЗ. Уставот и да не го споменувам. И пак можам да го повторам напишаното погоре: на тоа би се смеел секој експерт по кривично право од овде (всушност не од овде, туку ќе почнам од Бугарија) па до Јапонија и Филипините, преку Хаваите, САД и Европа, па назад до Балканот, односно до Албанија. Македонија одново ја исклучувам, како земја во која вреди нечиј правен збор во врска со ова.

И веднаш прашањето кое доаѓа само по себе: зошто Хан и Рикер, кои наводно бараат од Македонија да стане правна држава, одново наметнуваат решенија, кои како и при носењето на првиот Закон за СЈО, всушност го носат и значат токму спротивно. Значат, неограничено закопување на надежта за Македонија како правна држава, неограничеено воспоставување на ситемот на рекет, уцени од друг вид на оние кои не можат да платат рекет, неограниечено легализарање на мафијаштвото во обвинителско-судскиот систем, кое не дека не постоеше и не постои, ама досега барем беше нелегално. Сега, сето тоа добива европско знаменце.

За кратко да се вратам на Монструм: случајот се решава едноставно – со гонење на оние што учествуваа во правната игра за ослободување на убијците, и со воспитно укажување на Катица Јанева за потпис со кој предметот би се вратил назад, во редовното ЈО, таму каде припаѓа. Под „воспитно укажување“ не подразбирам примена на хохштаплерските методи кои Хан ги препорачуваше за друг случај, туку едноставна алтернатива ако Катица ја глуми Јанева од „Отвори, отвори…“ – пар документи и потписи, сеедно чии ќе бидат тие (ако се сеќавате, во првите денови, спорните ситуации околу тој на кое обвинителство му припаѓа некој предмет, ги решаваше сега „непостојниот“ Совет на обвинители).

Како и да е, останува дилемата: што им е гајле на Хан и Рикер за новиот закон? Зошто се потегнаа дури до Северна, па овој вториов уште отиде и во Битола, па во Кавадарци, па не знам уште каде… Комедија. А, законот, реално, нема никаква врска со приемот на Македонија во ЕУ, уште помалку со НАТО, нема никава врска со било какви критериуми, бидејќи тие критериуми ги исполнува и сегашниот Закон.

Објаснувањето е сосема едноставно: очигледно, и натаму им треба одржување на системот кој и досега се практикуваше – сите предмети да бидат отворени и преку нив, со помош на обвинителството да се креираат политиките во оваа држава, така како што оној вмровецот со дебелиот врат и глава беше носен од притвор во Собрание да гласа за Северна, така како што Бетка национале, охридскиот „Христо Узунов“ и другите кои станаа кученца кои сега ги држат на јаженце подготвени да трчаат по фрленото стапче секогаш кога газдата ќе им го фрли.

Се разбира, не треба повеќе од половина час брифинг од нивните советници (не од ченгиите на Заев именувани како советници, а кои се зафатени со лапање на државна сметка, туку баш од нивните) за и Хан и Рикер да сфатат дека новиот закон нема никаква врска со правната држава. Ако тоа е така, тогаш, другиот заклучок е јасен. Уште повеќе, што и натаму во игра се и Катица Јанева и нејзината обвинителска банда, сеедно дали ќе бидат распоредни и унапредени така како што сакаат Заев и великиот експерт Дескоска или ќе бидат вратени таму од каде што дошле, како што налага сегашниот Закон за СЈО. И во едниот и во другиот случај, сите тие ќе продолжат да бидат обвинители, а тоа веќе само по себе е катастрофа. Наместо апсаана, тие ќе бидат обвинители. Ваму или таму. Како ќе градите правна држава со нив? Како ќе градите правна држава со нив, со Јовевски, Рускоска, Спасовска која се откажа од Монструм, со Кацарска, со оние судии кои го ослободија Заев од „Поткуп“ и да не набројувам понатаму. Како ќе градите правна држава ако СЈО работело криминално? Како новото СЈО туку така ќе ги преземе случаите, ако веќе има докази за криминално работење во градењето на тие случаи? Тоа го решава новиот закон? Не. Апсолутно не. Само го зацврстува тој систем и му дава воздух, му дава нови бели дробови на пушач со педесетгодишен стаж. Чисти, гланц нови бели дробови, заедно со десет пакувања најкатроносани цигари, колку човекот да го започне новиот „Живот“ без стрес за ослободување од старата навика.

И уште еднаш, зошто сето тоа? За Македонија да остане држава на безрбетни лоботомирани зомбија, од кои на одредена група, Заевци и странските амбасади ќе им даваат по некоја пара за да да си купат марамчиња и да не се удават во сопствените лиги преполни со вирусот на беснило пред да го префрлат на другите. Всушност тоа е и поентата на овој нов закон. Со него ќе ги довршите истрагите на Фондот за иновации? Ха! Никогаш. И тој закон бил услов за ЕУ? За правна држава? Да, исто колку што и „мртвата фаца“ на Бастер Китон не беше комична.

П.С Ах, да, и ги замолувам странските ни пријатели, по оваа колумна да не биде вршен притисок да ми биде раскинат договорот со редакцијата! Оти, не е прв пат, со години е веќе, ама нели, ова не е Северна Кореја! Демократија е ова! Блескаме!