Најсмешни се шарлатаните кои сега со својата велелепна интелигенција го замајуваат народот дека, ете, со ЕУ и НАТО ќе сме направеле правна и не знам каква уште не држава. Во меѓувреме, истите тие ЕУ и НАТО ја означуваат Албанија како легло на корупцијата, ама ете Бугарија е европски цвет безмалку како Данска на Тевдовски. Во Романија стотици илјадници неодмана демонстрираа против корупцијата, а една министерка им ја ловеше Интерпол дури некаде во Јужна Америка.
Можеме да ги редиме сите до една, па и најстарите членки на ЕУ, но зошто да бегаме од нашето опкружување. Ете ја и Грција, што би рекло другарчето од Муртино, отворена како пупка. Патем, вчера ли беше, кога Ципрас од срцето на „лулката“ на европската демократија изјави дека црните фондои се неопходни. Тоа се истите тие фондови кои служеле и служат за поткуп на „слободата“ на говорот овде во ФИРОМ. А, да се само за тоа… Што прават со тие пари кај нив, ссмите си знаат, но и тие не им се доволни.Евидентен доказ за ова се 300-те милијарди долг или нешто над 170 отсто од нивниот БДП. Колку за потсетување, таа иста држава банкротираше со 166 отсто долг. Ама сега се е во ред, нели? Зошто. Затоа што е членка на НАТО и ЕУ. Пред банкротот не беше. Или сум грешка?
Патем, по десет години членство во НАТО, во Албанија живеат 1,4 милиони жители. Беа три милиони. Во Бугарија има седум милиони, помалку и од пописот во 1946 година кога имало некаде околу 7,6 милиони. Да не зборуваме за 1990 година кога Бугарија имала девет милиони жители. Весникот „Ирско време“ неодамна ја оцени Бугарија како земја чија нација најбрзо исчезнува. Плевнелиев ли беше или некој друг, пред некој ден, кога оцени дека Бугарија била десет години зад Македонија, а сега била десет години понапред. Да, ако ги цените само нашите и нивните олигарси и мафијаши. Останатите, прашајте ги за правната и богата Бугарија.
Најсмешно е меѓутоа што истите тврдења продолжуваат по последната поддршка од ЕУ за примена на балкански методи кон оние осум пратеници кои гласаа за уставните измени. Какви се тие методите и самите видовте, а патем – ене ви ги вмровците што беа внатре, па ако се мажи и патриоти како што се удираат в гради – нека сведочат. Иако, доволно е и тоа што Јанушев го кажа некаде кај 19 часот завчера за милионите евра што биле во игра.
Всушност, истата приказна ја слушавме при формирањето на СЈО, иако и неписмен правен и политички шарлатан е свесен дека од неправо не може да се изроди право (освен ако тој неписмен не е професор на некој правен факултет во РСМ – тогаш шансите да разбере драстично опаѓаат). Односно, ако СЈО е орган формиран спротивно на Уставот, не може да се очекува дека ќе врши уставна функција. Сега, кога СЈО и ЈО беа употребени во овие настани, станува очигледно нели. Иста е ситуацијата и со грчкиот договор – не едно, туку десет членства на Северна во НАТО и ЕУ, нема да направат од нејзе асална држава ако до тоа членство се дојде на на ваков начин. Целата оваа игра навистина е извонредна за Заев и компанијата, вклучувајќи ја и таа од ДУИ, ама ако има еден, само еден Северњак што навистина мисли дека Зоран Заев и Али Ахмети се самовилите кои што од С. Македонија ќе создадат правна и богата држава така што ќе ја внесат во едната и другата организација, тој може слободно да се пријави во некоја српска Задруга, па барем ќе го има на телевизија и по портали и ќе може да не облагороди сите нас на тој начин.
Инаку, пред некој ден во Хрватска некоја пратеничка имала спонтан абортус, па потоа, по закрепнувањето, од говорница на Саборот се пожали дека и вршеле киратажа на живо. Не дека немала пари да отиде кај сака и во која сака болница, но жената, со верба во хрватско-европското државно здравство, отишла во државна болница. По нејзиниот говор, следеле десетици писма од жени кои минале низ различни процедури во хрватските болници, меѓу нив и една која била шиена на живо, а кои се жалат, всушност не се жалат туку плачат, на третманот што го имале во земја, која Хрватите, рака на срце си ја сакаат и почитуваат и која, со оглед на стажот во НАТО и ЕУ, не би требало веќе да има вакви проблеми. Патем, Славонија се жали дека веќе е празна, што е сосема несфатливо за една земја која по нашите сфаќања би требало сосема удобно да живее само од туризмот и од самиот факт што е членка на ЕУ и НАТО. Истовремено тоа е земја од која разни фаци во нашиве платени реклами не убедуваат колку ќе ни било убаво во двете структури. Дома, тоа што овде го зборуваат не смеат ни да помислат јавно да го кажат. Се знае и зошто.
Дека би било подобро во НАТО и ЕУ, веројатно – да, затоа што ќе добиеме некоја пара за по некој пат и ќе има повеќе проекти за бандата која и сега е на странска цицка! Но во нашиот случај, да се вратиме на почетокот – нема да биде ништо од тоа од едноставна причина што и таа некоја пара ќе биде украдена. Причината е едноставна – како што и со СЈО не добивме повеќе правна и поправедна држава, нема ни сега на овој начин. Впрочем, не можеш некого да убиеш, во случајот правната држава, па да тврдиш дека со тоа што си го убил, утре ќе му биде подобро и ќе биде повеќе жив. Тоа го има само во Библијата, но и таму е напишано дека поубавото е после смртта, а не сега. Така што, не можеш со начинот на кој е дојден Заев на власт, со начинот на које избран Талат Џафети за претседател на Собранието, со начинот на кој од Уставниот суд е направена збирштина од мивки, се до начинот на кој се обезбедени овие 80 гласа од завчера, да ја убиеш правната држава, а после да очекуваш дека на тој начин ќе ја изградиш односно воксреснеш. Како што реков, тоа го има само во Библијата и тоа се однесува на другиот свет, а не на овој.
Оттука, сета оваа игра на која сме сведоци, нема врска ни со НАТО ни со ЕУ до чие членство треба да стигнеме на нормален начин. Всушност, има врска со се, ама најмалку со тоа. А, најмногу со пари. Со многу пари. И со неколку лични кариери. Ах, да и со незапирливиот од кон светлата иднина која носи кон поделба на Северна на бугарски и албански дел. При што, сегашниве главни актери нема да бидат тука. Каде ќе бидат, зависи од нивните шефови.