Дарко ЈАНЕВСКИ

Семејството Фетаи од Тетово, три члена, живее со 9 000 денари месечно. Или, кога ќе пресметате, секој од нив има по 100 денари дневно за храна. За сметки, за облека, за лекови… не останува ништо! Живеат во руинирана куќа, а поинаку и не може да биде, кога веќе немаат доволно за храна и сметки, не пак за реновирање на куќата.

Фетаи не се единствените во оваа држава. Но, нив можевме да ги видиме со слика, со име и со презиме, поради посетата на министерот Велковски. Тие се тука до нас, кои плаќаме 100 денари за едно кафе во некое од кафулињата. Не ги гледаме, не ги забележуваме, поминуваме покрај нив како да не постојат, како да се духови или зла среќа (чудна конструкција е ова „зла среќа“) која како прашина сакаме да ја истресеме од нашата облека. А ако случајно и ги забележиме, со гримаса на лицето, го вртиме погледот, не сакајќи да знаеме за нив.

Како семејството Фетаи има уште 600 000 други граѓани на оваа држава, од 1,5 милиони колку што според проценките се останати да живеат во оваа бедотија која веќе пресилно мириса на мрша од угинато животно. Под услов проценките за 1,5 милиони да не се надуени и да се точни, што е под голем знак прашалник.

На тие 600 000 Фетаи во ова државиче, можат да се додадат уште 80 000 за кои и 100-те денари дневно се недостижни, зашто имаат на располагање само 60 денари на ден. Што би дале тие 80 000 да ја имаат сиромаштијата од 100 денари на ден на Фетаи!

Фетаи и нивниот живот се всушност целата приказна за Северна на муртинецот кој не одведе во ЕУ безобзирно продавајќи ја државата преку пучот изведен на фамозниот 27 април, тие се целата приказна на неговиот наследник Ковачевски кој се фали со блексавите економски успеси кои никој не ги видел и на оној со „исушената рака“ кој од запад доби пари за некаква невладина (патем, може ли холандскиот министер Коп да ни објасни зашто се трошат пари на западните даночни обврзници за таа невладина на „исушената рака“ и која е ползата од тоа?).

Тие не живеат со 100 денари на ден. Тие 100 денари оставаат на икона во црква, како знак на благодарност до Господ што им овозможил да бидат некој фактор во оваа корумпирана до коскената срж пустелија, во која живее народ на чиј грб тие уживаат удобно, безгрижно и раскошно.

Во меѓувреме, додека тие уживаат во раскошот на ова Елдорадо за нив, 600-те илјади Фетаи (кои не се Фатиме Фетаи која само од бонус во СЈО зеде близу 100-тина илјади евра) гладуваат. Копаат по контејнери и се хранат со сув леб. На мувлата на лебот не ни обрнуваат внимание. И таа за нив е храна. Не се греат зимава, зашто „така се калеше челикот“ или, ако имаат среќа, ќе ги стоплат рацете со некоја суварка најдена на патот или скршена исушена гранка од дрво. Тие немаат шанса да плаќаат струја во третиот или четвртиот блок по германски цени, зашто многу од нив трошат струја само за некоја сијалица од 60-тина вати. И тоа штедливо. Рано легуваат и гледаат покасно да станат, зашто така помалку време се будни во нивната мизерија и бедотија. Ним „Европскиот фронт“ на Ковачевски, Заев, Маричиќ, Ахмети и нивните пропагандни гавази кои ги товареа со по неколку стотини илјади евра и кои бладаат за избор меѓу Исток и Запад, не им значи ништо. Тие живеат во својата Европа – Европа на пропаднатото мизерно северно општество, колабирано до дното на пеколот во кој преживуваат, Европа на бедотијата и Европа на гладот. Штета што не знаеле да регистрираат некоја невладина со име „Како да не умреш во Северна од глад“ и да аплицираат во холандската амбасада. Парите сигурно би биле поплодно искористени отколку што се дадени на некој друг или на Судскиот совет. Штета и само што покрај нивните домови ги нема оние билборди со кои Владата не убедуваше и не убедува во светлата сегашност и иднина, во бесплатното здравство, во рајот на земјата во кој среќни и насмеани се движат кон крајот на тунелот, каде, според Маричиќ од најновото интервју за Гласот на Америка, ги чека рајот. А во меѓувреме, повеќе би сакале да го живеат животот на кученцето на Славјанка Петровска кое доживеа фото сесија со кученцето на Агелер, отколку својот. Тој живот на кученцето на „стани Цаци да те види сала“ сигурно е подобар од нивниот.

Има луѓе кои гладуваат по сопствен избор. Таков бил отец Натанаил од Псков-Печерскиот манастир, кој јадел по малку од тоа што има за манастирскиот доручек, ручал една петина од тоа што му е послужено, а никој никогаш не го видел да вечера, иако секогаш седел до крајот на вечерата на манастриската трпеза со празната чинија. Но, тој не гладувал. Тој така го научил своето тело за да биде поблиску до Бога. Не спиел во кревет, не затоа што не можел, туку затоа што не сакал на своето тело да му го овозможи тоа задоволство.

Но, тоа бил негов избор. Низ годините го научил телото да не се буни, а желудникот да не го вие во болна и страшна желба да земе повеќе храна. За сметка на тоа, можел да ги прочита туѓите мисли, да проникне во иднината на својот соговорник, зашто бил толку блиску до Бога, што овој понекогаш му ги отворал вратите низ кои можел да види каква ќе биде судбината на другите луѓе.

600-те илјади Фетаи во Северна, меѓутоа, немаат направено таков избор. Тие гладуваат, не затоа што сакаат, не за да бидат поблиску до Бога, туку затоа што се принудени на тоа, затоа што живеат во мизеријата и гнилоста на Северна над која зујат роеви инсекти кои се хранат со нејзините остатоци. Тие не се во манастир, туку во државен затвор кој се простира меѓу Табановце и Богородица и меѓу Охрид и Крива Паланка. Кои никогаш нема да ги видат, зашто не можат да платат да отидат до таму. За нивната судбина нема што да се каже, освен дека живеат во Европскиот фронт на Ковачевски, Заев, Ахмети, Шеќеринска, Димитров и останата братија.

Се разбира, сега нема кој да се слика со натпис „Сите ние сме Фетаи“. Тоа не е модерно и не е западно. Впрочем, така нема да им се допаднеме на амбасадорите. Зашто никој не сака да ја види бедотијата. Посебно не богатите.

А, Велковски можеби и ќе им помогне ним, но тие се само капка во морето на сите оние неколку стотини илјади Фетаи кои не можат дури ни да си дозволат да избегаат од „рајот“ што им го нуди Северна на Заев, Ковачевски и Ахмети (Груби не го споменувам, зашто тој не е тука, во Виена е на шопинг). И тука завршува нивната приказна. А тука, со нив, завршува и нашата приказна како припадници на овој гнилеж. Доколку не почнеме нова на 8 мај, што се чини, е наша последна надеж.