Коле Манев

Во Париз, во Меѓународниот центар на уметностите (Сите де арт) делуват околу 350 сликарски атељеа. Од пред десетина години и Македонија се стекна со свој ликовен простор во кој многу наши ликовни творци имат можност месец или два да престојуват во градот на светлината.

Од лични причини никогаш досега не сум престојувал во нашето ателје во Сите де арт, оставајќи простор за помладите колеги да ја искористат таквата привилегија. Долги години престојувам во оваа институција, се стекнав со пријатели и секогаш ми излегуват во пресрет да престојувам во некое слободно студио на градот Париз кој поседува дваесетина ликовни простори.

Во комплексот од градби на Сите де арт, македонското ателје се наоѓа на третиот кат од блокот Б. Лево од нашето се наоѓа тоа на Русија, десно е просторот на Институтот за уметност од Јангжи-Кина, до него е фондацијата за сликарство на Шведска. На секоја од вратите од сликарските простори е напишано името на земјата на која и припаѓа.

На нашето стои запишано ,,Ателје на Република Македонија“ тоа беше и наша желба, на неколку колеги сликари од Македонија. Кога се преговараше за купопродажбата на просторот баравме да биде забележано не како „Бивша југословенска република Македонија“, или „Екс републик југослав де Маседоан“, туку Ателје на Република Македонија, и денес така стои на вратата од нашиот сликарски простор во Сите де арт.

Во ова институција постои традиција во текот на месеците декември и јануари секој од колегите дојдени од целиот свет да може да го отвори студиото, ден или два во форма на мини изложба. Во овој двомесечен период беа отворени педесетина сликарски простори во форма на ,,Отворено студио“ со што се стекнуват нови познанства со колеги од сите пет континенти.

Во студиото во кое престојувам, во наредните два дена одлучив да го отворам во форма на мини изложба, како претставник на ликовен уметник од Република Македонија. Од една страна знам дека студиото ќе го посетат колеги од другите ателјеа и важно ми е што можеби тоа ќе биде можеби за последен пат (дај Боже да не биде така) да се претставувам како сликар од Македонија, доколку на политичките и културни злосторници какви што се Зоран Заев и нарцизоидот Никола Димитров им појде од рака да го извршат тоа што го наумиле, односно да не прекрстат во Северна.

Тоа ќе значи дека оваа моја мини изложба ќе биде последна со која ќе можам да се претставувам како сликар од Македонија. Во иднина тоа ќе биде како „Северен“ нешто што е многу некултурно и крајно нечовечки. Можеби некој ќе рече ништо страшно што на вратата од нашето ателје во Сите де арт нема повеќе да стои Република Македонија туку Северна Македонија. Но, уште колку вакви навидум неважни случаеви ќе се променат, ќе се избрише името на државата Македонија и ќе се додаде Северна. Се прашувам како овие двајца културни натрапници, и тие околу нив, ќе можат да го носат историскиот товар макотрпно стекнат и кој непотребно го валкаат!?