Ме стега нешто срцето, тешко дишам, надвор жега – пече сонце, дома уште полошо оти клима не пуштам за да штедам… А, стега, од лево, од десно, одозгора-одозола, клешти чиниш го фатиле, па го вртат, го влечат, го кинат… Нема друго чаре, не се трпи ова, морам на лекар.
Директно одам на Клинички, главниот влез, гледам одлево една убава зграда, се гледа дека е од поновите. Влегувам внатре:
-Добар ден – и велам на жената на шалтер.
-Повелете – ми одговора гледајќи ме со крајот од окото.
-Ме стега срцето, би сакал лекар да ме прегледа! – велам и се фаќам со раката за градите правејќи некоја болна гримаса со лицето од која и бебе би требало да заплаче со вресок.
Жената полека ја крева главата, ама само толку колку да може да ме види без очилата за гледање од блиску кои и се на главата.
-Дечко, ова е гинекологија (за ова „дечко“ подоцна се вратив и и’ донесов една бајадера – ги оскапеле троа повеќе, ама за “дечко“ вредеше). Овде не се прегледуваат срца. Плус, ти машко ли си?
-Порано бев, сега од кај да знам со ова родовиве, машко-женско и машко и женско, родител 1, родител 2 – се се измеша, од кај да знам што сум? – и одговорам.
Се поткренува малку од столицата, ме погледнува низ стаклото и вели:
-Добро, не ме нервирај, што и да си, ти го немаш тоа што овде се прегледува, а го имаш тоа што не се прегледува, ама тебе не те боли ни едното и другото. Што значи, како паметен „дечко“ (охо, уште еднаш „дечко“) ќе разбереш – НЕ СИ ЗА ОВДЕ! Јасно? Ајде сега низ врата, па нагоре по патот и на кардиологија! – ме избрка, си ги намести пак очилата за читање и продолжи со тие нејзините хартии.
Добро, си велам, барем добив потврда дека не сум женско, ама пак не ми е јасно. Какво е тоа срце што жените го имаат, а јас како машко со медицинска потврда за тоа (додуше усна, ама нема везе) го немам?
Излегувам, си купувам еден сок од оние со цевка, во кои има вода, некаква боја и шеќер и на кои задолжително пишува 100 отсто овошје, меркав и една маица што се продава на картонска кутија, ама се откажав и фатив кроце нагоре по патот со коцки. Кога гледам, десно од мене, пишува: „Клиника за нуклеарна медицина“. Ех, си велам, ако кај овие од „нуклеарна“ не завршам работа – никаде!
Влегувам внатре, убаво, чисто, како да си во НАСА, добро, не баш НАСА ама тука негде, зад шалтерот вообичаена слика. Се наведувам и промрморувам дека барам еким за срце. Жената прво културно ме погледнува, потоа сфаќа што сум ја прашал, пивнува од кафето во пластична чаша, прави гримаса од тоа што во него има премногу или премалку шеќер, ја спушта чашата, гледа наоколу да не е некоја скриена камера, па пак го крева погледот кон мене и со широко ококорни очи ми вели:
-Ти арен си?
-Не сум – велам – затоа дојдов. Зошто би дошол ако сум арен? А, Вие, арни сте, по дома како? – отворам домаќински муабет за да ја смилостивам.
Ококорените очи стануваат испапчени и шокирани:
-Ај те молам, врви си низ вратата и нагоре до кардиологија! Бегај од овде и не терај мајтап!
Значи, така, второ бркање. А, јас пак не разбирам. Не барам точкар за автомобил. Барам лекар, а тие ме бркаат, ме шетаат ваму-таму. Оние првине бараа уште и женско да бидам. Не знам, немав телефонски број од Царовска да им го дадам и да и свртат, да им објасни дека машко-женско, се тоа спаѓа под „тоа“. Под исто. А не, овој лекар бил само за жени, оној за она, овој за она…
Како и да е, тргнувам нагоре од „нуклеарциве“ и гледам од десна страна некои монтажни лимени бараки и табла на која пишува „Пулмологија“. Добро, си велам, тоа „пул“ можеби означува пулс. Ова мора да е тоа. Влегувам внатре, кажувам што е работата, а жената не губи време – викна некој Хајрудин, два метра човек, ме фати за рака и ме изнесе надвор. И со нив сум терал мајтап. Рака на срце, Хајрудин не само што ме фати за рака, Господ здравје да му даде, туку и ме однесе пред вратата на Кардиологија, десетина метри погоре.
Значи, ете, конечно, тука сум. Само што во меѓувреме срцето престана да ме стега, но ме „фатија“ колкот и колената. Ами сега?
-Дечко – ми вели чуварот на вратата, (среќа беше машко, инаку отиде уште една „бајадера“ за тоа „дечко“) – ти си за на траума. Надоле, па десно, па до Ургентен и таму прашај.
-Ама зошто – се бунам – и онака едвај одам, а лекар си е лекар? Што, зар овие овде знаат срце да лекуваат, а не знаат пар коски да ѕирнат?
-Ај бркај си работа, ме ми досаѓај – ми вели и одмавнува со раката.
Нормално, по волку возбуда, ме стегна и желудникот. Вртам десно долу по патот, гледам редица луѓе, застанувам и јас во редот, чекам половина час, ама тоа да ти биле амбуланти за бубрези. Не ме примаат ни за колкот, ни за желудникот. За срцето па – ич! А тука, едно до друго се сите органи, ама оди ти објасни се. Марш ти вика!
Потаму било кожно, таму побарав очен лекар, си велам кога сум тука, зошто да не го проверам диоптерот, ама и оттаму ме избркаа. Од траума ме испратија на ортопедија, таму се пожалилив дека тешко дишам зашто два спрата се качувам, а лифтот не работи, ми велат оди на пулмологија, јас се бунам дека оттаму дојдов, ама таму барав срцето да ми го прегледаат…, се на се, едни се смееја, други нешто покажуваа со прстот на челото, трети ми даваа по 10 денари и да си одам, еден болничар ми тутна во рацете кифла и јогурт … ви велам – општ хаос.
Па си мислам, ова крај нема, туку, ај ти Дарко, оди си дома, па како дал Господ.
Доаѓам дома, правам промаја и застанувам облечен на место каде промајата е најсилна, за да не се туширам и да не ја перам облеката по шетање низ клиниките заради штедењето струја, седнувам, отворам на интернет вести да се релаксирам малку и читам дека, види жити се, антиката и средниот век со Бугарите, за 240 илјади евра ни ги решавале Драги Ѓоргиев, кој да ти бил експерт за османлискиот период, некој си Тодоров, кој да ти бил исто така стручен за османскиот период, па имало некој Литовски кој си поднел оставка, а ја работел поновата македонска историја, па извесна Спасковска во чија биографија стоело дека (внимание Ве молам) „истражувачките интереси и се во историјата на Југоисточна Европа, политичката и социо-културната историја на интернационализмот, вклучувајќи го развојот, неврзаноста, деколонизацијата и историите на генерациите, притоа обезбедувајќи нови важни перспективи за (повторно) создавање на антиимперијална Европа и пристапи кон европско-глобалните јужни односи“ (ууу, еве се наежив од сето ова)… и редица такви.
Читам и богами, не ми се верува. Збунет сум. Како тоа овие се експерти за се’ – антика, среден век, 19 и 20 век – а оние на клиника експерти се за по само еден орган? И сега, што да правам? Кој е во право? Овие што решаваат за нив, немајќи допирна точка со Самоил, светите Кирил и Методиј, светите Наум и Климент, а меѓу нив и јас кој сакав срцето да ми прегледа гинеколог, желудникот – инфектолог, колкот – кардиолог, а очите – кожен лекар или другите кои тврдат дека тоа е мешање баби и жаби односно манифестација на некомпетентност. Оти, ако се прифати првото, а гледаме дека се прифатило, историчар си е историчар, а лекар си е лекар, нели? А гледам, и цела Влада стои зад мојот принцип. Ама што да кажам тогаш освен дека ова шетање што ми го приредивте, не беше фер, другари лекари. Ни кон мене, а ни кон Владата.
Што не го менува принципот дека таква Комисија не требаше да постои. Дека таа Комисија е од Договорот на Бојко љубави и интелигентниот ни Заев, во кој стои „заедничка историја“. Ама среќа наша, еве по пет години од Договорот, се јави нивното тогашно другарче, еден горд Македонец, новопечен комита, љубов вмровска, кој си бара горда братија и пушка берданка, кој што ќе не брани и не само што ќе не брани, туку и ќе не одбрани.
А, јас, штом така стојат работите, уште утре ќе тркнам до забно, имам некој осип на кожата, па да видам што е. Оти рековме, ако историчар си е историчар, тогаш и лекар си е лекар, а горд Македонец си е горд Македонец, нели? Заби, кожа, срце,,, еднаш вака, друг пат така – сето тоа ти е се’ едно те исто.