Олгица НИКОЛА ТРАЈКОВСКА

Зборувањето за заштитата и остварувањето на основните човекови и граѓански слободи и права (ЧП), во време на оваа безобразна загроза на опстанокот на Државата, народот, етичките и воопшто цивилизациски вредности, делува како непримерно луксузирање.

Но, од друга страна пак, вистинско мерило на таа загроза може да се најде не само во опфатот на нивното формално правно признавање, туку, и особено(!), во нивната заштита.

Темелот на нивната ЗАШТИТА е утврден во меѓународните универзални акти за човекови права (на ООН), во европските акти (Конвенциите и др.) и во  националните законодавства. Така, според Уставот на РМ – секој може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, ПРЕД СУДОВИТЕ и ПРЕД УСТАВНИОТ СУД.

Различните видови ЧП (природни и универзални, потоа граѓански, политички, културни и сл.) речиси се унифицирани на меѓународно ниво, со исклучок на некои, за кои, се` уште се води полемика (абортусот, смртната казна и др.). Се разбира, соодветно на значењето на овие ЧП, како и на последиците од нивните повреди, се пропишани и соодветни санкции/казни за сторителите.

Меѓутоа, на патот на нивната заштита, формално се поставени сериозни, а недоволно препознаени правни пречки во постапките пред судовите и Уставниот суд, кои не само што го попречуваат овој вид заштита, туку прераснуваат во едно од средствата за саморазградување на правниот систем до негов распад!

Кои се пречките?

Со Уставот и законите (Законот за кривична постапка/ЗКП, Кривичниот законик/КЗ, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета/ЗГОНК согласно Законот за парничната постапка/ЗПП и др.) се врши КАТЕГОРИЗАЦИЈА/подвојување на ЧП, што натаму се одразува во начинот, постапката, контролата, казнивоста, двостепеноста на постапките за нивна заштита и тн. Па така, некои ЧП се заштитуваат пред СУДОВИТЕ, а некои други пред УСТАВНИОТ СУД.

Оние пак, што се штитат пред судовите, се од три подвида: Едни, што се штитат само по ПРЕДЛОГ од оштетеното лице (на пример: „Моралните права“ од чл.157 КЗ), други, што се штитат исклучиво само од ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО (ЈО) без можност од супсидијарна тужба (подолу објаснето) и трети, што се штитат по ПРИВАТНИ ТУЖБИ во парнична постапка за навреда и клевета.

Нивниото подвојување без објективизирани основи, доведува до апсурди во изрекувањето на пропишаните казни. Така на пример, за повреда на моралните авторски права (ненаведување на името на авторот при користење на неговото делои сл.), на сторителот може да му се изрече кривична санкција (затвор до 5 год), а за клевета/навреда – само парична казна, затоа што е декриминализирана, иако сериозно може да наштети на нечија личност и углед, додека, на пример, за – дискриминација по која било основа, или за забрана на слободно изразување, може да се донесе одлука (од Уставниот суд) за поништување поединечен акт и отстранување на последиците, но без изрекување казна за сторителот.

ЗА ЗАШТИТАТА ПРЕД СУДОВИТЕ:

За повреди на најголем број ЧП, во МК повредениот НЕМА ПРАВО  непосредно да побара заштита на правата пред судовите! Затоа што,  согласно ЗКП –  само надлежен јавен обвинител (ЈО) може  да поднесе „пријава“ (соодветен акт/предлог) пред судот, според своја оценка на основаноста на наводите од лицето чие право е повредено.

Со воведување на ваква исклучива надлежност – ЈО да цени, дали НЕКОМУ е повредено некое уставно гарантирано право или не, а при тоа лицето кому правото е повредено да нема право, ниту дополнително да побара судска заштита од повреда на правото (субсидијарна тужба), се наметнува заклучок дека во МК правниот систем противуставно  попречува било кој   оштетен пред судовите да побара заштита! Но, воедно, дека востановува и недозволива, противсистемска позицијата на ЈО кое, во вакви случаи:

-Се јавува во улога на „СУД“, кој не само надвор од своите овластувања, однапред, без регуларна судска постапка „пресудува“ – дали со некое дејствие се врши повредата на нечие  право;

-Се јавува во улога на „СТАРАТЕЛ“ на оштетеното лице, кое, на ваков начин,  се третира како лице без способност на рассудување,  па затоа, ЈО  стекнува право  да се јави како негов единствен, законски овластен тужител;

-Се јавува, а приори, и како „ОСЛОБОДИТЕЛ“ од вина/одговорност на сторителот за стореното дејствие со кое го повредил правото и тн.

Од друга страна, уставно пропишаната ДВОСТЕПЕНОСТ по евентуалната жалба до Вишото ЈО против решение на ОЈО за отфрлање/одбивање на пријавата од оштетено лице, не е СУПСТИТУТ на судска заштита, туку останува во рамките на истиот единствен државен орган (ЈО) кој, при тоа, не прераснува во судски. Но затоа – неговото решение прераснува/добива значење и предизвикува последица како да е судска пресуда! Без никава правна можност од корекција по било каква иницијатива/барање/ тужба од лицето чие право е повредено.

Воедно, македонскиот правен систем декларира дека ЈО како орган, е само ЕДНА од страните/странките во постапката пред судските органи. Но, паралелно на оваа позиција, со постоечкото законско решение, на ЈО посредно му се даваат прерогативи на орган со право на супремација над судовите, коешто самостојно и независно одлучува за материја за која е надлежен ИСКЛУЧИВО – судот! Всушност, се анулира и уставногарантираната позиција на СУДОВИТЕ како САМОСТОЈНИ и НЕЗАВИСНИ органи на власта. Имено, во оваа сфера, го губат правото самостојно и независно да судат за повреди на правата на човекот/граѓанинот, доколку како тужител не се јави ЈО. На таков начин  ЈО го става судот во  ПОДРЕДЕНА и ЗАВИСНА положба. Имено, судот и неговото постапување – директно зависи од ставот на ЈО, иако, како што е веќе речено – ЈО е само една од стран/к/ите во постапката пред судот.

Дотолку повеќе што еден од главните/официјални аргументи за воведување вакво решение беше – „судовите биле претрупани со нерешени предмети“, па овој начин решиле да ги растоварат?! Парадокс!

ЗА ЗАШТИТАТА ПРЕД УСТАВНИОТ СУД:

Од целата долга листа на  ЧП, во Уставот е утврдено дека Уставниот суд ги штити правата што се однесуваат на:

(1)Слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата,

(2)Политичкото здружување и дејствување и

(3)Забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Право да поднесе барање за заштита на правата има секој, а постапката пред овој Орган е утврдена со Деловникот, кој предвидува итност, рокови за постапување и сл. (Компаративните согледувања, поради обемност, се предмет на друга анализа).

Навидум, кревањето на овие три слободи и права пред Уставниот суд, остава впечаток на нивна „привилегираност“ во однос на другите и упатува на повисоко внимание за нивна заштита. Само навидум! Затоа што практично, правниот систем нив ги дискриминира на своевиден начин: Одлуките на Уставниот суд се КОНЕЧНИ и не дозволуваат двостепеност на постапката, односно право на жалба ( не постои „повисок“ Уставен суд, ниту постоечкиот е овластен да преиспитува свои одлуки) што е во директна спротивност со уставното начело на двостепеност гарантирана за судските одлуки. Така, кај судската заштита, е обезбедена двостепеност, но таква не е пропишана и за заштитата кај Уставниот суд.  Да не зборуваме за можноста и од третостепеност.

Воедно, Уставниот суд, нема надлежност за изрекување санкции за сторителите, па може да се каже дека сторителите во постапките пред Уставен суд уживаат привилегиран, заштитен статус на неказнивост.

Забелешка:

Иницијатива за оценка на уставноста на ЗКП е поднесена до Уставниот суд, пред скоро година дена.

Поднесени се и приватни тужби до надлежен суд за повреди на ЧП, после одбивање од ЈО. За жал, со очекуван епилог…