Јованка Кепеска
Негирањето на нашето историско претставува фактички негирање на нашиот идентитет. Историското случување е нашето севкупно постоење како народ: нашиот јазик, науката, уметноста, начинот на производството, политиката, моралот.
Приодот кон нашето историско постоење кој го примени Бугарија поставувајќи ги политичките барања во Договорот за добрососедство, заснован врз бугарската историографија дека нашата историја е бугарска и дека завршува во 1944 година, е дека и нашиот духовен процвет со писменоста и политиката е, всушност, бугарски.
Индолентноста спрема темите на историскиот развој во минатото, во нашето општество, доведе до несфаќањето на важноста од приодот кон историското за македонското битие. Во времето на социјализмот на развојот му се приоѓаше со историско материјалистичкиот приод како за економски детерминиран историски развој. Така се маргинализираа темите за нашето минато и не се согледуваше методот дека во сегашноста се разрешува и минатото и иднината. Не се почитуваше и другиот историски метод дека создаденото само се подигнува на повисоко ниво, ослободувајќи го од ограничувачката форма. Односно дека во даденото постоење ние не отфрламе ништо што е создадено туку дека го надминуваме, развивајќи го на повисоко ниво.
Очигледна причина за небрижноста кон прашањата за историскиот развој, што го претпоставуваат нашиот севкупен идентитет, за да се овозможи негово проблематизирање во дискусиите околу „заедничката историја. И што навлегува во недозволената сфера за расправа за идентитетот на македонскиот народ.
Иако не е непосредно поврзано со овој случај сведоци сме дека и во други случаи се афирмира одново анахроничниот пристап: дека сé се раѓа, расцветува и угинува, сакајќи да се потенцира творештвото како процвет во едно време со ненадминливо значење за развојот, како применет приод и од бугарска страна во однос на нашето историско. Евидентно лутајќи во ставовите помеѓу историјата разбрана како круг, кој се исцртува во раѓање, развој и умирање и непрепознавањетона политекономскиот, како општествено аналитичен, аспект, на развојот на општеството.
Се случи и на промоцијата на една филозофска книга од источното поднебие споредувајќи ги основите (кои се наведува дека се во елинската филозофија) на европската цивилизација во однос на повисокото значење на источните цивилизации, и притоа вбројувајќи ги кинеската, индиската, пакистанската цивилизација… Со редуцирачки став во однос на придонесите што се создаваат во Европа со првата индустриска револуција како и со промените со оглед на понатамошните научно-технолошки револуции.
Наизглед коинциденција со сликовитиот опис на дијалектиката на општествениот развиток на производствените сили, што ги сфаќа како сили кои го создаваат животот, што Карл Маркс го претставува во неговите ракописи насловени како „Основи за критика на политичката економија“, преведени од германски јазик од хрв. филозоф Гајо Петровиќ, под наслов „Темељи слободе“.
Но различен пристап очигледно затоа што станува збор за продолжен историски развој. Затоа што се вели : „се разбира дека развитокот не се случувал на старата основа, туку и врз развитокот на самата таа основа. Највисокиот развиток на самата таа основа, таа го претвора во процвет, но, сепак, сé уште е таа основа, тоа растение како цвет, оттаму ќе овене по цветањето и како последица на цветањето е точкатаво која таа самата е разработена во форма во која таа е врзлива со највисокиот развиток на производните сили, значи, исто така, со најбогатиот развиток на индивидуата“. И дека „штом таа точка е постигната, понатамошниот развиток се јавува како пропаѓање и новиот развиток почнува од нова основа“. Но, дека станува збор за развој на истото стебло од повисока основа. Историски концепт очигледно различен од цикличкиот.
Целосното сфаќање на историското не може да се елаборира, на крајот, изостанувајќи од главната линија во развојот на филозофијата, односно не надоврзувајќи се на вистинскиот развој во филозофијата и разрешувањето на филозофските основи (односот објект – субјект). Историското како повест, изведено од „по – вест“, за да се означи сето постигнато творештво: знаење и уметност, како севкупно историско случување. Односно како сé што е известено, пројавено, како напредок во човечко творештво и претпоставено со двата метода.
Оттаму македонскиот историски развој има свое стебло, има сопствена содржина создавана во минатото и сега како процвет, што сегашноста треба да овозможи во иднината да се воздигне на повисоко ниво. Што е суштината на развојот на македонскиот идентитет. Македонската историографијата (историјата како наука) го поткрепува со факти историското на македонскиот народ и тоа да се почитува и во соседските односи. Оттами потребата да се одвојат темите за историското во дефинирањето на нашите меѓусоседски односи со Бугарија.