– Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска изрази жалење што не беа усвоени измените на Изборниот законик со кои, како што рече, требало да се овозможи полесно гласање на македонската дијаспора, оценувајќи дека на тој начин практично се ограничува едно од основните уставни права на иселениците.
Според министерот Андоновски, граѓаните кои живеат во странство имаат законско и уставно право да гласаат, но постојниот систем значително го отежнува неговото остварување.
-Тие по закон и Устав го имаат тоа право. Да патувате илјадници километри два пати за да можете да гласате на определени избори навистина претставува скратување на тоа право – изјави Андоновски денеска во Крушево на отворањето на новиот Центар за електронски услуги за граѓаните.
Министерот нагласи дека во претходните политички разговори не постоело принципиелно спротивставување на идејата за гласање на дијаспората, туку главно се дискутирало за моделите според кои тоа би се спроведувало.
-Ние се обидовме за дијаспората да го овозможиме овој вид на гласање и изненадува фактот што и на разговорите кои што претходно сме ги имале како политички партии, никој не го спречувал или никој не го опонирал гласањето на дијаспората, само се дискутирало околу модалитетите. Ние дозволивме овој пат секакви модалитети – дали ќе биде електронско гласање, со верификација на граѓаните и нивна претходна регистрација, дали ќе биде гласање по пошта. Но, за жал не постоеше разбирање од страна на опозицијата за гласањето на дијаспората – рече министерот Андоновски.
Тој додаде дека поради тоа, законското решение останува непроменето, а рокот предвиден во рамки на Реформската агенда веќе е поминат.
Сепак, Андоновски изрази надеж дека во иднина ќе продолжат разговорите за ова прашање и ќе се најде решение што ќе им овозможи на иселениците полесно да го остварат своето избирачко право.
-Се надевам дека во иднина ќе продолжиме да дискутираме на овие теми, ќе овозможиме гласање на дијаспората, затоа што тие луѓе тоа го заслужуваат, тие се луѓето што вложуваат во оваа држава. Имаме дознаки секоја година кон нивните семејства, кон нивните мали бизниси кои ги отвораат тука во Македонија и не треба да ја забораваме дијаспората – истакна министерот Андоновски.




