Дарко ЈАНЕВСКИ

На почетокот беше Ковачевски. И „би“ Ковачевски и рече: „Ако ги зголемиме платите на наставниците, тогаш ќе имаме инфлација.“

Така, се појави од небесата, кажа што кажа и се врати таму од каде што се појави. А, јавноста ја доби неговата реч.

Но, дојде третиот ден и на Ковачевски му текна да преговара со нивниот ССМ. И ги создаде оние 2 806 денари плус за јавниот сектор (132 000 лица според извештајот на министерот Алити од 31 март 2022 година).

Дојде и четвртиот ден, а никому не му текна да праша: Како тоа 18 отсто за 30 000 наставници и воспитувачки ќе ни донесат инфлација, а 2 806 денари а 132 000 лица – нема да донесат инфлација, иако ќе бидат исплатени повеќе пари!

Но, на петтиот ден му текнало на Битиќи дека имаат проблем, дека се побиваат самите себе на чело со тој што слезе на првиот ден и рече „J will tell you this only once“, па и тој слезе од некаде и ни рече дека таа инфлација од платите што ги договараат со ССМ била пресметана. За разлика од таа што ја договарале со СОНК. Па така добивме пресметана инфлација кога исплаќате повеќе пари, и непресметана инфлација кога исплаќате помалку пари. Умни се овие на мајка. Затоа и не живеат овде, на земјата, туку се таму некаде горе – на небсеата.

На шестиот ден дојде празникот. Еве го трае и во седмиот ден. И наставниците чекаат. СОНК исто така. До вечер. Чекаат и децата, за кои оваа Влада се грижи. Не за нивните деца, оти тие се по монденските и светските одморалишта, туку за овдешните деца – тие на бедотијата која нема срам. Ем бедотија, ем од кревете не излегуваат.

И не треба да се чека осмиот ден, зошто тоа беше јасно уште во првиот (само не знам зошто „this beautifuly country“ ја зафати општ економски молк) дека, зголемите плати на наставниците нема да предизвикаат инфлација и дека Ковачевски лаже. Онака по селски. Како што си се лажат рибарите откако од пазар ќе купат риба, па ќе седнат пред гранапче на пиво и салама.

Зашто постојната инфлација што ни се случува е инфлација на зголемени производствени трошоци. И нејзе можете комотно да ја следите со покачување на платите без страв од инфлацијата. Но, само под еден услов: да не се печатат пари, да се задржи постојното производство, а зголемувањето на платите да биде од постојната рамка на буџетот. Што значи, помалку крадење, рационално трошење и… пари за градинките, за основните и средните училишта ќе се најдат. Без зголемување на инфлацијата повеќе од тоа што е сега.

Исто како што инфлација ќе нема и ако Владата се договори со својот ССМ и за другите дејности. Нема да има притисок врз вредноста на денарот, нема да има потреба од зголемување на каматите…, едноставно, нема да се случи ништо страшно, освен ако Владата, за да го докаже спротивното, самата не предизвика нова криза, па да биде во стилот: Еве, ви рековме!

Значи да повториме: ако парите се реални, а не фиктивни – зголемување на инфлација поради воспитувачките и наставниците ќе нема. Обратното е обичен спин што требаше да го сврти целото граѓанство против СОНК (заради вас ли сите ние ќе страдаме?), спин што досега требаше да биде разбиен, ама ај…, некои се умни, а некои да се живи и здрави!

Точно е дека со зголемување на платите ќе дојде до зголемување на потрошувачката, но тоа може само да влијае на поголем БДП, а не на зголемување на цените. Едноставно е – тие што ќе добијат поголеми плати ќе купат некој производ повеќе, за толку фабриките ќе работат повеќе и работите ќе се нивелираат, односно ќе се вратат на нивото на кое биле пред некоја година, пред да започне ова нагло осиромашување на граѓаните што ја турка целата економија во колапс и што е сосема различно од ситуацијата кога би се печателе пари, па инфлацијата би ја намалила нивната вредност и не би се добило ништо.
Впрочем, еве нека праша Ковачевски во ЕУ, кај Американците, нека праша каде сака: кој нивен економист смета дека со зголемена потрошувачка од реални пари и се наштетува на економијата?

Спротивното би значело дека ако помалку трошите, постабилна ќе ви биде и побрзо ќе ви расте економијата. Кој тогаш ќе го купува тоа што ќе произведете не е баш најјасно, ама уште еднаш – ај… Впрочем, кажете им го ова на Запад, чиј темелен лост е потрошувачкото општество, и ќе ве прогласат за луд.

Е, сега, некој збор и за госпожата министерка на труд и социјала, која тврдеше дека ако им ги исплатела платите на вработените за време на штрајк ќе сторела кривичнодело, зашто законот и колективниот договор велеле дека треба да се исплатат само придонесите и даноците.

Госпожата би требало да знае дека во тие прописи пишува дека таа има „должност“ да ги исплати даноците и придонесите, но не ги забранува платите. Каде пишува дека е кривично дело ако таа го потпише исплаќањето на платите? Никаде! Уште еден обичен спин.

Но, спротивното е доведување на штрајкувачите во понеповолна положба, а тоа е веќе сомнително и забрането. Посебно што, ако не е кривично дело да им се исплатат платите на штрајкувачите кои се доведени во таа положба не по своја вина, кристално кривиично дело е ако министерствата, кога претходниот пат беше зголема минималната плата, пред ова зголемување на 18 000, не ги усогласиле платите и на луѓето им исплатиле помалку отколку што им следува. Зошто ЈО на Јовески молчи за ова не знам, веројатно чека нарачка која нема да стигне, ама дека досега требало да се крене на нозе – требало.

За сегашното усогласување, госпожата министерка вели дека имала време од шест месеци, но, тоа не значи дека треба да ги усогласи платите на 180-тиот ден, туку тоа можеше да го стори и досега и проблем ќе немаше.

Настрана тоа што СОНК бара исплаќање на дневници, а не на плати, и за тоа вели дека има основа, па како што рековме, не би било отповеќе ова прашање да го заинтересира Јовески и неговото ЈО. Значи, прашањето е: зошто досега не се усогласени платите при покачувањето на минималната на 15 194 денари ланската година и зошто госпожата лажно тврди дека ќе стори кривично дело ако им се исплати плата на штрајкувачите за времето на штрајкот, вршејќи на тој начин притисок врз нив од позиција на сила?

Инаку, ако платите беа усогласени, според коефициентите, сега еден наставник кој е надлежност на МОН би требало да има околу 37 000 денари основна плата, наспроти постојната од околу 24 000 денари.

Бидејќи тоа не е сторено, уште еднаш, прашањето до госпожата во чија надлежност е ЗРО е зошто тоа не е сторено, а прашањето до Јовески е зошто не реагирал на оваа брутална кражба на вработените?