Јованка КЕПЕСКА

Во годините кога македонскиот народ ја нема извршено својата национална револуција, логично било пред неговата интелигенција да се најдат задачите за многустрана идентификација на народот, иако во политички отежнати околности. Духот во ова време е да се изразува сопственото, изворното и се искажувал преку зборот да се овековечуваат епопеите, да се говори за голготите, но и да се кажуваат Пејчиновиќ, Крчовски, Жинзифов, Шапкарев, Цепенков, Џинот, пеат Миладиновци и Прличев.

Токму онака како што народниот дух е пројавен во идеалите на ренесансата, кога и сите народи, како и словенските, се создадени и го доживуваат своето осознавање. Да се потсетиме дека ренесансата на овие простори била прекината во 14 век и оттаму потребата, во последните векови, со сета своја сила да се обнови кај македонскиот народ.
Инаку, првата употреба на зборот нација е во 13 век, во Италија, а во француското просветителство, од Мадам де Стал, во 18 век, е употребен со значењето за претпоставките за формирањето на нацијата со оглед на владеењето на политичката економија и потребата од политичко организирање (државата и партиите) на народите.

Генерациите македонски интелектуалци, образувани според нормите на тнр. класично образование за целовитост, трагале за сопствената историја, литература, мисловни и јазични корени, не ретко, опитувајќи се и во уметничкото творештво.
Генерациите македонски интелектуалци, во годините наназад, или барем претежниот дел од нив, е национално – македонски определен. Во таа смисла многу од заложбите на генерацијата на интелигенцијата која настасала во триесеттите години влегоа во основоположбата на современата македонска мисла, создавајќи дофат во македонската преродба. Имено, делата создадени во триесеттите години на минатиот век, затоа и одиграа клучна улога во зародишот на литературата и во уметничкото самопотврдување на македонскиот народ, но и во лингвистиката, науките на историјата, на музичката уметност како и на другите науки. Освен во лингвистиката (К. Кепески, авторот на првата македонска граматика, В. Или(ќ)оски, М. Петрушевски, К. Тошев, Р. Проданов, Ѓ. Шоптрајанов, Ѓ. Киселинов, Р. Зографов) оваа генерација интелектуалци станаа основоположниците на науките на историјата (Љ. Лапе, М. Соколоски), на литературата (К. Рацин, В. Марковски, Н. Вапцаров, Р. Крле, А. Панов, В. Иљоски), на ликовната уметност ( Д. Тодороски, В. Коџоман, Н. Мартиноски), на есеистиката (К. Рацин), на музичката уметност но и на хирургијата, науките на градежништвото, на техниката, на правните и економските науки.

Континуитетот на историскиот процес на културна идентификација опстојува така што културата што се создава при заедничкото живеење на луѓето е обединувачка, значи, национална и македонска.

Дефинитивно, она, што, денес, е неопходно да ја определува културната идентификација е придонесот на поединците и општеството во знаењето, во развојот на науката, и за што е неминовна продлабоченоста на образование и информираноста со оглед на барањата на научно-технолошкиот развој. Како би се одвивал развитокот и на нацијата и на поединците и би се градел вредностниот систем и менталитет.

Културниот идентитет на нацијата притоа е динамичен. И, секако, создадената култура е во меѓудејство на културни идентификации и од внатре и од надвор. Заклучокот кој неминовно се изведува е дека, ако постои македонска нација, постои и македонска национална култура. Затоа што историскиот идентитет на нацијата, е статичен. Што значи дека македонскиот карактер на нашата нација е трајна нејзина определба од што произлегува и македонскиот карактер на културата.

Културата не може да биде збир на одвоени култури туку култура создавана во меѓудејство. Потребно е да го проследиме примерот на Алзас и Лорен кои и се вистинската основа за создавањето на Европската Унија токму за меѓудејството на културата на францускиот и германскиот народ на нивно тло.

Во исто време, сведоци сме на непосакувана тенденција на губењето на македонскиот карактер на културниот идентитет.
Се одвиваа и се одвиваат внатрешни процеси кои отпочнаа со погрешното толкување на мултиечноста на општеството, како мултиетничност на државата, или како мултиетничка држава на сите етникуми во лицето на државата. Така што почнуваат да се изведуваат синтагмите со кои Македонија се означува како држава на сите етнички заедници и покрај тоа што, според Уставот, Македонија е унитарна држава, каква што беше дефинирана и во Рамковниот договор. Во политичката реторика почнаа да се употребуваат синтагми: „сите луѓе“, „сите етникуми“ што говори дека се превидува македонскиот карактер на државата и, се разбира, се превидуваат изведниците за карактерот на институциите само како национални а не и македонски. Како што се создава и дезориентација во однос на културата која ја обележува македонската нација.