Коле МАНЕВ

За дејствијата од  Втората светска војна напишани се десетици, стотици, да не речам илјадници книги во кои се споменува и раскажува за период во кој, за жал, се применуваа најгрозоморните идеи кои се појавија   во историјата на човечкиот род, како негација и истребување на цели народи. Имам една книга, која многу одамна ја имам купено во Париз, која зборува за некои случувања врзани за споменатата војна. Не дека мојата книга  е најважна, туку секоја книга, без разлика кога е купена или колку е стара  вреди одвреме навреме да се прелистува. Неа ја посочувам бидејќи на многу едноставен и популарен начин не потсетува на некои историски вистини и   трагични настани кои се случија за време на Втората светска војна. Книгата е издадена од познатата издавачка куќа од Париз ,,Robert Laffont“  (Роберт Лафон) во едицијата ,,L’histoire en 1000 images“  (Историјата во 1000 слики). Насловот на книгата е ,,La guerre 1939-1945“ (Војната 1939-1945), автор на книгата е ,,Bernard Iselin“ (Бернард Иселин) а воведот е напишан од генерал ,,Piere Billotte“ (Пиер Билот).

Во книгата, како што споменав, на визуелен и едноставен начин, преку 1000 фотографии, пропратени со кратки текстови, се раскажани главните причини и дејствија кои се случија за време Втората светска војна. На страниците 80 до 83 од книгата се опишани воените операции кои се случиле на просторот од Балканот. На овие страници, авторите велат:

..На 6-ти април, во зори, од 1941, педесет и пет германски, италијански, унгарски и бугарски дивизии тргнуват кон нивните цели. …Една панцер дивизија од Бугарија влегува во Македонија“.

Понатаму во книгата со фотоси и кратки текстови се сведочи како географскиот простор од Балканот е поделен меѓу германските и италијанските воени сили.

Знам дека некои ќе речат дека минатото треба да го заборавиме и  да гледаме кон иднината. Би можело таквата мисла да се прифати кога се промовира и има чесни намери. Во денешно време лудост е ако некој е против добрососедство и пријателство меѓу народите, посебно кога станува збор за просторот  од Балканот. Историјата не потсетува дека во тоа тмурно време, кога бугарските политичари (не велам бугарскиот народ) беа верни сојузници на Адолф и Бенито, се колнеа во нив и им беа благодарни токму на Бенито и Адолф што им овозможија со воени дејствија да заземат туѓи територии односно делови од Македонија. Тогашните политичари на Бугарија славеа што се сојузници на Бенито и Адолф кога со нивна помош конечно им се оствари сонот на големо бугарските визии. Тогаш беше тогаш, денес сите знаеме како завршија Адолф и Бенито заедно со нивните апокалиптични идеи.

Од сегашен агол чудно е што денешниве бугарски политичари (повторувам не бугарскиот народ) повторно од позиција на сила и моќ, бидејќи Бугарија е членка на ЕУ и НАТО, почнуват да применуват методи од минатото! Со уцени посакуват да  присвојат куп историски личности кои се наши, а не нивни, дури одат дотаму што нивната министерка за надворешни ни дава ултиматум да си одбереме датум од кога почнува нашиот идентитет! И каква политичка небулоза, според неа нашиот идентитет почнал или треба да почне од крајот на Втората светска војна во време кога тогашните бугарски политичари беа верни и благонаклонети сојузници на Адолф и Бенито.

Како можеме да гледаме кон иднината кога од нашиве соседи постојано ни се нуди и фрла во лице минатото? Не би сакал да верувам дека денешниве бугарски политичари потајно посакуват да најдат во ЕУ и НАТО некоја нова или слична  појава како Адолф или Бенито. И тие се свесни дека такво нешто тешко ќе можат да најдат. Денес во дваесет и првиот век тоа би била невозможна мисија. Денешниве бугарски политичари се доволно итри и префригани, знаат дека и без Бенито и Адолф можат да добијат се што ќе посакат од нашиве домашни ,,шутраци“ – политичари кои ги имаат ставено во скут и ги вртат како сакаат. Борисов, Каракачанов и министерката за надворешни работи, нивниот остроумен притисок точно го имат насочено кон нашиве домашни квази  политичари, добро ги имаат проценето, знаат дека  овие фучкаат за име, ич не им е гајле за историја и идентитет, спремни се да разнебитат се што ќе им дојде при рака само да останат на  власт за да ги заштитат нивните лични и партиски бизнис интереси.