„Денеска сме овдека заедно со пазарџиите и разговаравме за проблемите кои што ги имаат, разговаравме за новото законско решение кое што го донесе Владата на СДСМ и ДУИ, го слушнавте, го видовте впрочем револтот и вие од ова законско решение. Она што уште е потрагично е што не се обидува да се најде вистинско решение за проблемите на овие луѓе, туку истото се пролонгира за една дополнителна година. И се обидуваат повторно со игра на ниски страсти да манипулираат со овие луѓе така што би ги обезбедиле да речеме нивните гласови за следните претседателски. Јас верувам дека ќе се одважат еве денеска е петок, рекоа дека ќе донесат одлука и за предвремените парламентарни избори“, изјави денеска Христијан Мицкоски при средбата со пазарџиите.

„ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата „За подобра Македонија“ и пратеничката група, еве тука е со мене и координаторот на нашата пратеничка група, во рамките на Собранието поднесе закон со кој што практично бараме укинување на ова законско решение по итна постапка. Ќе се организира јавна расправа, на истата јавна расправа ќе бидат поканети и луѓето тука од пазарите во Република Македонија да можат да си ги кажат маките, и да можат политичарите од владата да ја слушнат вистинската вистина и вистинските сведоштва на овие луѓе за сите овие проблеми со кои што они се соочуваат. А, не само да ветуваат пред избори, а потоа фино залегнати со топлинки, и навлечени во кожни фотелји да носат законски решенија од ракав што не само што не се функционални туку и носат зло за оваа категорија на граѓани“, додаде Мицкоски.

Според Мицкоски, доколку СДСМ и ДУИ одлучат денеска да има предвремени парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе победи на тие предвремени парламентарни избори. И една од првите одлуки на таа нова влада ќе биде укинување на ова законско решение.

-Ние не покриваме овде толку трошоци. Јас ако направам денес 500 денари, за мене се 100 денари. УЈП ми зема мене 9000 денари. Скопски пазар ми зема 5500 денари секој месец. Работел, не работел, секој месец на 1-ви  морам да платам. Ние немаме капацитет да покриеме такви трошоци. И сега сакаат со нов сатар да не заколат? Нека ни ја земат и душата, истакна еден пазарџија.