Една од пропагандните фрази која често ја слушаме во овие 20-тина години, а со која допрва ќе ни ги полнат главите поради референдумот, е дека не сме требале да гледаме во минатото и дека треба да се свртиме кон иднината. Порака е прилично прецизна: оставето го Илинден, оставете ги Самоил и средниот век, оставете го Александар или, накусо кажано – оставете ја историјата настрана. Заборавете ја.

Еден од проблемите на оваа неверојатно неинтелигентна флоскула на која можат да се залепат луѓе со не баш исправен мисловен „апарат“ (гледај платата, што ќе ти се Гоце Делчев, Питу Гули и Никола Карев) е дека, ако тоа е така, тогаш ниту Грција, ниту Бугарија, како членки на ЕУ и НАТО, што по пропагандната дефиниција значи дека се поцивилизирани од нас, не би се бореле така грчевито за историјата која тие тврдат дека сме им ја украле. Но, настрана таа сосема логична забелешка која сигурно досега ви паднала на ум или сте ја чуле и прочитале. Има нешто друго во ова што ја отсликува менталната закржлавеност на застапниците на таа теза, кои, за жал, во својата закржлавеност сакаат да не вовлечат и сите нас.

Имено, историјата не се состои само од востанија и од походи кон Индија како тој на Александар. Напротив, таа е многу поширока, а човештвото се развивало токму поради тоа што за да гледа напред, секогаш се вртело наназад. За да има иднина, секогаш мора да има историја. Пишана или усна, научна или преку преданија.

Па така, пред кој знае колку илјадници години, првиот човек се обидел самиот да запали оган удирајќи два камена еден од друг. Не успеал. Некаде грешел, па морал да продолжи да јаде храна таква каква што ја има во природата. За греењето да не зборуваме – останал да мрзне.

Следниот по него, од следната генерација, токму заради помнењето на грешките од претходната, успеал да предизвика искра. Третата генерација, собирајќи ги искуствата на двете пред неа, запалила и оган. Четвртата успеала да запали оган со триење на дрва. Петтата научила како тоа да го прави секој ден, па не морало да има стражари кои биле сурово казнувани ако огнот им се угасел. И, да не должам понатаму, мислата веројатно сама ви доаѓа: ако првите генерации на човекот не гледале наназад, ако не гледале каде претходниците грешеле, немало вопшто да запалат оган, а ние денес се уште ќе бевме на тоа ниво и ќе удиравме камења обидувајќи се да предизвикаме искра.

Или земете ја на пример, медицината. Без медицинската историја, се уште ќе бевме на ниво на кое на луѓето ќе се правеле операции без анестезија, а со претходно наливање со алкохол. Еден денешен хирург искуствата ги црпи од тој пред него, тој пред него учел од претходните искуства и денес во таа област, токму поради тоа гледање наназад, милиони луѓе имаат години нанапред за живеење.

Замислете го спротивното. Одите на операција, а ви доаѓа лекар кој не ни знае дека треба да носи маска, да има дезинфецирани раце и просторија и со себе носи пила за сечење дрва. Ако воопшто сме стигнале до изумот наречен пила за дрва. Пеницилинот би бил мислена именка…, ха, што зборувам, пијавиците за вадење крв би биле нешто што допрва ќе треба да се изуми. Ако имаме среќа.

Но, добро, да ја оставиме медицината. Да не одиме толку широко и да се вратиме во сферата на општествените науки. Нешто ми се мота во главата – а што да правиме со Виктор Иго, со Балзак, со Николаевич Толстој, Џек Лондон… сите тие се историја. Ете го и Шекспир со неговите черепи кај шета по сцена или да одиме уште поназад со сиот ризик да направиме и поголем ерес: што да правиме со Хомер – да ги запалиме Илијада и Одисеја?

А, читајќи ги сите нив, ние влегуваме во едно друго, минато време, влегуваме во начинот на размислување на тие луѓе, во општествата кои заминале во историјата и од таму црпиме искуства. Зошто? За да ги извлечеме од историјата добрите работи, а да спречиме да не ни се повторат лошите. Впрочем, нека оди некој од овие наши шарлатани и од оние кои од надвор ќе ни се истоварат во овие наредни 40-дена до референдумот и нека им каже на Французите дека „Клетници“ се нешто што ги влече назад. Патем, што да правиме со Библијата? Со Куранот? Тие денес го одредуваат начинот на живот на милиони луѓе. А, и едното и другото писмо се поглед наназад.

Или ајде да одиме малку во потесната област на она што повеќето просечни луѓе подразбираат под историја. Версајскиот договор по Првата светска војна наметнува такви репарации кон Германија што таа, за да ги исплати, освен што зема кредити, предизвикува невидена дотогаш инфлација по што на работнците два пати дневно им била исплаќана плата, а по првата исплата добивале и еден час пауза да за одат да испазарат нешто, зашто после неколку часа, истите пари веќе вределе многу помалку. Во 1923 година Германија воведува златна марка, инфлацијата е сопрена, има шест години стабилност, но во 1929 године следи нов удар со големата депресија по што, една безначајна, минорна партија – таа на Хитлер – во 1933 година успева да дојде на власт. Многу е разумно, човечки нормално, доколку имате барем малку од малку способност за размислување, да сфатите дека тоа искуство морате да го проучите, значи мора да одите назад, за да не ви се повтори во иднината, значи за да гледате напред.

Впрочем, нели не смееме да гледаме назад, за да влеземе во НАТО како иднина, но токму тамошните офицери не можат да мрднат во својата кариера без Александар, без Наполеон, Кутузов, без генералите од Првата и Втората светска војна, сеедно на која страна од фронтот биле.

Така што, јасно е дека со овие тези за негледање назад, ние всушност го правиме токму тоа – се враќаме назад и тоа не во ’45-та или ’903-та, туку во каменото доба. За разлика од другите кои продолжуваат по своите стапки, грчевито борејќи се за секоја историска педа. Но до вас е дали ќе им верувате на оние кои ве третираат како недоквакани и недоразвиени суштества или ќе му верувате на својот разум кој вели дека без историја, нема да има ни сегашност, ни иднина.

Се разбира, протоганистите на оваа теза не мислат да ја укинат светската историја. Ете ја замката на која ќе не уловат, нели? Не, не, тие сакаат да ја укинат само македонската. Што е уште пострашно, бидејќи така вршат своевиден геноцид врз својот народ преку една злонамерна, злосторничка глупост која има за цел од вас, како припадници на еден народ, да направи суштества кои одат, јадат, пијат и тука некаде да заврши вашиот живот. Отприлика како и животот на робовите во Египет или Рим. Со тоа што барем нема да ве фрлаат на лавовите.

Но, токму тој обид да се укине македонската историја, ја покажува и целта на сите овие договори – да се укине еден народ, да го снема, да остане закржлавен во кожурец кој други ќе му го одредат. Со помош на домашната, платена, злосторничка банда! Но, како што реков – изборот е ваш. Или што би рекла онаа која знае дека некои прашања не заслужуваат одговор – „Еден е изборот“!