Дарко ЈАНЕВСКИ

Малку по малку, година по година, дојдовме до тоа дека од 2018 до сега, очекуваниот просечен животен век на Македонците се намалил од 75 години на 72,3 година. Што значи, за време на овој период на блескање, во буквална смисла на зборот, украдени ни се три години од животот. Или со други зборови кажано, во времето на оваа власт, се создадени такви услови за живот, што ќе умираме три години порано.

И така додека во развиениот свет очекуваниот животен век се движи меѓу 80 и 85 години, кај нас тој се намалува. Да биде несреќата поголема, тие три години помалку живот им ги носиме и на нашите деца. Така што, тоа е се што има да се каже за дострелите на оваа власт и нејзините успеси.

Во регионот, зад нас е само Бугарија. Толку има да се каже и за дострелите на „славната“ бугарска нација и нејзините лидери кои наместо да се занимаваат со овој сериозен проблем, со намалувањето на животниот век на Бугарите, со тоа дека Бугарија денес има седум милиони жители, колку што имала и во 1945 година, наспроти деветте милиони во 1990 година, се расправаат со нас што бил Гоце Делчев. Наместо во овие години да се трансформираат, заедно со Грција, во локомотива на регионот, тие решија да ја оправаат македонската историја. Исто како и Грците.

Колку за споредба пред повеќе од 120 години во Бугарија имало најмногу стогодишници во Европа (посебно во пиринскиот дел), па француски тим од тогашни експерти бил испратен да испита на што се должи тоа. Пронашле дека најмногу долговечни има во селата кои се хранат со природно кисело млеко поради присуството на бактерии кои денес ги има во одредени пробиотици. Како и да е, Бугарите од некогашни лидери во Европа по долговечни луѓе, денес се на опашката, заедно со нивните „браќа“ од Македонија. Што е показател дека се на прав пат – додека се занимаваат со тезата за „еден народ во две држави“, нивниот народ умира се порано и порано. Како и нашиот, кого скапо платените пропагатори на Заевци, Тачевци и Ахметовци уште се обидуваат да го занимаваат со „Скопје 2014“, во чие време, со сите стиропори и сите слабости на таа власт, очекуваниот просечен животен век на Македонците бил над 75 години. Како тогаш сега е подобро од време на режимот, кога не сме биле на европскиот пат, туку на дното и сме биле изолирани, за разлика од сега кога сме пред вратите на ЕУ, се живеело најмалку три години повеќе, а сега ќе се умира три години порано, навистина не е јасно.

Но, од друга страна, што се три години живот. Ќе умрете порано – голема работа! Еден пријател-лекар велеше дека целата поента е во тоа дека кога веќе мора да се умре, подобро е тоа да биде покасно отколку порано, но очигледно грешел. Кога ги гледате Заев, Ахмети и Ковачевски, едноставно само ви доаѓа од душата да има дадете не три, ами два пати по три години од вашиот живот. И не само од вашиот, туку и од животот на вашите деца. Ќе ги родите, ќе ги израснете и ако не ги избркате од оваа пустелија некаде на запад, во земјите каде се живее по 85 години во просек, тогаш ги осудувате да умрат прилично рано. Освен ако не се споредувате со времето на Исус, кога луѓето можеле да очекуваат, во просек, да живеат 40-тина или 50-тина години.

Ама, како што реков, што е тоа во споредба со европскиот пат во кој не носи спомената тројка? За таа цел, зад чија димна завеса тие товарат милиони на своите магариња, вреди да се умре порано. Во крајна линија, еден ден секако ќе умрете. Па зошто тогаш, во име на светата тројка, тоа да не биде порано. Три години, што би рекол народот – а биле, а не биле! Откако ќе умрете и ќе помине некоја деценија, сеедно е дали сте живееле 72, 75 или 85 години. Затоа – што ви е гајле. Накривете ја капата и проживејте го весело тоа што ви останало. Седумдесет и две години и онака не се малку. Замислете да мора да се мачите до 85 години со пензија од 13 000 денари. Што е мака невидена. А вака, си правите добро и себе и на државата. Штом умрете порано, тоа значи помал трошок и за Фондот за здравствено и за Фондот за пензиско. Со што правите добро дело и оставате белег во историјата на оваа држава. Никој утре не може посмртно да ви префрли дека сте сториле нешто лошо за државата. Напротив, сте ја исполниле онаа поента на Кенеди – не прашувај што државата може да стори за тебе, туку прашај се што можеш ти да сториш за државата.

Ние, ете го имаме одговорот. Ќе умреме порано! За државата. За Заев, Ковачевски, Ахмети и Пендаровски. Ние ќе умреме порано, а додека го испуштаме здиввот ќе се молиме тоа да не важи за нив. Зашто тие ќе живеат вечно. Во нашите срца и во срцата на нашите деца кои уште отсега ги осудуваме.