Јованка КЕПЕСКА

Сите поединости околу настанот на 27 април, пред четири години, се помалку или повеќе познати.
Извршена е критиката од аспект на правната квалификација како терористички дела на насилничките дела извршени на 27 април.

А во обновен судски процес, со преиспитување на новите докази, приодот кон настанот и неговата правна завршница, останува да се утврди и вистинската ситуација на настанот.

Преиспитувањето на квалификацијата на извршените дела во настанот од 27 април како терористички мора да ги претпостави фактите дека демократијата е многу широк поим и дека демократијата е начинот на дејствувањето на општеството.

Инаку чуму демократија?

Поради што политичката борба на народот не може да се сведе само на непосредната демократија чии облици се референдумот и протестите или на изразената волја на изборите. Што е политиколошка премиса.

При критиката на третманот на овие дела како терористички, надополновачка е политиколошката анализа на суштината и третманот на овој настан. Политиколошкиот приод претпоставен е и за законското определување на кривичното дело за тероризам. Како што и при правното определување на стореното дело таа е нужно е претпоставена.

За да се напушти квалификацијата на делото од 27 април како терористичко потребно е затоа да се почитува фактот дека народот (демосот) е субјект на политичкиот систем на нашата, како и на секоја, држава. Рамноправен со власта и со институционалниот систем. Тоа значи дека народот, демосот, (оттаму и поимот демократија, зарем не?) е еднакво политички чинител во општеството. Во демократскиот политички систем власта не може над народот да се извршува во еднонасочен правец. Како извршување власт над народот. Туку, поради политичката сувереност на народот, што произлегува од тоа што самиот е субјектот во политичкиот систем, односот помеѓу власта и народот е, и мора да биде, двосмерен однос.

Народот, седумдесеттина дена, на улиците, ги искажуваше своите политички ставови за „Тиранската платформа“, планираниот закон за употреба на јазиците и тогаш навестениот добрососедски договор со Грција, во рамките на протестните манифестации за „Заедничка Македонијаа“, бранејќи го унитарниот карактер на државата и идентитетот на македонската држава.

На самиот ден, 27 април, кога народот протестираше на улиците, во Собранието, противделовнички, се изврши изборот на претседателот на Собранието и се отпеа химна на странска држава. Настаните што го кршат Уставот на Република Македонија беа причината во Собранието да влезе големата маса луѓе.

Без оглед на конкретните моменти околу самото влегување во Собранието, какви што се отворањето на вратата на Собранието, временскиот момент на очекувана испровоцирана реакција народот за да влезе во Собранието кој во голема маса од протестот, се најдуваше надвор, пропратните маскирани групи во Собранието кои имаа за цел да предизвикаат немир и хаос, и кои не се откри кои се, сценариото поврзано со патриотските здруженија, задоцнетите наредби за спречување на настанот, организаторот на евентуалното заткулисно сценарио, (факти кои нужно мора одново да се разјаснат врз основа на новите искази), од политиколошки аспект значајно е да се разјасни прашањето дали самото влегување на народот во Собранието е терористички чин. Односно дали народната маса со самото тоа што е влезена во Собранието извршува терористики напад? Логично е да се надополни и со прашањето дали сите луѓе, влезени во Собранието, се терористи. Дотолку повеќе што како терористи, или нивните дела се квалифицирани како терористички, се издвоени само оние кои извршиле дела на насилство или, можеби, имале намера да извршат дела на насилство. Како што, впрочем, и дополнителната амнестија го следеше селективниот пристап кон извршителите на делата во настанот од 27 април во Собранието.

Но народот, на 27 април, ноторен факт е дека застапуваше политички ставови, бранејќи го политичкиот систем и Уставот на земјата.

Со оглед на децидно дефинираниот политички статус на народот како субјект во политичкиот систем, настанот од 27 април затоа мора да се разбере како негова демократската борба што ја манифестираше во таа прилика. И никако не е терористички чин рушење на политичкиот систем и на Уставот на земјата.