Вие не можете да си нарачате опозиција во Република Македонија затоа што легитимитетот го дава народот. Не можете да си нарачате опозиција која дефакто ќе биде власт поради политички „дилови“ и уцени затоа што опозиција ви е македонскиот народ, му реплицираше пратеникот Влатко Ѓорчев на Зоран Заев на денешната собраниска седница на која на дневен ред се уставните измени.

-Опозиција ви се Албанците кои се разочарани, на кои не им ги исполнивте ветувањата. Опозиција ви се Турците кои се повеќе го креваат гласот, опозиција ви се Бошњаците, Србите, Ромите затоа што и вашите пратеници велат дека не ги исполнувате ветувањата. Опозиција ви се сите вероисповести и националности во Македонија, затоа што на референдумот кој вие го организиравте едвај 36 проценти излегоа да гласаат со сите притисоци и со сите скандалозни полнења на кутии кои ги направивте, истакна Заев.

Ѓорчев истакна дека реалниот одзив на референдумот и гласовите „ЗА“, без неважечките и ливчињата „ПРОТИВ“ на Заев му се едвај, мизерни 28 проценти.

-Немате легитимитет од граѓаните. Договорот не е симетричен затоа што тука е Уставот на Грција и Грција не менува ни една буква во нивниот Устав. Обидете се господине Заев да најдете двотретинско мнозинство во Грција и видете како ќе поминете. Обидете се во грчкиот парламент од 300 пратеници, 201 да гласа „за“ и видете како ќе поминете и каква ќе биде вашата симетричност во договорот со кој само исклучиво Македонија презема обврски, истакна тој.

Пратеникот го праша Заев кога ќе го смени името на својата партија и кога ќе станат Социјалдемократски сојуз на Северна Македонија.

-Кој ќе биде во статутарната комисија, дали тоа со акламација со аплауз ќе биде кога ќе го смените името на сопствената партија. Господине Заев дали со ножици ќе ги вадите амблемите на полицајците и војниците кои велат на Армија на Република Македонија, МВР на Република Македонија? Дали со бонсек или шрафцигер или со чекан ќе ги вадите буквите каде пишува Република Македонија или Влада на Република Македонија? Дали во овој парламент кога ќе речеме Република Македонија тоа ќе ни го кажувате како иредентизам? Кога ќе почнете да ги гоните оние кои наполнија 50.000 гласови. Имаме скандалозно полнење на кутии, веќе два месеци со прст не мрднувате?, го праша Ѓорчев Заев.