Многу земји имаат мафија, но само во Македонија, мафијата си доби своја земја. Република Македонија се претвора во ветена земја за криминалците и тоа нема да се смени со промената на името и идентитетот што ги предлага Заев.

Ова се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

– Безбедноста е нарушена, луѓе се убиваат, физички напаѓаат по улици, а одговорност нема за никого. Главниот град Скопје наликува на сцена од криминален филм, а не на град каде што граѓаните можат да живеат без да се плашат за сопствениот живот и животот на најблиските. СДСМ ја уништува државата, а безбедноста на граѓаните е ставена под знак прашалник. Откако е СДСМ на власт секојдневно сме сведоци на насилства по улиците, неразјаснети убиства и криминални вооружени пресметки низ целата држава. Едноставно криминалот царува а безбедноста не ја гарантира никој. Брутални убијци се шетаат на слобода, а доказ за тоа е егзекуторот што среде бел ден, на прометна улица го ликвидираше младиот фудбалер Мартин Јанушев. Поминаа десет месеци, против убиецот нема никаква постапка и не е приведен, се вели во соопштението.

Натаму се додава дека наместо СДСМ и Оливер Спасовски да работат за граѓаните, тие ја загрозуваат нивната безбедност.

– Додека криминалот, насилството, уцените и хаосот царуваат по улиците низ Македонија, Зоран Заев забрзано ги распродава националните и државни интереси на Република Македонија. Зоран Заев ги прифати сите грчки барања, прифати ново име за севкупна употреба, се откажа од македонскиот идентитет и се согласи на бришење на македонската култура и историја. Граѓаните не паметат кога МВР последен пат расветлиле некој криминален случај. Граѓаните со право стравуваат за својата безбедност. Криминалците слободно се шетаат на улица и ги загрозуваат мирот и стабилноста во нашите населби. Оливер Спасовски ја претвори МВР во нефункционална институција. Тој нема капацитет да го води МВР. Време е Спасовски целосно да се посвети на партиската агенда и да си замине од ресорот. Така граѓаните ќе имаат помала штета, се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека хаосот кој го креираат Заев и СДСМ мора да престане, а криминалот и насилството мора да завршат.