Коле Манев

 

Францускиот политичар Жорж Клемансо (1841-1929) има речено:

„Во политиката се лаже пред и по секои избори, се лаже кога има војна но најмногу се лаже пред и по секој скроен политички договор.“

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во име на Владата го потпиша договорот во Нивици како што тоа го направи Никос Козијас во име на Грција. Истиот овој Никола Димитров, на еден британски ТВ канал на прашањето на новинарот што мисли за македонското малцинство во Грција, во улога на важна личност и голем победник, рече дека тој толку е поврзан со Преспанскиот договор што како голем страдалник го сонува скоро секоја вечер! Не најде за потребно да одговори на прашањето, туку како итра лисица кога се наоѓа во небрано, опашката ја врти лево, а бега десно. Глупостите на Димитров не завршија таму во Лондон. Да беше така, ќе можеше да се каже дека секој може да погреши, односно според тезата на Клемансо да излаже.

Димитров како потписник од Нивици не застанува тука, кога се најде во блиска средба со грчката министерка Сиа Анагностопулу, сакајќи да ја успокои, откако по обичај прво провери дали копчињата од палтото се добро наместени, па потоа ја стегна и вратоврската околу тилот, како голем џентлемен повторно почна да сонува и во бунило изјави:

„Согласно членот 7 и духот на Преспанскиот договор, македонскиот јазик кои го говорат граѓаните на (неговата Северна) Македонија и неговите дијалекти немаат никаква врска со идиомите што ги говорат грчките Македонци!“

Се разбира Сиа си замина презадоволна што по ваквата изјава на Димитров во иднина ќе нема никакви недоразбирања околу јазикот кој го говорат грчките Македонци. Познато ни е дека овој заспан месија, Никола Димитров, лаже кога ќе му текне, но вакво лажење ги поминува и кажувањата на Клемансо. Убеден сум дека Димитров и самиот не верува во тоа што го кажува. Ако е така како што говори во таков случај како комуницира со неговиот татко кој е роден во Егејска Македонија-Грција, каде што сум роден и јас и илјадници други прогонети и бегалци од просторите на (Северна) Грција? Ако јазикот кој го говорат грчките Македонци е идиом на грчкиот јазик или е производ на не знам што друго, тогаш како досега комуницирав со моите најблиски, мајка, баба, тетки, стрини и куп други блиски роднини кои воопшто не го познаваа грчкиот јазик?

Или можеби Димитров верува дека се разбиравме со мимика или со некакви други гестикулации?  Во Костурско, Леринско и Воденско и денес со извесен дијалект, какви што се присутни во секоја држава, се говори на македонски јазик и покрај многуброините притисоци и тортури кои во одредени периоди од историјата ги вршеа грчките власти. Можеби Димитров верува дека кога заспал во Нивици во неговите сништа почнаа да се случуват чуда од големи размери. Се прашувам дали заспаниот Димитров слушнал некоја песна испеана од грчки Македонци (Егејци) и на кој јазик тие се испеани кога во песните говорат за Шекерна, за Воденски цреши или за Костурско симиче? Во право е Клемансо кога вели дека најмногу се лаже пред и по потпишување на некаков политички договор.