Дарко ЈАНЕВСКИ
Втор ден по прес конференцијата на обвинителот Гаврил Бубевски и министерот Оливер Спасовски, речиси со сигурност може да се тврди дека јавноста не ја прифати нивната верзија на настаните и не поверува во тоа што го кажуваа. Барем не во целост. Клучна „дупка“ во приказната која ја воочија многумина, практично секој корисник на социјалните мрежи, е дека девојчето било убиено околу 10 часот, два ипол часа по киднапирањето, зашто убиецот го фатила паника поради објавите на социјалните мрежи. Значи човек кој ладнокрвно испланирал и извршил киднапирање на 14 годишно дете, на место каде лесно можел да биде воочен (тука е и приказната со ставање на жртвата во вреќа и во багажник), по само два часа го фаќа паника која целосно му го поматува умот! Верувате? Не баш!
Посебно што тоа утро, до 10 часот, ниту имаше никаква хистерија на социјалните мрежи, ниу јавноста беше претерано возбудена. Уште повеќе што здрав разум тешко би прифатил објаснување според кое убиецот, по извршеното киднапирање, немал друга работа, туку следел што се објавува на социјалните мрежи. Обидете се да си го претставите најмрачниот ум на светот, па сепак тешко ќе најдете објаснување – има киднапирано дете за кое сака да изнуди пари, а тој седи и гледа што се објавува на фејсбук и твитер, по што го напушта ладнокрвноста, го фаќа паника и извршува убиство.
Значи го имаме наводниот мотив – користољубие – но тој мотив повеќе упатува на логиката дека ако убиецот навистина го фатило паника, попрво би го пуштил девојчето (претходно го ставил во вреќа и не дозволил да биде виден, зар не?) и би се обидел да се извлече од „кашата“ во која се нашол, отколку да го убие детето.
Значи досега има две крупни слабости во објаснувањето на Спасовски и Бубевски – причината поради која е извршено убиството – наводната паника и мотивот поради кој било извршено грабнувањето. Ниту едното, ниту другото, така како што беа презентирани од министерско-обвинителскиот двоец, држат вода.
На ова се надоврзува и убиството на Панче Жежовски. Крајно несмасно е да се тврди дека тој бил убиен заради долг од 500 евра, бидејќи со тоа убиецот, како и со убиството на Вања, ја уништува и можноста да ги добие парите. А, целта е таа – парите, а не две мртви тела, зар не? Оттука, ако мотивот е навистина во таа сума на пари, тогаш убиецот можел да му се закани, да нарача тепање, да му го оштети или дури запали автомобилот, но да го убие за 500 евра? Да ризикува доживотен затвор за 500 евра, сеедно што со закопувањето се надевал дека нема да биде откриен!? Тешко за верување!
Да не зборуваме дека неговото возило било користено за киднапирањето на Вања, што е уште една нелогичност. Користите возило на исчезнат човек и ризикувате да бидете откриени сосема случајно од сообраќајна патрола? Нејасно, зар не?
Значи имаме две убиства со чие извршување убиецот ја поништува шансата да ги добие парите кои се основен мотив поради кои дошло до целиот тек на настаните, барем како што тврдат Бубевски и Спасовски. Заклучокот е дека нема никаква логика да сакате да се напиете вода, а пред тоа да го пресушите или загадите изворот. Ако тоа е така, тогаш имаме проблем – или Бубевски и Спасовски се неспособни да водат асална истрага, односно истрагата е шуплива како швајцарско сирење или тие кријат нешто покрупно, што јавноста во овој момент не го знае. Што е тоа?
Одговорот на ова може да биде дека во секој случај имаме две убиства, дека не се спорни осомничените за извршување на двете дела и дека е сеедно дали другиот дел од прказната е точен. Но, тоа не е баш така, бидејќи токму затоа што имаме две убиства, целата приказна, вклучувајќи ги и мотивите и се што стои зад настаните мора да биде точно и до последен и најситен детал утврдено. Вака како што сега стојат работите, имаме килаво објаснување, што значи и килава истрага која нема да доведе до целосно расветлување на случајот.
Посебно што јавноста и онака има слаба, речиси никаква доверба во органите на прогонот, па не треба многу таа импресија да се надополни со очајно слабиот настап на Бубевски и Спасовски, иако и двајцата трпеливо се трудеа да остават добар впечаток. Јавноста едноставно нема верба, а кога кон таа недоверба ќе се додадат и нелогичностите од прес конференцијата, тогаш негативниот впечаток е целосен.
Оттука, Бубевски и Спасовски мора да одат на поправен, односно под итно да одговарат на сите недоумици и прашања кои ги поставува јавноста. Има уште дузина дилеми кои произлегоа од нивната прес конференција, а кои мора да бидат одговорени, како на пример конфронтација меѓу претставникот на ЈО и МВР, нивната “караница” и напливот на новинарските прашања, по што прес конферецијата беше прекината. Оставаме простор дека има работи кои не можат да ги споделат, но нивната приказна за двата настани мора да има права линија, без застранувања, прекини и прекршувања. Во спротивно, ѓаволот кој овие денови одамна ја однел шегата, добива уште шанса, а таа е впечатокот дека и Бубевски и Спасовски нешто кријат.
Патем, останува нејасно и дали Бубевски и Спасовски го измерија рејтингот на Бујар Османи по Самитот на ОБСЕ, а за време на чие одржување очигледно никој не смеел да зуцне. ОК е Бујарчо, за разлика од Панче, кого го снемува пред Самитот, и Вања?