На 30 септември ќе одам или на море, или на планина, на езеро покрај некоја река или ќе си останам дома. Референдумот ќе го прескокнам,  без разлика каква идеја или заклучок ќе му падне на Зоран Заев во умот!

Коле Манев

Актуелната власт и нивните поддржувачи, ангажирани да одработат успешен референдум (успешен за нив) се нафрлија на опозицијата, посебно на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицковски, обвинувајќи го дека нема став! Заев ги разбира тие што ќе излезат да гласат „ЗА“, бидејќи и тој ќе гласа така, ги оправдува и тие кои ќе се изјаснат со „ПРОТИВ“ (зашто тие му требаат за цензус), ама човекот не можел да ги разбере тие што ќе решат да останат дома, тие што ќе решат да не излезат на гласањето.

Нив ги третира како граѓани кои не си го сакат сопствениот народ и кои се непријатели на државата! А, суштината на секој референдум е да се остават  граѓаните на мир, да не се тормозат со силни и лажни пропаганди и според нивната совест и убедување да излезат и да го дадат својот глас „ЗА“ или „ПРОТИВ“.

Во случајов, тие што нема да излезат да гласат, имаат исто такво демократско право како и тие што ќе излезат. Нивната апстиненција е протест против лошиот договор склучен во  Преспа. Чудно е тоа што во помпезната кампања на власта, договорот од Нивици скоро и да не се споменува, а постојано се блада за НАТО и ЕУ. Наспроти тоа, целта на овој референдум е токму договорот од Преспа, со кој се бара промена на името и Уставот, а склучен меѓу министрите за надворешни работи на двете земји. И во овој случај Зоран Заев  заедно со случајниот Никола Димитров и магичната Шеќеринска повторно посегнаа по кондоми полни со боја со намера да не замајат со колоритна магла дека референдумот е за влез во ЕУ и НАТО и дека оваа историска шанса треба да ја зграпчиме со двете раце!

Во изминативе десетина дена не посетија врвни политички личности од Европа и светот. Ако, добродојдени се, нека повелат нека се прошетат и нека ги видат убавините на нашава земја, иако, вВо име на вистината, на некои од нив тешко им паѓа да го изговорат името на државата во која престојуват.

А, се добива впечаток дека луѓево многу не сакаат! Посебно Ангела Меркел која дојде да не увери дека сето ова не е никаква уцена, туку прво треба да се реши проблемот со името за потоа да добиеме влез во волшебниот свет од ЕУ.

Од друга страна, си велам, кога толку не почитуват и ценат, зошто не сакаат да не примат во високото друштво такви какви што сме, со нашето име, идентитет и култура!? Со Грција тешко можат да излезат на крај, полесно им е целиот товар да го префрлат врз нас, во интерес на добрососедството и мирот во куќата! И господинот Јоханес Хан ни посочува дека без решение за името, вратата за влез во ЕУ ќе биде затворена!

Но, ако ги послушаме и го направиме тоа, во таков случај што ќе им сме ние во ЕУ, бележани и жигосани? За да делуваме како безвредни балкански отпадоци!?

Штом овие умни високи политичари така ни велат, ние, демек, да береме ум, оти тие за тоа што го велат треба да имат некоја силна причина. Патем, идејата на Жан Моне за сојуз на европски заедници е полна со прогресивни вредности. За жал таквите идеи не се реализираат лесно. Денес бирократите од Брисел тешко се справуват со основните цели на демократијата, неа ја применуват само каде  ќе стигнат и како ќе посакат. Унијата ја чека долг пат за да биде вистинско демократско седиште. Тоа го тврдат и челни политичари од значајни земји членки на ЕУ. Зошто тогаш нашиот референдум доби толку на значење!? Наредната година ќе се случат избори во институциите на Унијата, со тоа можно е да провеат поинакви ветришта. Секој, при крајот на еден мандат, посакува сите задачи да бидат средени и чисти. Ретко кој посакува да остави нерешен случај, а проблемот со нашето име кој го има Грција е еден од нив. Оттука и силните совети и препораки за референдумот да биде ,,успешен“. Токму затоа, нашиве пуздер политичари ни се претставуват како прогресивни дарители кои носат политички торби полни со благосостојби.

Но, реалните состојби се малку поинакви. Во наредните десет години (па и повеќе) Македонија нема шанси да влезе во ЕУ. Што ако во тој период се случат промени во самата Унија, на пример, во одреден период да нема проширување на нови членки, нешто што се најавува од важни лидери, а за возврат ние ставаме на маса се што претставува наш историски белег, традиција и култура? Зошто референдумот е популарен и интересен за сите актери, домашни и надворешни кои посакуват тој да биде успешен? Според суштината на секој референдум, одлуката за резултатот, ваков или поинаков, ја носиме ние граѓаните, а со тоа одговорноста и последиците, позитивни или негативни, се исклучиво на нас граѓаните. Силната пропаганда и бројните, да речеме добронамерни, совети од надвор, можат да создадат забуна кај граѓаните и да гласат спротивно на нивната волја и желба. По исходот на референдумот, сите советодавци кротко ќе си заминат дома, а од друга страна граѓанинот останува сам со својата одлука и со последиците, какви и да се. Се добива впечаток дека нашиве домашни политички праматари и нивните верни поддржувачи, со позитивен референдум ќе имат алиби за нивна ментална хигиена, дека тој ќе им дојде како духовен детергент или мирислив сапун со кои ќе си ги исперат рацете и образите, за утре да можат да речат: Ние ништо не направивме, граѓаните на демократски начин така одлучија! Сигурно е дека товарот ќе остане врз плеќите на нас, граѓаните. Токму затоа на 30 септември ќе одам или на море, или на планина, на езеро покрај некоја река или ќе си останам дома. Референдумот ќе го прескокнам,  без разлика каква идеја или заклучок ќе му падне на Зоран Заев во умот!