Руското влијание во Албанија не е никаква тајна, бидејќи Русија не е поддржувач на проширувањето на ЕУ, одговори на новинарско прашање претседателот на албанската Влада, Еди Рама на заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, во врска со информациите дека албанската обединета опозиција има поддршка од Москва.

– Русија не е земја обожавач на ЕУ и на проширувањето на ЕУ и природно не може да има поддршка за европскиот напредок на некоја од земјите од Западен Балкан. Ова не е тајна. Ние имаме национална агенда чија главна цел е да се обединиме со европското семејство, изјави Рама.

Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија (ПД), Љуљзим Баша, претходно, ги отфрли тврдењата дека обединетата опозиција има подршка од Москва за одлуката да се откаже од пратеничките мандати и масовните антивладини протести.

Баша нагласи дека оние што ги пласираат ваквите измислици „се од времето на Енвер Хоџа“, додавајќи дека тој е „најпроевропскиот политичар што Албанија го има денес“.