Дарко ЈАНЕВСКИ

Келнери од Македонија на Блед го молеле Ковачевски да не внесе во ЕУ за да се врателе дома. Се е тоа убаво, му доаѓа саклма на душата на човек кога го слуша ова, ама една работа ме мачи – не знам што бараат таму, кога овде СДСМ е на власт седма година по ред и кога, ако му веруваме на Заев, а нема причина да не му веруваме зашто тој не е човек што било кога во животот излажал, ние блескавме и блескаме.

И навистина, зошто овие студенти отишле да работат во Словенија кога келнери можеле да бидат и овде, а овде можеле и да студираат. На некој од нашите престижни универзитети кои само поради злоба на странците не се на Шангајската листа. По седум години блескање, наспроти претходниот понор, Македонија со Таче на чело, конечно е пристојно место за живеење. Еве прашајте ги пензионерите со 12 000 денари пензија кои според министерката Тренчевска, можат да го преживеат месецот со тие пари. А замислите што ќе правите со парите, ако како келнер добиете дури 20 000 денари. Плус бакшишот кој не е пријавен кај министерката за преживување, која се покажа како достојна замена за умот на Мила Царовска.

Така што нема потреба да се оди во Словенија или било каде надвор од this beautifully country, што би рекле странците. Ако со 12 000 денари месечно се живее, каде ли им е крајот на оние што земаат минимална плата од 20 000 денари или просечна плата од 36 000 денари? Само небото им е лимит, па и тоа не мора да биде нивниот врвен дострел.

Нешто Синдикатот промрчува од време на време со некоја синдикална кошничка од 50-тина илјади денари, во која за лекови се предвидени само 820 денари (но, ние секогаш се водиме од максимата „во здраво тело, здрав дух“, па и тие 800 денари ни се многу), но и тоа што Синдикатот мрчи е само колку да се каже дека нешто работи.

Во секој случај може да се заклучи дека Ковачевски ни пренесе порака од аздисани деца кои не можат и не сакаат да го видат сонцето што посилно ја грее Северна отколку Словенија. А, ако тоа е така, ако тие деца и уште 150 000 други иселени во периодот 2017-2022 година, само поради сопствен хир си заминале од овде, не знам зошто би ги слушале нивните апели. И зошто би им попуштиле на Бугарите за да влеземе во ЕУ, кога овде и без тоа ни е сосема добро.

Нормално, секогаш ќе најдете ситни души на кои се нешто не им чини. Така една пензионерка, која не чула за Тренчевска и која има пензија од 12 000 денари продаваше свеќи пред црква за празникот Успение на света Богородица, само за да се луксузира со тој вишок на пари кој му доаѓа како плус на нејзините месечни 12 000 доволни за живеачка. Си седи под сенка, пуши цигара (ете ти луксуз), продава свеќи и ги брои парите со кои ќе тера луксузен живот. Една свеќа – три денари, поголемата – пет денари. Живот е тоа, ами како!

И ја става раката на глава и вели: „До овде ми е од овие“! Ја гледам и се мислам како да и кажам дека треба малку да намали со расфрлањето пари. Да погледа телевизија, да прочита портали, да чуе, да види колку и е убаво. Кога веќе самата не знае.

А да го прави тоа, ќе ја чуе Тренчевска и кога вели дека не можело иста пензија да земаат тие со 15 години стаж и тие со 40 години стаж. Умно, нема што. Само што Нушиќевата министерка би требало да им ги најде годините стаж на илјадници работници кои во овие 30 години им ги украдоа газдите заради неспосбноста на државата да ги натера да им плаќаат пензиско. Тоа би било под број еден. А под број два би било дека пензионерите не бараат изедначување на пензиите, туку бараат сите да добијат подеднакво покачување на пензиите. Е, тоа Тренчевска не го сфатила или се прави дека не го сфатила.

Добро, до пред некој ден зборуваше за некаква одлука на Уставниот суд која тоа не го дозволувала, но и тоа е само обична фарса. Ако сака сите да добијат исто зголемување на пензиите, тогаш тоа може да се направи и со скалесто процентуално, а не линеарно зголемување. Па тој што има пензија од 40 000 денари да добие покачување од пет отсто или 2 000 денари, а тој што добива 20 000 денари пензија да добие покачување од 10 отсто. Така и едниот и другиот ќе добијат исто. Па така и волкот ќе биде сит и овците на број. Освен оние што имаат пензии од 12 000 денари и кои со сегашниот блесок на Владата на Таче и Нушиќевата министерка за труд и социјала, ќе добија покачување од цели 720 денари. Кои ќе им бидат вишок па ќе можат да ги заштедат или да ги потрошат на луксузен живот.

Така што келнерите од Блед можат своите апели да си ги зачуваат за себе. Нас ни е сосема добро со блескавите влади на Таче и Заев. И со Тренчевска. Така што не знам зошто пензионерите протестираат. Не можеле чоколадо да им купат на внуците. Голема работа! Кое дете денес сака чоколадо, и кој уште во ова време на здрав живот ги учи децата да јадат благи работи? Се се тоа измислени изговори за да се нападне седмогодишниот блесок на Заев и Таче.

Е, сега, тоа што Таче упорно инсистира да го смениме Уставот за да сме почнеле преговори со ЕУ, кои ги почнавме најмалку пет пати досега, не е баш сосема јасно. Оти ако нас ни треба ЕУ за да се вратат бледските келнери и студенти дома, плус оние 150 000 кои во последните години се иселиле од тука, тогаш Таче не го бива. Што ќе ни го? Да станеме Бугари и да бидеме една од најнеуспешните економии во Европа, можеме и без Таче. Ако пак го бива, тогаш требало да им одржи лекција на тие деца кои не ја гледаат убавината со која е заплисната Македонија од 2017 година, па наваму.

Не знам, но можеби треба да има избори за оваа дилема да си ја расчистиме и ние самите. Впрочем, не „можеби“, туку секако се потребни избори за да можеме и ние да ја искажаме нашата приврзаност кон светлиот тунел низ кој не водат Таче и компанија. А, посебна комисија од ДИК да биде испратена на Блед за можат децата-келнери да гласаат на раат, без да се малтретираат до одат до амбасадата во Љубљана. Толку барем можеме да сториме за нив, посебно што веќе утврдивме дека се малку разгалени.

А оние што мислат дека Владата на Таче не ја бива и треба да биде сменета и дека новата влада не мора баш по секоја цена да оди по ќејфот на Бугарите, не треба ни да гласаат. Се се тоа злобници!