Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Гледав Аргентина-Англија. Последниве години некако слабо го разбирам фудбалот. Се помалку ми е јасно зошто 100 000 луѓе на трибините и уште милиони надвор од трибините. Покрај екраните очајуваат или се радуваат. Што е различно од порано кога фудбалот ми беше во срцето. Посебно како дете. И додека тие мисли ми кружат низ главата, Меси успева да им избега на двајца, нафрла и Аргентина го дава вториот гол. И камерата ни доловува еден возрасен Аргентинец на трибините како плаче. Да, плаче! Од радост.
И во мозокот и душата повторно ми се враќа необјаснивата магија, не само на фудбалот, туку и на спортот воопшто. Едно од најубавите нешта на светот. Зашто тоа не е само трчање на 22 деца или малку повозрасни од деца, по топката, туку и уметност, перфекција кај оние врвните, драма, есенција од чиста емоција, тага, радост, љубов… Еден сосема друг свет, особено вечерва кога веројатно неколку милијарди луѓе ќе седат пред екраните. Некој ќе навива за Шпанија, некој за Аргентина, некому ќе му е сеедно, но сите ќе седат и ќе гледаат. Доживување еднаш во четири години. Магија. Која ја сфаќам и во исто време не ја сфаќам. Но, магија е!
Во Скопје, пак, старите досадни работи. Во вторникот или средата прес на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Кој вели дека судиите и обвинителите требало да бидат добро платени. Повеќе од сега. За да испорачаат. Не знам зошто тогаш во маркет, прво бараат да платам, па да ја земам стоката. А на работа прво бараат да одработам, па потоа да ме платат. Истото го барам и јас. За денар повеќе треба да одработиш. Освен ако не си дел од неписмените кои не разликуваат основни нешта и кои, како оној легендарниот Шојиќ, сметаат дека државата постои за нив да ги храни, сеедно колку ги бива.
Но, таквите ги третираш како случаи на кои им треба помош, а со оглед на тоа дека Македонија е солидарно општество, тогаш сеедно е колку испорачале тие на кои им е потребна помош. Ги храниш и ги трпиш додека се глупираат и се расфрлаат со својата недоветност. Така бараат и Дарвин и Библијата.
Но, судиите и обвинителите не се во тој ред. Тие се или би требало да бидат интелекти кои ја влечат оваа држава и го влечат овој народ напред. Локомотива. Не на јаглен, туку современа. Јака. Моќна. И тие треба да покажат, да дадат резултат, за да ги платиме. И не е дека од нив бараме со „југо“ да одат на трка со „мерцедес“. Не, од нив се бара да бидат професионалци кои и сега се сосема добро платени и да, немаат „мерцедес“, но не се ни со „југо“. А не се професионалци. Иако се со сосема добри плати.
А, наместо тоа, секој ден се соочуваме со аматеризам и очигледна правна неписменост. И за тоа, Костадиновски бара да платиме. Да ја платиме нечијата неписменост и срам. За коруптивност и да не зборувам. Знам за еден случај кога процесот бил загубен затоа што бил цитиран податок од Централен регистар. Кој е државен оран. И Законот вели дека во тој случај не си одговорен. Ама нашиот основен и апелацонен суд сметале поинаку. И Костадиновски бара тоа да го платиме со 3000 евра.. Или да платиме за Талир, за мерцедесот на Грујо, за „27 април“…
А до него седи Кацарска. И можеби, на сите нив, судии, обвинители… – продолжете го списокот сами – треба да им угодиме. За почеток така што ќе им купиме по една лулашка. Да не седат во грдите и неудобни фотелји. Туку во лулашки. Ене, кај Веро во Тафталиџе, односно карши него, има една продавница во која има лулашки за 13-тина илјади денари. Бев таму да барам еден вид шолји за чај со цедалка и капак одозгора за 200 денари. И ја гледам лулашката. Нејсе.
И не е лошо прво да купиме по една од тие лулашки за уставните судии. Еве, јас лично ќе ја купам и донирам таа за Кацарска. Од мои пари. Ќе скратам од моите деца, ќе донирам за Кацарска. Па што! Верувам дека децата еден ден ќе сфатат и ќе имаат разбирање. И ќе ја однесам до Уставниот суд. Спакувана во украсна хартија со цветови и листови од цветови кои се простираат таму каде што и газат ноженцата, со посвета од која зрачи љубов. За се што таа сторила за овој народ и оваа држава.
И знам, сигурен сум дека, додека таа ја лелее нејзината интелектуалност и правна писменост во лулашката, Горан Ќосето ќе се согласи да стои до неа и да ја лади со ладалка опшиена со чиста кинеска свила, купена од една моја соработничка и колешка во близина на Кинескиот ѕид, откако испила кафе од 13 евра во шолја од најскапи кинески порцелан. Се разбира, свилата е шверцувана, нема сега за Кацарска и царина да плаќаме, за тие пари да одат во буџетот и од тие пари повторно да бидат платени Костадиновски и Кацарска. Не е фер кон нас, нели?
Значи, Ќосето ќе ја лади Кацарска додека таа се лула со својата уставна тога, а Чавков верувам ќе и прави кафе. Со цимет и кафеав шеќер и алпско млеко. Одозгора прелиено со сладолед од ф’стаци. Само молам да ни биде кажано дали млекото да биде со мала или нормална масленост. Оти не го знаеме холестеролот на Кацарска. И додека таа се лула и пие кафе, душата на Игор Југ ќе бдее над неа, над апелационите и врховните судии. И ќе ги чува.
А, ако купиме по една лулашка за уставните судии, наместо тие лулашки и тоа кафе да бидат за оној обичен, секојдневен, величествен и грандиозен наш човек, кој грчевито се бори секој божји ден за децата, за сите околу него, а последно за себе, веројатно од продавницата ќе ни дадат и една гратис. Таа ќе биде за „Вилмич“ што би рекол оној Боки. Нејзе можат да ја ладат Митко Пешов, Душко Лазаров од МВР осуден на 15 години, Горан Ѓошевски Леви, поранешен шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски осуден на 15 години, Оливер Поповски од МВР осуден на 13 години, неговиот колега Оливер Радулов, на 10, Мунир Пепиќ итн. итн. Листата е долга. Не се сомневам дека они ќе си ги поделат задачите меѓу себе: кој ќе ја лади Рускоска, а кој ќе и прави кафе. Под услов циметот да биде од Цејлон. Најдобриот. А шеќерот од кубанска трска. Млекото исклучиво од швајцарска крава хранета на слободно пасиште каде има чиста, незагадена трева.
А сето тоа, ако ве држи сеќавањето, започна со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Неуставен и неделовнички избор. За кој нема записник. И тоа Костадиновски и Кацарска не го разрешија. А можеа ако сакаат. Сеедно што веќе има една кретеноидна одлука на Уставниот суд за овој случај. Истото не го разрешија ни судиите и обвинителите после Кацарска и Рускоска, иако можеа. Ако сакаа!
И, добро, сето тоа ни е јасно. Само една мисла ме мачи: не знам дали Костадиновски или било кој уставен или „обичен“ судија и обвинител, би отишле кај лекар на Клинички кој постапува како нив. Кој предизвикал катастрофа како нив. Кај лекар кому му умреле пациентите, така како што на овие им умреа правото и правната држава во Македонија и кој за тоа бара уште повеќе пари од државата, односно од сите нас. Ете кога здравјето ќе ги стигне и Костадиновски и Кацарска, им посакувам тоа да биде што подоцна, но како и кај сите луѓе (а кај мене тоа е одамна веќе), и кај нив ќе дојде до тоа еден ден, нека го изберат лекарот кој го направил тоа што тие го направија односно не го направија во нивната област и нека одат кај него. И да не заборават: тој од кого ќе бараат спас, ако е од државното здравство, е помалу платен од нив. Можеби и двојно. И за разлика од нив, кои земаат вакви и онакви додатоци, па за ризик, па за не знам што, значи за разлика од нив, тој лекар за да земе некој денар повеќе, мора да работи и приватно, мора да оди на дежурство, понекогаш со денови без да ги види децата и при сето тоа, останува во сенка на нашите ѕвезди – ведети од правосудството.
Се сеќавам кога еден мој пријател ми раскажуваше како цела вечер се борел на Инфективна за еден заболен од ковид, за сабајлето да го изгуби. А ќе умрел и тој, од напор, заедно со пациентот. За дежурството веројатно не зел повеќе од 1000-1500 денари, не знам можеби грешам, но нека биде и повеќе. Напорот, стресот, траумата… можат ли да се платат? Ама не, ние ќе ги платиме судиите и обвинителите и ќе ги молиме да бидат фини. И ќе ги ладиме со кинеска свила и ќе им носиме цимет од Цејлон, а млеко од Швајцарија. А, веќе утре, може за нив да ни биде побарано и она млеко за капење кое го користела Клеопатра, за кожата да им биде фина. Кога седат на седница или одржуваат прес конфернција. Да блескаат. А мојот пријател ќе го пумпа срцето на болниот до сабајле. И ќе го изгуби, зашто сторил се што можел, а спас немало. И сето тоа за чаша јогурт и кифла.
И тој мој пријател, по загубената ноќ и загубенот пациент, не одржа прес конференција. Си отиде дома. Тивко, ненаметливо, веројатно мислејќи дека поарно ќе му било во животот ако завршел право, арогантно при тоа мислејќи дека е многу паметен и дека може без проблем сега да го „продава“ она нешто за бубрези, што би рекле скопјани. Наместо да губи луѓе за плата која е под сите стандарди, додека неговото дете или внуче со денови и ноќи не го гушнало, затоа што беше време на ковид, нели? Ама ете, да почнеме со по една лулашка, ладалка и кафе.
Но, ајде да го оставиме тоа и да одиме на друга тема, па да прашам: Битиќи се извини за навредата кон сметководителите? Не? Е, браво момче. Тоа се вика карактер. Ќе покажеш некаков арогантен кретенизам (се извинувам на зборот, но ете, веќе трети ден, бидејќи ова е пишувано порано во текот на оваа недела, не ми паѓа на памет нешто пософистицирано) и ќе останеш на него со цврст и стабилен став. Богами, секоја чест! А пак да ја прашам власта: што стана со оние пари што ги вртела неговата сопруга, а за кои одржувавте прес конференции?
И што стана со оние стотици илјади евра со кои Фондот за иновации ги „товареше“ т.н. независни новинари преку нивните роднини, за овие да бидат со подлизувачки однос кон „Чарлиевите ангели“, кон Кацарска, Рускоска…?
Толку за овие денови. Затоа, да завршам со едно прашање и една констатација. До каде е случајот со непотребните операции? Има нешто?
И второ, претседателката Сиљановска изјави дека „уставните измени не се гаранција дека нема да има блокади“. Има нешто нејасно во тоа, за да си дозволите да прашате: а до кај сме со евроинтеграциите? Бог да чува и да брани!
Како што реков, ете толку за оваа недела. Одам да видам што може да украдам од децата, овој пат мислам дека нема ни чоколадо, ни сладолед, се искурназија курназите па се’ јадат со време, ама мислам дека некаде ќе најдам нешто. Можеби парче купена баклава, во која треба да има и ореви, ама некако исчезнале. Магија! Е, да, ќе ја пробам и таква, баклава со ореви ама без ореви (па не е тоа торта во која е ставено целото ореово дрво, нели?), ако најдам каде сум ја сокрил. Под услов моите курнази да не ја нашле пред мене. Што е само по себе магија, која не знам како ја прават, ама секогаш им успева. А мене ми е убаво на душата што тоа е така!




