Коле Манев
По овие божествени Велигденски празници, мислам дека Македонија ќе воскресе. Те гледам дека не ти се верува, но така ќе биде. Многумина не веруваа дека Божјото чедо Исус ќе воскресне, а сепак тоа се случи. Токму затоа во овие празнични Велигденски денови го славиме Христовото воскресение. Така ќе биде и со Македонија кога на 5 мај од навредена и понижена држава ќе го добие својот вистински лик. Ќе стане нормална правна држава во која не ќе можат разноразни самобендисани измамници и лажговци да си играт мајтап со државава. Те гледам се поднасмевнуваш и мислиш сево ова што ти го кажувам е шега. Знам дека знаеш дека и во најголемите шеги има вистина, бидејќи од памтивек шегите служат за да се посочи вистината и тоа правата, вистинската вистина.
Пред некој ден еден мој пријател ми раскажа негова верзија на еден настан кој се случи во седиштето на ЕУ, а актери беа високи европски лидери. Случката што ми ја раскажа пријателот делува како шега, ама потајно има длабока вистина со порака и тоа од европски димензии. Според кажувањата на пријателот, се почна кога Меркел и го понуди на Тереза Меј својот таблет да види што има забележано во него како слика и збор. За жал камерата, односно новинарот кој го снимаше настанот, беше во таква положба која не можеше да открие што содржи таблетот на Меркел. Тоа што можеше да се види, беше дека Меркел и Меј почнаа слатко да се смеат.
Пријателот кој ми ја спомна ова негова приказна, тврди дека од сигурни извори добиени од негов познаник кој бил присутен на настанот во Брисел, и го слушнал разговорот кој го воделе Меркел и Меј. Наводно, Меркел ја замолила Меј да не го ослободува британското столче сега, на овој самит за Брегзит, туку тоа да го направи во некое догледно време. Кога Меј ја запрашала Меркел зошто такво нешто, таа одговорила: Драга Меј, ако сега го ослободиш британското столче, меѓу тие кој посакуват да седнат на вашето столче е и еден премиер на мала налканска земја кој од петни жили тоа сака да го направи. Драга Меј не го ослободувај столчето, не сега, зошто ќе биде опасно за самата Унија. Човекот наутро кажува едно, попладне друго, наредниот ден трето. Ако седне на вашето столче тој е кадарен за две години да ја разнебити ЕУ од пети до глава, како што прави со неговата држава. Овој е човекот за кој ми зборуваш, запрашала Меј, гледајки во таблетот на Меркел? Да тој е, одговорила Меркел.
Меј почнала гласно да се смее по што и се придружила во смеењето и Меркел. Се сеќавам, овој господин ме возеше во скап мерцедес кога ја посетив неговата земја, заклучи Меј. Знам дека тебе те возеше во скапиот мерцедес, но тој што го купи мерцедесот го осудија две години строг затвор поради што беше принуден да побегне во Унгарија. И да не ти кажувам за многу други работи. Последното што го слушнав, господинот како што го нарекуваш, почнал да ги симнува државните знамиња од сите главни градови на неговата земја. Гледаш драга Меј работите се многу сериозни. Ако на вашето столче седне погрешен човек ќе треба да се простиме од ЕУ, дали ме разбираш што сакам да ти кажам? Те разбирам драга Меркел. Брегзит ми е важен, ама не посакувам од нашето столче да произлезат многу недоразбирања околу ЕУ. Меркел, кажи ми што мисли Макрон за ова работа? О, драга Меј, Макрон не сака да чуе за вакви хазардни играчи. Макрон дури мисли да го промениме Шенгенскиот договор, да скроиме нов со редуциран состав. Ме разбираш Меј нели? Да, Меркел. Нашето столче ќе го држиме до 31 октомври, потоа ако треба ќе продолжиме и понатаму. Светот во кој живееме е чуден и треба голема внимателност. Драга Меј, во историјата ќе влезеш како личност која во критичен момент правилно постапи за демократскиот напредок на цела Европа.
Тоа е приказната која ми ја раскажа мојот познаник кој живее во Долно Дупени и денес ќе одам да го посетам. Пријателе, кога ќе стасаш во Долно Дупени поздравиго пријателот твој и мој. Приказнава незнам дали е твоја или ти ја раскажал твојот познаник. Не сакам да знам дали е шега или вистина. Сакам да ти кажам дека многу ми се допадна, ми личи на приказна која доаѓа од Долно Дупени. Верувам и искрено сакам на 5 мај Македонија да воскресне а потоа право во ЕУ. Среќен пат и се гледаме на 5 мај, кога Македонија ќе воскресне.