-Додека трае секојдневното малтретирање со изјавите на Друцас, со тоа како Грците му станале симпатични на светот (а, ние од бел лебед сме се претвориле во грдо пајче) и како веќе сите шест милијарди на земјината топка застанале зад името Северна Македонија, сите информации говорат дека овој предлог за „Скопиа“ е одамна апсолвиран како неприфатлив и дека тоа го знаат и самите Грци, и сите амбасадори во земјава кои за тоа се заинтересирани
Дарко Јаневски (оваа колумна по повод тогашниот предлог за Северна е напишана во 2010 година)
Пред некоја деценија, кога западните модни трендови почнаа полека да се пресликуваат и во нашата социјалистичка, самоуправна и каква уште не држава на работни луѓе и граѓани, во кривичното право се јави едно размислување за дискусија: дали жртвата на силување самата може да е виновна за тоа (делумно, се разбира), ако носи провокативно мини здолниште или ако генерално има такво однесување. Денес, кога дури и здолништата изработени од многу помалку материјал отколку некогаш, ја квалификуваат девојката што ги носи како конзервативна, а не провокативна, дилемата од пред некоја деценија изгледа смешно, но во тоа време, можеа да се најдат многумина кои сметаа дека не е редок случајот кога жртвата си го добила тоа што го барала. Таквите размислувања по кратко време беа засекогаш потиснати, како од новите сфаќања, така и од логиката на самата наука (инаку, би испаднало дека ако некој не ја заклучил влезната врата, всушност го повикал крадецот да влезе), но човек не може, а да не се потсети на нив кога ги слуша и чита веќе досадните забелешки во македонските медиуми дека нашата држава е таа која ја провоцирала Грција, на пример, со градењето споменици или со преименувањето на автопатишта и аеродроми.
Таквиот став, кај силувањето, требаше да ја оквалификува жртвата како неморално, нечисто и развратно суштество чија судбина и не е толку битна, зашто самата ја провоцирала, колку што е битен фактот дека на таков начин и се прави трошок и на државата за лекарски прегледи, полициски интервенции и судски процеси.
Истиот став пренесен на македонско-грчкиот спор за името, го поставува нашиот јужен сосед на тронот резервиран за жртвата, а нашата држава ја претвора безмалку во агресор. И кога тој став евентуално го делат такви како Ерван Фуере, Филип Рикер и еден дел од онаа западно-европска амбасадорска гарнитура, тоа и не мора да изненадува. Ама кога таа логика во континуитет ќе ја сервираат домашни егземплари, некако на површината на умот доаѓа Дарвин кој изгледа негде утнал со неговата теорија за еволуција. Очигледно, во некои случаи таа не функционира.
Молчи и трпи
Во тоа наше минато, расправата за напаѓачот и жртвата кај силувањето наметна уште едно размислување: дали за физички послабата жена е паметно ако дава отпор и дали ако при давањето отпор добие физички повреди, е самата виновна за нив? Значи, силувањето си е силување, ама дали можеле да се избегнат физичките повреди и дали ќе било подобро ако жртвата, наместо да се брани и со тоа да го предизвикува бесот на посилниот, молкум се согласела со неговата желба? Деновиве, во некој од овдешните медиуми беше пласирано дека Македонија е таа која треба да го смени името и дека поради тоа треба самата да нуди предлози. На оваа филозофија на размислување, пред 20-тина и повеќе години би се израдувале многумина кои сметаа дека силуваната не треба да прави ништо повеќе што би го иритирало напаѓачот, а во спротивно самата ја носи одговорноста за другите последици. Недостигаше, во таа експликација, уште совет за тоа дека жртвата треба да го праша напаѓачот што треба да направи за да му биде поудобно! Впрочем, таа е таа која треба да биде силувана, па зар не е подобро самата со активна улога да каже како сака тоа да биде сторено?
Кога ова ќе се спои со претходно кажаното, се добиваше една фина целина: прво, силуваната сама си го барала кога провоцирала со мини здолниште и второ, во таква ситуација нема ништо поприродно од тоа, таа да стори се што е потребно, тој што напаѓа да не биде изложуван на потребата да се мачи повеќе отколку што е потребно. Не дај Боже да мора да применува дополнителна сила, за која тој повторно можеби не е исклучиво одговорен, зашто тоа би било само негова дополнителна реакција на новата провокација на жртвата. Впрочем, зар не е најдобро во таква ситуација да се најде компромис?
Своевремено, се раскажуваше и за еден интересен случај, кој не беше поврзан со половото насилство, туку со смртната казна. Во тоа време, во Југославија, а со тоа и во Македонија, смртната казна беше дозволена и се изрекуваше за најтешки кривични дела, иако ретко кога се извршуваше. Но, во Европа беше започнат трендот на нејзино укинување, имаше и такви земји кои час ја бришеа, па повторно ја впишуваа, па одново ја бришеа, и сето тоа предизвикуваше дебати „за“ и „против“ и кај нас (макар што тие дебати пред се беа во потесните кругови кои на еден или друг начин се судираа со таа проблематика). И како пример кој можеше да натера на размислување, а кој им беше поттурнуван пред нос на заговорниците за бришење на смртната казна, често беше наведуван еден наш, југословенски случај, кој можеби беше вистинит, а можеби и измислен.
Некоја разведена жена или вдовица, што е сеедно за овие редови, имала две мали деца. За да биде се потаман, си нашла и љубовник. Минувало времето, нивната љубов растела и жената посакала да се земат. Но, на големиот љубовник му пречеле децата. Зар од сите мажи на светот, тој да биде меѓу тие што ќе чуваат туѓ пород?
Жената бргу сфатила во што е проблемот. Што и како се случувало во нејзината глава, во разговорите за смртната казна и не беше битно, но еден ден таа осамнала сама, без деца, подготвена да го облече новиот невестински фустан и да ја круниса љубовта со човекот на нејзиниот живот. Меѓутоа, бргу биле пронајдени и малечките, на дното од бунарот во нејзината куќа. За да добие нешто што силно го сакала, таа ги убила децата. Тогаш, веќе било доцна да и се објаснува дека децата веќе не може да ги врати, дека таа грешка веќе не може да ја поправи. Каков што впрочем беше еден и од главните аргументи на поборниците за укинување на казната: секогаш е можно да се погреши при нејзиното изрекување, а откако таа ќе се изврши, враќање назад веќе нема.
Зошто не им кажете?
Последната офанзива на грчката Влада и заменик министерот за надворешни работи Друцас, со помош на некои македонски медиуми, повторно не ставаат пред изборот – име или НАТО и ЕУ. Дури добивме и поучна порака: ако македонската Влада не биде умна и послушна, таа ќе морала да му објаснува на народот зошто се уште е пред портите на алијансата. Денес, за офанзивата се користи името „Северна Македонија“, веќе утре тоа може да биде „Горна“, „Вардарска“ или некоја друга Македонија. Се се тоа придружни модификации на една иста пропагандна шема – Македонија е таа која треба да и угоди на Грција, за да може да го добие венчалниот прстен. Нема меѓународно право, нема човекови права, нема рамноправни членки на ООН. И, додека тоа трае, Ерван Фуере и пар македонски новинари наоколу држат лекции за меѓународните демократски стандарди за недискриминација. Оти ако не сме ги почитувале тие правила на меѓународниот демократски поредок, Брисел ќе ни се лутел.
Во меѓувреме, додека трае секојдневното малтретирање со изјавите на Друцас, со тоа како Грците му станале симпатични на светот (а, ние од бел лебед сме се претвориле во грдо пајче) и како веќе сите шест милијарди на земјината топка застанале зад името Северна Македонија, сите информации говорат дека овој предлог за „Скопиа“ е одамна апсолвиран како неприфатлив и дека тоа го знаат и самите Грци, и сите амбасадори во земјава кои за тоа се заинтересирани. Вклучувајќи ги и оние чии „добронамерни“ предлози се сведувале на тоа дека ако не попуштиме, ќе ги искористат Албанците како месо за нова војна во Македонија.
Како и да е, фактот што предлогот Република Северна Македонија за севкупна употреба, дури не подлежи ни на сериозно разгледување во Македонија, изгледа никој не им го соопштил на тие што се уште се обидуваат да го одработат. Што не е фер кон нив. А и кон нас, зошто после сите мора да ги трпиме кога плачат.
За едни „крв и пот“, за други буре со мед
Посебна страна на медаљата е што ВМРО-ДПМНЕ почна сама да компромитира некои од идеите што ги започна. Енергијата што постоеше на почетокот, веќе одамна не може да придвижи ни детски велосипед. Многу вмровци се повеќе се тресат од владеачката треска која беше толку очигледна во времето на Љупчо Георгиевски. Дури и идејата за спомениците, која луѓето ја сфатија како потреба макар и на овој начин симболично да се контрира на еден од клучните грчки аргументи врз кој се заснова спорот со името, и која не успеаја да ја начнат сите пропагандни орудија на СДСМ, ја закопаа нејзините промотори со хонорари кои покажуваат дека, додека на една страна се бара „крв и пот“ од луѓето, зашто е време на криза (а тие споменици сепак треба да се платат), на друга, раката што дава е многу широка. Што и не би било толку битно, да не станува збор за битка во која власта мора да биде беспрекорно морална чиста. Ако бара од луѓето многу откажувања, таа треба да предничи во нив. Финтите во стилот „10 отсто е стандардна тарифа“, не помагаат во вакви времиња. Оти парите што се даваат, ниту биле, ниту се, ниту ќе бидат на оваа или онаа влада, на оваа или онаа општина.