Дарко ЈАНЕВСКИ

Поскапувањето на струјата за 20 отсто, најавено од премиерот Ковачевски, се чини дека е последниот колец врз веќе економски мртвото тело на македонскиот народ и граѓаните на Македонија. После тоа, нема веќе место дури ни за умирачка – ако веќе сте мртви поради скапата храна, ниската плата, безредието, правниот хаос, непостојните обвинителство и судство, корумпираната до крајни граници власт, урнисаното здравство, скандалот „Онкологија“…, не може ништо лошо да ви се случи: два пати човек не може да умре – може само еднаш.

Се разбира, тоа не се однесува на тие 10 отсто кои се греат на парно. Други 50 отсто кои се греат на дрва, ќе вежбаат со секирата и ќе облекуваат капут останат од седумдесетите години на минатиот век, кога ќе влегуваат во друга соба. Тоа е европска Македонија. Тоа се европските вредности кои веќе ги имаме.

Остануваат оние несреќници во групата од 40 отсто кои се греат на струја и кои по последното поскапување со четири тарифи, а не пак со новото поскапување од 20 отсто, ќе немаат ни за погреб. Ќе умрат од глад или од студ – сеедно. Тоа се чини е првото и последното поглавие од преговорите со ЕУ за речиси половина Македонија.

За да ја избегнат смртта, им останува да не користат струја. Така, додуше, ќе опадне моќта на пропагандата на СДСМ, зашто овие без струја и интернет на телефоните (и интернетот е скап, нели?) не ќе можат онлајн да ги следат платените објавите на Димитар Ковачевски кои чинат севкупно 20 000 евра, но, по ѓаволите, и без тие објави знаат дека човекот е совршен премиер, а Македонија, како што вели тој, лично и персонално од врвот на својата блескава глава до петиците, е најдобра во регионот. Ако не верувате, прашајте ја неговата сопруга која влезе во бизнисот со фотоволтаици. Зашто е многу способна, со претприемачки дух, како она детето на ДУИ кое стана газда во Соравија на 20 и нешто години.

Но, да бидеме искрени, струјата и треба да поскапи за 20 отсто, па и повеќе, зашто е луксуз. Што е така од времето на случувањата од Библијата. Да сакал Господ да ја имаме, ќе му помогнел на Никола Тесла да ја направи бесплатна. Всушност, не на Никола Тесла, туку ќе му помогнел уште на Мојсеј да ја изуми. Така што имате две добри причини да не пуштате ништо што работи на струја: едната е скапотијата за да ја избегнете едната умирачка – од студ, по што ви преостануваа само таа од глад, а другата е да ја почитувате волјата Божја. И да немате струја. Па ќе спиете што повеќе, со што ќе ја скратите ноќта. Навечер малку газија, која некои и ја пијат за лечење од најтешката болест, повеќе време ќе се гледате со децата низ полумрачната соба и ќе се вратите на корените. На кои голем дел од населението веќе се врати, јадејќи ги наместо „луксузната“ храна.

Како и да е, ако си легнете порано, логично – ќе станете порано, ќе се измиете со студената вода што ќе ви го очеличи организмот (не ви ја споменувам „Како се калеше челикот“ оти е руска), ќе излезете надвор на студенилото, посебно во јануари, да вежбате малку и…. ќе бидете бодар цел ден. До ноќта во 16 часот. И до наредниот ден.

Се разбира, без струја малку ќе се помачите за перење алишта и за капење, но ќе правите како што правеле нашите пред век и кусур… во Илинденското време, што не враќа во минатото, а тоа е антизападен став. Но, што да се прави, кога се мора! Па ќе заложите оган надвор и ќе ги перете алишта во котел.

А капењето? Тоа е лесно. Тука се кофите со вода, замлачена на истиот оган надвор. Така ќе ја намалиме и увозната зависност на енергија од Русија, со што ќе му ја покажеме нашата непоколеблива волја на агресорот Путин и повторно ќе се вратиме на западната патека од која излеговме заради погледите кон минатото кое нам ни е забрането. А, бидејќи Путин после тоа веројатно ќе се повлече од Украина, не можејќи да го издржи притисокот од Северна, Бугарија ќе ни ја укине таксата со дозвола на Брисел. Тоа пак ќе ни ги стопли односите со САД и ЕУ, кои ќе извршат притисок врз Бугарија да не ни ја менува историјата. Освен во делот за Илинденското востание каде ќе стои дека од времето на Самоил па се до Гоце Делчев, сме се капеле со вода загреана на оган надвор и сме ја переле облеката еднаш месечно во котел. Нормално, потоа сме чекале таа да се исуши за повторно да ја облечеме истата, зашто менувањето облека, според нашата Влада која верно се придржува до историската традиција на сите етнички заедници во РМ, се смета за луксуз. Што посебно се однесува на долната облека. Која, според стандардите на Владата на Северна, се облекува еднаш во животот и потоа не се менува вечно. Што би рекле свештенците – за век и веков!

И така, си живеевме долго и среќно. А потоа дојде принцот, не бакна и струјата одново поефтини. Што ни создаде нов луксузен трошок: вклучување болјери, машини за перење, миење во топло купатило со топла вода што не оддалечува од челичење на телото…. се на се, одново се вративме во канџите на декадентниот современ живот. И тогаш ќе стигнат и парите што ни ги вети фон дер Лајенка. Само ако малку го смениме Уставот. Не многу, само малку. И долгиот и среќен живот ни стана уште подолг и уште посреќен. Без умирачка.