Јован Донев

Руски комичари се подбивале со нашиот ,,проевропски“ Заев. Обожавателите на неговиот лик и дело веднаш застанаа, како што и доликува, во негова одбрана. Ништо страшно не се случило, бидејќи истите комичари ги наседнале и Макрон и Борис Џонсон. Да, ама ги наседнале само еднаш и нивните разговори траеле кусо. ,,Рускиот заговор“ веднаш бил откриен. Нашиов Заев разбра за наседнувањето откако руската двојка ги објави снимките, не од еден, туку од три разговори. Моето прашање до шарените поддржувачи е многу просто: Кого браните? Наивен, или како што Заев милува да каже отворен човек еднаш може да погреши и да наседне на шега. Втор пат може само доколку е ретардиран. Трет пат само и само ако има психички проблем.

Ниту сум стручен ниту сум повикан да давам дијагнози за умствената состојба на doing business партнерот на г. Али Ахмети. Но имам потреба да кажам неколку збора за тие што му помогнаа да дојде  на власт и сега упорно се обидуваат да го одбранат, односно умерено да му укажуваат на грешките и да го советуваат. Апологети на влади и политички опции  секогаш постоеле и ќе постојат.  Политиката, во демократските системи,  како и животот не е црно бела комбинација. Таа е вистинско виножито. Во него секој може  да се најде. Се разбира доколку сака.

Денешниве  поддржувачи на Заев имаат целосно право да го прават тоа што го прават. Нивните јавно искажани ставови треба да се почитуваат. Тоа што тие немаат право е да се декларираат за интелектуалци. Од оној момент кога застанаа во поддршка на шарените хулигани кои сакаа да го срушат споменикот на незнаениот јунак, од оној момент кога започнаа со  боја да фрлаат врз порта Македонија, од тој момент тие самите се сведоа на обични сребрељубци-платеници. Тоа тие се и денес, без оглед што некои од нив, дискретно се обидуваат да избегаат од сенката на Заев.

Во Република Македонија, како и се останато, терминот интелектуалец е разводнет. Секој еден кој што завршил факултет се смета за таков. Групата на која им се обраќам, ова многу добро го знае и затоа ќе се препознаат. Ќе се препознаат бидејќи многу добро знаат дека не постои интелектуалец во светот кој пред се и над се не е патриот. Ќе се препознаат бидејќи многу добро знаат дека за секој интелектуалец среброто е колатерала, а не главна цел.

Стара изрека е дека во царството на слепите едноокиот е лидер. Во Република Македонија имало и има  доста ,,слепи,, па токму затоа имало и многу ,,лидери“. Нашиве шарени или доколку милувате ,,леви интелектуалци“ оваа состојба на слепило знаеле и знаат добро да ја искористат. Доволно е само да најдат или да креираат лик кој ќе застане на чело на колоната.  Од 2013 година тој лик го ,,најдоа“ во Заев. Дополнително го зајакнаа обидувајќи се да создадат и култ на личноста. Го прогласија за спасител. На дело ја потврдија традицијата на македонската лева мисла, од 1945 година наваму. Да најдеме или да создадеме водач, зад кој ќе се сокриеме. Со истата жар како што нивните претци ги бранеа комунистичките диктатори, тие од 1990 година ги бранеа и ги бранат и Киро и Бранко и Заев. Ги користеа нивните сенки, за да се себепрогласуваат за интелектуална елита.

Бранењето или поддржувањето на Киро или Бранко и не беше нешто страшно. Дебатите за нивните заслуги или промашувања, со исклучок на референдумот за територијална реорганизација, можеа да се сметаат за судир на идеологии. Ниту лошо, ниту погрешно. Напротив, пожелно! Проблемот настана со изборот на Заев. Него не го избраа тие – ,,левите“.  Заев, за разлика од Киро и Бранко не е производ на македонската ,,лева интелектуална елита“. Тој е производ на странците. Нашите ,,шарени-леви“, такви какви што ги создало опкружувањето, во него видоа спасител. За нив, Германија, Британија, САД и Франција, секоја поединечно и сите заедно се Господ поголем и од самиот Бог. Тие покажувајќи на дело дека не се никакви интелектуалци, едноставно ,,Господовиот“ избор некритички го прифатија. Детето се роди, како што вели народната, килаво, ама треба да се ниша. Новородениот спасител, не на Македонија, туку на нивните ега, се претвори во нивна ноќен кошмар. Маските паднаа и пред народот излезе голата ,,лева интелектуална елита“. ,,Елита“ која длабоко во својата потствест има потреба од господар. ,,Елита“ која од многу причини не умее да живее и креира слободно. Во таа своја очајност тие прифатија се, па и промена на уставното име на државата, само и само да ги задржат или зајакнат општествените позиции. Станаа дрвени кукли на ,,спасителот“.

Хулиганскиот обид за рушење на првиот паметник помеѓу паметниците, а тоа секаде во светот е паметникот на незнаениот јунак, бојадисувањето на портата Македонија, беше почеток на нивното соголување. Сегашните заложби да се забошотат сите афери и глупости на актуелниот двоец и нивните тајфи, ја покажа голата вистина. Македонија немала и нема лева интелектуална елита. Во царството на слепите сеуште постојат поединци, кои опстоија на принципите на интелектуализмот и не прифатија да бидат еднооки ,,лидери“. Тие ја заслужуваат целата моја почит.