Алдо КЛИМАН

Македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија на штотуку одржаните локални избори сосема ги делегитимираа квислингот Зоран Заев и сите негови катастрофални политики и погубни неуспеси, но мора да биде јасно дека со тоа не е поразен и заевизмот, како најцрна и најопасна појава во целокупната македонска историја. Заевизмот претставува гнасен политички, економски и ментален општествен чир што треба сосема и трајно да се одстрани од телото и од душата на нашата татковина, ако сакаме Македонија национално-политички, општествено-економски, меѓуетнички и културолошки повторно да заживее како слободна модерна демократија.

Имено, веќе во изборната вечер, и тоа не само од небулозниот, небаре „победнички“ говор на Заев, туку и од некои домашни аналитичари слушнавме безмалу чудни наративи, кои настојуваа неговиот пораз до колена, онолку колку што е можно да го релативизираат, толкувајќи ни дека тоа всушност и не е победа на изборно обединетите опозициски партии, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, туку само пораз на СДСМ, и оти тоа не значи дека поради тоа требало веднаш да падне и владата, па дури дека не било нужно ниту тој самиот да даде оставка. Како да е тоа прашање на некаква фина политичка етикеција, а не резултат на немерливите штети што во сите насоки и во сите сегменти ги предизвикаа неговото лудачко владеење и неговата распашана „влада“!

Аналитичарот Александар Кржаловски, така, излезе со тезата дека сега е најдобра опција и вистински момент во македонскиот парламент да се создаде голема коалиција меѓу победените и победниците, веројатно со некаква малку ретуширана иста влада, со Артан Груби на чело, за кој, онака лежерно, рече дека „сега тој е премиер“… И несомнено, според Кржаловски, веројатно наеднаш сите ќе станат добри, целиот оној заевски џган во парламентот кој рафално и безочно донесуваше погубни одлуки и закони за смрт на Република Македонија, за смрт на нејзините национални и државни институции, за смрт на нејзината државност, за смрт на македонскиот народ, на македонскиот јазик, за претворање на Република Македонија во бинационална држава, за смрт на македонското национално-историско минато и сето наше македонско културно наследство, за промена на името, со што дивјачки ја изгаснаа нашата изворна, историска национална градба, нашата длабоко осмислена асномска држава Република Македонија, и создадоа една бедна вештачка квислиншка квази-државна творбичка со ступидното одиозно троделно име, со чие воспевање и екскламација кон македонската јавноста, која евидентно му го сврте грбот, Заев политички предсмртно го заврши и својот последен официјален говор.

Таквите прозаевистички наративи, со кои се започна веќе во текот на изборната вечер, кога се виде дека неговиот пораз е огромен, апсолутно се неприфатливи. Заевистите нека си живеат во тој свој маѓепсан круг сѐ додека не сфатат дека таа нивна недостоинствена фашистичка битка е сосема изгубена. Можеби некому, како на Кржаловски, да речеме, му се чини дека овој голем, радикален пресврт на локалните избори е само реалтивна политичка појава и релативна политичка победа, но треба да се знае дека со неа од темели е разнишано и немерливото заевско лудило, и сега преостанува само уште до крај да биде поразено, и тоа што поитно.

Железото се бие додека е жешко. Без запирка и воопшто без земање здив забрзано треба да се оди на создавање ново парламентарно мнозинство, на избор на техничка влада и на брзи предвремени парламентарни избори, со кои сосема, или онолку радикално колку што тоа со своите доверени гласови ќе го одреди електоратот, треба од разорниот вирус на заевизмот да се прочисти и да се смени крвотокот на вкупното политичко одлучување во македонскиот законодавен дом, и Република Македонија да излезе од манијакалната коруптивно-криминална и квислиншка агонија на прегазена, окупирана и заробена земја каква што безобѕирно ја направи велепредавничкото и криминално царување и арачење на Зоран Заев и на неговата клика.

Само со бескомпромисен, убедлив и целосен пораз на заевизмот во сите сегмемнти на општествениот, економскиот, меѓуетничкиот и правно-политичкиот живот, Република Македонија ќе се врати на патот на едно слободно, нормално и вистински хуманистичко општество, во секој поглед компетитивно и според стандардите на сиот современ демократски свет.